28 Септември, 2024
0.0253

АНАЛИЗА: Потрошени се две третини од буџетскиот дефицит – ребалансот извесен?

Објавено во: Анализа 29 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

За четири месеци, или почнувајќи од јануар, заклучно со април се потрошени скоро 200 милиони евра од буџетскиот дефицит. Најновите податоци на Министерството за финансии за буџетските позиции во април покажуваат дека во однос на март има раст на приходите и намалување на расходите. Податоците укажуваат дека во април реализацијата на капиталните инвестиции е пониска во однос на март. Затоа пак има значаен пораст на расходите за камати по основ на домашни странски задолжувања. Министерот за финансии најави дека Владата ќе почека уште еден до два месеци за да го анализира трендот на буџетските приходи и расходи, пред да донесе одлука за евентуален ребаланс на буџетот.

Април – рекорден месец за исплата на камати ..

Во април, вкупните буџетски приходи изнесуваат 214,8 милиони евра. Податоците покажуваат дека во однос на март е регистриран пораст на приходите по сите основи. Така, се собрале повеќе пари од носечкиот данок ДДВ, потоа од данокот на добивка, персоналниот данок, акцизите. Само по основ на даночни приходи и придонеси, во април се обезбедиле 182,3 милиони евра.

Од друга страна, во истиот месец вредноста на расходите изнесува 234,2 милиони евра. Податоците покажуваат дека државните трошоци во однос на март се намалени. Пониски трошоци се прикажани за плати, трансфери и за социјална заштита. Од дрга страна, во април повисоки трошења имало за стоки и услуги 29 милиони евра, за социјални трансфери скоро 10 милиони евра и за здравствена заштита 29 милиони евра.

Во однос на март пак има намалување кај капиталните инвестиции. Имено, во април вредноста на расходите за капитални инвестиции изнесувала 27,4 милиони евра или за нешто повеќе од 2 милиони евра пониско ниво во однос на март.

По јануари, април е втор месец во кој е измерено највисоко ниво на расходи по основ на камати за домашни и странски задолжувања. Во април за исплата на камати се потрошиле скоро 7 милион евра, што е за 4 милиони евра повеќе во однос на мартовските трошења за камати.

Ребаланс – да или не..

Од почетокот на јануари заклучно со април државата потрошила 200 милиони евра од буџетскиот дефицит од 300 милиони евра, планиран за целата календарска година. Ова значи дека за четири месеци се потрошиле две третини од вкупниот буџетски дефицит. Министерот за финансии вели дека засега сеуште нема потреба од прекројување на буџетските позиции.

“Сезонските фактори понекогаш влијаат во одредени периоди од годината користењето на буџетскиот простор да не биде еднакво, односно да биде помалку или повеќе изразено. Во овој случај стана збор за исплаќањето на субвенциите и исплаќањето на капиталните расходи, односно како што се проектите за почетокот на градбата на автопатите или пак изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица, која што повелече повеќе средства и некои други слични проекти. Останатото е во рамките на планираното, што значи дека во останатитот дел од годината во однос на субвенциите, бидејќи веќе сме исплатиле повисок износ од почетокот на годината, сега ќе имаме помали исплати. Сметам дека е суште рано да се каже дали ќе имаме потреба од ребаланс, ќе почекаме уште месец, два и некаде кон средината на годината ќе процениме дали има потреба и ако има потреба – колкава ќе биде таа, односно колкав ќе биде ребалансот на буџетот“ - изјави министерот за финансии Зоран Ставревски.

Една од клучните причини за генерирање на буџетскиот дефицит, според економистите е токму двојниот изборен кој по правило значи издашност на трошењата.

“Со вакво темпо на трошење речиси е невозможно Владата да го оддржи планираниот буџетски дефицит, кој практично значи задолжување. Точно е дека сега се исплаќаат на пример субвенции кои претходно требале да бидат исплатени. По изборите, кога ќе се запре со исплата на субвенции практично се генерира нов долг по овој основ. Токму на ваков начин, со одложување на обврските се “создава скриен“ дефицит кој е поголем. Од друга страна ние, исто како и лани, можеме да се доведеме во состојба во која Владата ќе троши повеќе отколку што е овластена од страна на Собранието. Сметам дека со сегашното темпо на трошење, буџетскиот дефицит и оваа година ќе се продлабочи а со тоа и долговите на земјата, без разлика дали тоа ќе бидат задолжувања од домашни или од странски кредитори“ – изјави неодамна за “Фактор“ еден од поранешните министри за финансии и екс-гувернер Петар Гошев.

И да сака да посегне по штедење во идниот период, според дел од економистите, Владата нема простор за тоа.

“Мислам дека постизборно идната Влада ќе има две опции, првата да скрати од тековните трошоци. Ние ќе имаме одредено намалување во трошењата, што би било вообичаено за периодот по избори, но тоа нема да биде доволно. Од друга страна, ако се распишат избори за пополнување на пратеничките мандати што нема да бидат прифатени, тогаш се сомневам дека воопшто би имало кратење на трошоците“ – изјави за “Фактор“ професорот Бесник Фетаи и додава:

“Идната влада и да сака, ќе нема простор за штедење. Прво, не може да крати од оние „ригидни“ трошења во кои се вклучени расходите за плати, пензии, социјала, отплата на долгови. Овие расходи ќе мора редовно да се финасираат, односно не можат да се намалат на краток рок. Второ, ако има нов изборен циклус, тоа ќе значи и нова кампања во која секако нема да страдаат ниту капиталните расходи. Решението ќе се бара во продлабочување на буџетскиот дефицит, односно зголемување на задолженоста, особено на внатрешната“.

За годинава Владата прокетираше буџетски дефицит од 3,5% додека според прогнозите на Европската комисија тој ќе изнесува 4,2% од БДП.