29 Септември, 2024
0.0321

АНАЛИЗА: Пресврт или уште еден маневар на Нимиц?

Објавено во: Анализа 30 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Последната изјава на  медијаторот Метју Нимиц дека идентитетското прашање не  е дел од преговорите и агендата на ОН, создаде конфузија во македонската јавност и е дочекана со неверување, но и со неговата претпоставена дипломатска вештина на долги објаснувања, без содржина. Нимиц ја кажа во Скопје, пред посетата на Грција чиј премиер Самарас, во неодамнешна изјава во Брисел го оспори постоењето на македонскиот јазик. Тој е главен поттикнувач на маса да се најде и идентитскиот корпус на прашања. И германската канцеларка Меркел, неодамна во Берлин, не ја исклучи можноста за расправа околу идентитетот. Новинарот Александар Дамовски,  кој  подолг еприод  го анализира јазот помеѓу Скопје и Атина, за Фактор  оценува дека игрите на меѓународната заедница со името и  идентитетските  прашања на Македонија продолжуваат, според системот топло-студено.
„Неколкупати досега медијаторот Метју Нимиц се обидуваше да нè убеди дека едно е граѓанска припадност, а сосема друга е национална, дека во пасошите на сите светски држави националност (natiоnality) значело едно, а не тоа ние што сме го подразбирале, дека не е лошо ако македонски се пишува во ваква или онаква транскрипција, дека придавката македонски може да се користи и јужно и источно од нас. И конечно вчера  за првпат кажа дека во ОН за идентитетот не се преговара. Сметам дека ваквиот пазар нема шанси да помине во Грција затоа што за нив во целата оваа папазјанија најбитни им се токму придавките – македонско, македонски, македонска..  А се надевам дека овој пазар нашите денешни претставници во разговорите со Нимиц го одбија од прва“, прогнозира Дамовски, основач на порталот МКД.
Консултираните новинари оценуваат дека во моментов нема здрава политичка клима за посериозен  исчекор во надминувањето на прашањето за името, а со тоа и шансите Макеоднија  на септемврискиот  НАТО самит да стане членка се  речиси  никакви. Според Слободанка Јовановска од Утрински весник, македонскиот државно-владин врв води алиби политика во дијалогот со Грција.
„Постојаното префрлување на  вината кај јужниот сосед  е бегање од одговорност да го решат прашањето со што би се деблокирале македонските евроатлански аспирации. Во моментов ниту во Скопје ниту во Атина нема клима за посуштински да се навлезе во  преговорите кои се под медијаторство на Метју Нимиц. На Македонија очигледно не ù се брза за членство во НАТО, затоа што ако  властите искрено сакаат да бидеме дел од Алијансата, ќе работеа на тоа. Од друга страна, мислам дека и на Грција не ù се брза бидејќи нивните проценки се дека како ќе минува времето така македонската позиција се повеќе ќе слабее“, вели Јовановска
Новинарот на Канал 5 Горан Момировски не се соласува дека кај власта нема желба за надминување на ова прашање.
„Тие што следат внимателно знаат дека ова е можеби десетти пат Нимиц да ја каже оваа реченица која што навидум звучи како гаранција дека името на јазикот и нацијата не можат да бидат допрени при решавање на спорот, но во реалноста не е така. Нимиц знае дека ако остави и најмала можнност решението да донесе промена во таканаречен идентитески пакет, преговорите веднаш ќе бидат блокирани под притгисок на македонската јавност. Исто како што знае дека ако порача дека Грција нема право да бара идентитетски компромиси ќе биде блокиран од Атина”, вели тој.
Според Момировски има варијатни кои што би биле прифатливи. Едно од нив би била взаемно прифатливото име што покрај во НАТО и ЕУ ќе го користат само тие што сакаат. Државите што досега ја признале Македонија под уставното име да немаат обврска ниту да бидат под сугестија да го променат својот став за комуникација преку нашето уставно име.
“Додавката на евентуалното име да биде на почетокот на името или како додавка во заграда на пример Демократска Република Македонија или Република Македонија (Горна). Без промена на уставот и документите за меѓународна употреба со што практично и двете имиња уставното и она што го бара Грција паралелно ќе бидат во употреба. „Македонски јазик“ и „македонска нација“ остануваат во секој случај”, додава тој.
Последниот предлог на Нимиц во април 2013 година, што досега не е демантирано, беше Горна Република Македонија. Наводно тогаш грчката страна негативно се изјаснила.  Едно од точките на сопнување е каде да стои  одредницата дали пред или зад зборот „Република“. Но да се стигне до оваа фаза на билатерлани преговори, врз конкретна платформа за решавање на спорот околу името, престои и обидот на Германија да ги користи аргументите на својот и европски финасиско-безбедносен интерес, што Грција и Македонија би ги доближило да имаат гаранции за постигнатиот компромис. Ниту една од последните пораки на светските центри на моќта не ја оценуваше македонската понуда за фазно решавање на спорот со паралени преговрои со ЕУ и членство во НАТО. Горазд Чомовски