29 Септември, 2024
0.0234

АНАЛИЗА: Сакале или не – фирмите ќе мора да вработуваат лица со хендикеп!

Објавено во: Анализа, Економија 26 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

Новата законска обврска со која фирмите ќе бидат обврзани на секои 35 вработени да вработат по едно лице со хедикеп ќе биде трошок за компаниите, оценуваат дел од бизнисмните. Според нив, квотниот систем за вработување на оваа категорија на лица, ќе значи директно мешање во кадровските одлуки на фирмите. Законот предвидува оваа обврска да важи и за приватниот и за јавниот сектор. Од невладините здруженија пак, решението го оценуваат како позитивно. Според проценките, преку овој закон ќе се вработат околу 5000 лица со хедикеп. За бизнисот – нови, екстра трошоци... Законската обврска за фимите да вработуваат лица со хедикеп е оправдана од хуман аспект, но решението никако не треба да биде облигаторно, па дури и казнено, оценуваат дел од бизнисмените.
“Во моментов има еден закон којшто овозможува секоја фирма која што ќе вработи лице со инвалидитет да добие одредени поволности. Земајки го во предвид ова, сметам дека тие компании кои што имале простор и потреба да ангажират луѓе со такви карактеристики, сигурно дега би го искористеле тоа.“ - вели Арбен Халили, извршен директор на Комората на северозападна Македонија и додава:
“Но земајки во предвид дека сега автоматски Владата носи ново задолжително законско решение (решение за проблемот по сила на закон, а не на потребата), остава голема отворена врата за двоумење. Се сомневам дека целта не е подобрување на статусот на овие луѓе, туку изнаоѓање на вештачки начин за намалување на бројот на невработени, односно намалување на бројот на социјално осигурени лица  во фондовите. Како е можно да присилиш една фирма да ги зголемува трошоците, со ангажирање на плус едно или повеќе лица (зависно од бројот на вработените) ако таа фирма нема потреба од тоа.“ - оценува стопанственикот Халили. За лицата со хендикеп – чекор напред Новото решение е добар чекор напред во унапредувањата на правата на лицата со инвалидност сметаат и од организацијата на работодавачи, но посочуваат дека новата законска обврска ќе значи и нов трошок за фирмите.
“Идејата е добра да се вклучат овие лица со инвалидност на пазарот на труд односно во стопанството, но тоа мора многу внимателно да се направи за да се направат големи финансиски проблеми на компаниите“, рече неодамна Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Според проценките, со новата законска обврска во фирмите би се вработили околу 3 300 луѓе. За вработувањето лица со хендикеп работодавачите ќе добијат финансиски стимул, односно ќе бидат ослободени од плаќање социјални придонеси и персонален данок за вработените лица со хендикеп, ќе добијат дополнителна парична помош од 200 000 денари за сите приватни компании за приспособување на работното место согласно потребите на вработените лица со хендикеп и по 300.000 денари за заштитните друштва и за грант за самовработување на лица со хендикеп. Сепак, доколку не се почитува законот, креаторот предвидел “казнени“ поени. Оние работодавачи кои нема да го почитуваат законот ќе треба на месечна основа да издвојуваат по бруто минимална плата кој ќе оди во посебен фонд заедно со 10 проценти од придонесите по основ на невработеност кој се плаќаат за сите вработени. Од посебниот фонд ќе се обезбедуваат средства за ресоцијализација, реинтеграција и стручно оспособување на лицата и за финансиска помош за приватните компании за средства за гранд вработувања. Квотниот систем, предвидува работодавач од јавен и приватен сектор кој има над 35 вработени да има обврска да вработи по едно лице со инвалидност. Се предлага квотата да изнесува од два до шест отсто од вкупниот број вработени во зависност од дејноста која ја врши работодавачот, односно максимум 20 во случај кога се работи за работодавачи со повеќе од илјада вработени. Проценките се дека со предложеното законско решение ќе бидат засегнати 2 059 работодавачи кои имаат над 35 вработени. Ќе престанат ли злоупотребите? Креаторот на законот со кој вработувањата на лица со хедикеп ќе стане обврска за приватниот и за јавниот сектор, смета дека на ваков начин ќе се спроведе реформа која значително ќе го подобри животот на оваа ранлива категорија на граѓани.
“Ова е клучна реформа која треба да го подобри вработувањето на лица со инвалидност и нивна поголема инклузивност. Не само да ја подигне јавната свест на институциите и на компаниите, туку да влијае на подобрување на пристапноста на инвалидите во Република Македонија“, оцени неодамна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Според проценките, преку квотниот систем за вработување, ќе бидат згрижени 5000 лица, од кои 1 700 во државната администрација а остантите 3 300 во приватниот сектор. Од невладиното движење “Полио Плус“ за “Фактор“ велат дека решението треба да резултира со подобар животен стандард за лицата со хендикеп.
“Новиот Закон за вработување на лица со инвалидитет претставува иновативно решение, кое за прв пат се имплементира кај нас. Со воведување на квотниот систем за вработување на лица со хендикеп во приватниот и јавниот сектор се воспоставува афирмативна мерка од страна на државата, која треба да го унапреди целокупниот квалитет на животот на лицата со хендикеп, како и да обезбеди нивна целосна инклузија во општествените текови. Полио Плус – движење против хендикеп го поздравува носењето на овој закон и ќе продолжи да се залага за негово понатамошно унапредување“ – велат од движењето за заштита на правата на граѓаните со хендикеп.
Претседателот на Националниот сојуз на глуви на Република Македонија Васко Марков неодамна оцени дека овој закон е голема промена и успех за лицата со инвалидитет.
“Со овој закон се надминуваат голем број проблеми со кои се соочуваа глувите лица во минатото кога се применуваше постојното законско решение. На него имаа поплаки голем број инвалидни лица кои потешко се вработуваа, нередовно им беа исплаќани плати, луѓето остануваа дома и не одеа на работа со што не се постигнуваше потребната нивна инклузија во општеството. Исто така се правеа злоупотреби со средствата кои за нив ги добиваа заштитните друштва“, рече Марков.
Според познавачите, законското решение дополнително треба да се зајакне преку зацврстување на мерките за заштита од можна злоупотреба на одредбите од законот но и со воведување на поголеми контоли од страна на државните институци и надлежните инспекторати за применувањето на одредбите од законот. Според постоечката законска регулатива во земјава се регистрирани 291 заштитно трговско друштво со 6.741 вработен од кои 2.455 се лица со инвалидитет. А.Д.