29 Септември, 2024
0.0245

АНАЛИЗА: Од каде дојдоа исламистите во Босна?

Објавено во: Анализа, Балкан 23 Март, 2015

Добивај вести на Viber

Постојано има сомневање дека Босна и Херцеговина е гнездото на радикалните исламисти, некои од кои се борат за „Исламска држава“ во Сирија и Ирак. Од каде се зедоа тие луѓе и каков е босанскиот ислам?

Истата провокација се повторува редовно: во малото село Горна Маоча во североисточниот дел на Босна постојано се појавуваат знамиња на т.н. „Исламска држава“ ИД над една куќа. Реакцијата на властите по правило не е задоцнета: Босанската Агенција за национална безбедност „SIPA“ (State Investigation and Protection Agency) од Сараево пристигнува во тешко достапното село, само дотогаш борците по правило веќе се исчезнати.

Властите на Босна и Херцеговина не уживаат голема почит од страна на локалното население, бидејќи ја имаат славата на бавни и корумпирани. Во случајот со радикалните исламисти сепак, тие едвај можат да бидат обвинети за неактивност. Властите станаа особено будни и активни, откако во 2011 година 23 годишниот Мевлид Јашаревиќ, вооружен со автомат Калашников, сред бел ден се обиде да ја нападне американската амбасада во Сараево. Во јуни минатата година беше донесен закон, кој им забранува на граѓаните на Босна и Херцеговина да се борат за странски земји и армии. Кој ќе им се приклучи на џихадистите или сам тргне на џихад може да биде осуден на затворска казна до 10 години.

Покрај случајот со Мевлид Јашаревиќ, многумина Бошњаци за прв пат го слушнаа името на селцето Горна Маоча, од каде потекнувал атентаторот. Дури и неговиот надворешен изглед, со густа брада и долга облека - што наликува на припадниците на вахабизмот. Тоа е текот на сунитскиот ислам кој се практикува на пример во Саудиска Арабија. Неговите приврзаници понекогаш се нарекувани и салафити, без оглед на тоа што двете ултрарадикални струи се разликуваат во некои односи. Заедничко за нив е дека пропагираат „враќање кон корените“ на исламот, под тоа мото тие го разбираат почитувањето на догматските и сурови верски прописи.

Европски ислам

Оваа разбирање за исламот сепак е целосна спротивност на сунитско-ханефитскиот ислам, кој со векови се практикува во Босна и Херцеговина, вели професорот по исламска теологија на Универзитетот во Сараево Енес Кариќ. Османлиското владеење над Босна и Херцеговина започнува во 1456 година, и со него започнува и процесот на исламизацијата на локалното население.

Овој процес сепак се одвива постепено, во текот на повеќе од 160 години, вели Кариќ. Може и да имало луѓе кои го примале исламот по религиозно убедување, но поголемиот дел од локалното население сепак се исламизира од прагматични причини, поради тоа што даноците за муслиманите во Отоманската империја биле пониски од оние другите, поради тоа дека за муслиманите биле задржани сите високи позиции во државната администрација, како и правото да поседуваат земјиште.

Исламот во Босна и Херцеговина се развива како „градска вежба“, чии најважни интерпретации доаѓале од градските места, т.н. училишта за изучување на Куранот. Освен тоа исламот во Босна и Херцеговина не е „затворен во себе“, тој секогаш се наоѓал во постојан дијалог со другите религии на земјата: католицизмот, српското православие и еврејството.

Особено по 1878 кога Хабсбуршката династија ја окупира Босна и Херцеговина, локалните муслимани почнуваат да живеат во допир со една секуларна империја, во која религијата игра улога, но не доминира над секојдневието. Можеби затоа модерните жени во денешна Босна и Херцеговина се сметаат за вистински муслиманки, макар и да не носат исламски шамии.

Тоа што за разлика од овие толерантни традиции на исламот во Босна и Херцеговина се појавија и претставници на крајното ухабитско учење, се должи пред се на војните околу распадот на поранешна Југославија од 1992 до 1995. Во тоа време пристигнуваат голема група на волонтери од различни исламски држави, за да се борат на страната на муслиманите. По војните не сите борци ја напуштија земјата. Многу од нив зедоа босански пасоши и почнаа да ги регрутираат приврзаниците за радикалните идеи кај младите Босанци. Како што и  голем број на богати фондации од Саудиска Арабија почнаа великодушно да ја финансираат изградбата на џамии и популаризација на вахабистичкото учење.

Проблемот со странските борци

Од редовите на овие „нови“ муслимани очигледно потекнуваат и се споменувани од медиумите околу 160 Бошњаци, за кои се тврди дека се бореле за „Исламската држава“ во Сирија и Ирак. Нивниот радикализам не се одобрува ниту од Хоџа во босанските џамии, ниту од мнозинството на муслиманите во Босна и Херцеговина. Само дека сиромаштијата и лошите економски погледи на земјата се стимулираат со радикализирањето во религиозната област, тврди Денис Грац, претседател на Социјал-либералната партија „Наша странка“.

Во исто време има и босански политичари кои со „додворување“ кон турскиот претседател Ердоган кој се смета за поборник на неоосманската линија во турската надворешна политика и за еден конзервативен ислам, од кој се претпоставуваше дека Турција одамна се откажала. Грац, кој и сам е муслиман, вели за својата татковина: „Тука во Босна живееме според правилата на еден ислам, чија традиција е сосема своевидна, европска. Секуларниот карактер на државата за нас е нешто природно и воопшто не се става под прашање на мнозинството“.

Во истражувањето на Американската воена академија „Вест Поинт“ аналитичарот Стивен Олуич сосема точно ја опишува дилемата во која се наоѓа Босна и Херцеговина, но и во западната меѓународна заедница: „Способноста на Босна да им се противи на екстремистите и на еден радикален ислам силно зависи од постојаниот ангажман на Западот за овој регион, како и од способноста на умерените босански муслимани да се соочат со предизвиците на радикалниот ислам“. Барем вториот изгледа загарантирано, бидејќи мнозинството на муслиманите во Босна и Херцеговина ги отфрлаат радикалните толкувања за исламот.