08 Јули, 2024
0.0301

Анализа на буџетските трошоци за новите владини мерки

Објавено во: Анализа, Економија 21 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Буџетска сложувалка

Нови, но непланирани мерки за подобрување на социјалниот статус на неколку групи граѓани, се воведоа последниов месец. Таблети за ученици, зголемени плати за полицијата, социјална помош, стипендии и нови мерки за вработување..., мерки кои ќе го чинат буџетот најмалку 500 милиони денари, што изнесува околу 0,3% од вкупните расходи. Дискутабилно е дали овие средства се многу или малку, но потребно е да се знае какви ефекти ќе предизвикаат врз корисниците и од каде ќе се финансираат. Најавата за поголема социјална помош веројатно ќе израдува широка маса на граѓани, но реално ова покачување нема да го реши проблемот со сиромаштијата, ниту пак ќе ги реши проблемите на сиромашните лица. Потребни се поструктурни промени како овозможување еднакви можности за најсиромашните, зголемување на нивната инклузија во општеството, поттикнување на нивната вработливост и градење вештини и најзначајно, зголемување на можностите за образование. Кај можностите за образование, наместо мерки фокусирани на зголемување на образованието и вештините на најранливите граѓани, поттикнување и поддршка на талентирани деца од сиромашни семејства и воведување образовни програми кои ќе го подигнат квалитетот на образованието, се воведува мерка за купување таблети. Истовремено се воведоа и нови мерки за вработување за млади лица до 35 години и повозрасни граѓани. Овие мерки имаат структурна компонента, насочени се кон решавање на еден од најголемите проблеми во земјата, невработеноста. Кај младите, овие мерки ќе ја зголемат вработливоста и ќе помогнат во спречување на ерозија на вештините, а на возрасните кои останале без работа ќе им ја зголемат социјалната сигурност. Но, овие мерки се само капка во морето, бидејќи учествуваат со само 0,18% во вкупните расходи.

trosoci za najnovite vladini merki

Трошоци за најновите владини ветувања (милиони денари)

На крај, останува отворено прашањето што секој граѓанин си го поставува, од каде ќе се финансираат овие непланирани трошоци? Во моментот не постојат позначајни изгледи дека приходите ги надминуваат буџетираните износи, за да послужат како извор за финансирање.

Алтернативите се или да се прибегне кон задолжување или да се направи ребаланс на други ставки. Експертската јавност а и меѓународните институции кои ја следат економијата на земјава  повеќепати апелираа да се внимава со задолжувањето, а посебно задолжување за непродуктивни цели. И реалокација на средства не е решение со оглед на досегашните искуства кои покажуваат дека најчесто, истата се прави на сметка на капиталните расходи. Има ли Владата соодветен извор на средства за новите мерки, останува мистерија.

Б.П (Finance Think)