20 Април, 2024
0.0255

Анализа на „Фактор“: Колку пари вртат најголемите играчи во бизнисот со флаширана вода?

Пелистерка, Кожувчанка или Добра вода - Кој им „испи“ повеќе пари на купувачите?

Објавено во: Анализа 05 Јули, 2017

Добивај вести на Viber

Во период кога температурите достигнаа над 40 Целзиусови степени и се зголеми потрошувачката на вода и безалкохолни пијалоци Фактор истражува кој од трите најголеми брендови во Македонија покажал најдобри финансиски резултат за 2016 година и перспективно каков тренд на движење има. Гледано според пазарните услови Пелистерка, Кожувчанка и Добра вода се меѓу најприсутните брендови  кои често водат рекламни кампањи. Според билансите на успех на АД Пелистерка, Кожувчанка ДОО и Магрони ДОО компанијата која ги полниминералната Добра вода и изворската Ладна, пазарот на безалкохолни пијалоци во Македонија претставен од овие три фирми во 2016 донел вкупно 22,3 милиони евра приходи.

Сите три брендови кои се предмет на оваа анализа  ќе се види дека имаат помали приходи споредено со на пример најголемата домашно поседувана пиварница АД Прилепска пивара која минатата година ја заврши со вкупен приход од 25.8 милиони евра, што кажува дека Македонците можеби повеќе сакаат пиво. Ако се гледа само добивката трите компании за пијалоци Пелистерка, Кожувчанка и Магрони заработиле вкупно 900 илјади евра „чисти пари“.

Кожувчанка во 2016-та остварила вкупни приходи од 11,8 милиони евра што е за околу 400.000 евра повеќе во однос на истиот период во 2015 година. Лани Кожувчанка со зголемената активност на пазарот стигнала и до многу повисоки трошоци во вкупна висина од 10,7 милиони евра што е за речиси половина милион евра повеќе. Тоа доведува до пад на вкупната добивка за околу 80 илјади евра и Кожувчанка во 2016 година профитирала „само“ половина милион евра.

Пелистерка губи најголем дел од своето пазарно учество. 2016 година ја бележи како послаба во однос на годината претходно и разликата во приходите изнесува речиси 1,6 милиони евра помалку. Со вкупни приходи од 7,5 милиони евра и расходи од 7,1 милиони евра се добива краен резултат каде профитот изнесува 300 илјади евра или за околу 150.000 еврапомалку во однос на 2015-та. Тоа е пад од околу 33%.

Магрони ДОО Скопје своите брендови на вода ги полни од кратовски извори. Според билансот на успех Магрони има подобрени финансискирезултати бидејќи и покрај падот на вкупните приходи крајната добивка од околу 200 илјади евра е во плус, а тоа се должи пред се на намалувањето на вкупните расходи за околу 700 илјади евра. Магрони 2016-та ќе ја памети по зголемената добивка за околу 50% во однос на една година пред тоа. Сепак, вкупно приходите за 2016 година се намалени за 16% и изнесуваат 3,5 милиони евра.

Ако се спореди пазарот на безалкохолни пијалоци, односно делот кој го држат Кожувчанка, Пелистерка и Магрони со 2015-та година ќе се забележи мал пад, како на нивните вкупно реализирани приходи, така и на добивките. Трите компании од пред речиси две години заедно оствариле 24,1 милиони евра вкупни приходи. Дека 2015 била подобра говори и податокот вкупната добивка на Кожувчанка, Пелистерка и Магрони била повисока и изнесувала нешто над 1 милион евра.

Автор: Христијан Станоевиќ