29 Септември, 2024
0.0316

АНАЛИЗА: Штедење во денари или во евра ?

Објавено во: Анализа 26 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Рекордно ниво на штедењето - во август вкупната депозитна база надмина 4,4 милијарди евра. Она што е значајно, според банкарите, е растот на депозитите на приватниот сектор за речиси 60 милиони евра. Штедењето на населението е зголемено за 5%. Според гувернерот Димитар Богов, економијата сеуште се соочува со умерени стапки на раст на штедењето од околу 8%. Банкарите велат дека и натаму доминира штедењето во денари. Драматичен раст на депозитите – што ги наполни штедните книшки? Само за еден месец, или во август во однос на јули вкупната дпозитина база на ниво на банкарскиот сектор се зголеми за скоро 95 милиони евра. Во август штедењето на фирмите и на граѓаните достигна рекордно највисоко ниво од 4,4 милијарди евра. Депозитна база август 4 434 048 000 јули 4 339 656 000 Гуверенерот на НБРМ Димитар Богов потврдува дека има раст кај штедењето, но вели дека сегашните стапки сеуште не се задоволителни.
Растот на депозитите е континуиран и стабилен, иако можам да кажам дека во последните години растот, како стапка на раст на депозитите, е нешто понизок од она што беше во минатото. Меѓутоа тоа е солидна стапка на раст од околу 8% и ќе сметам дека раст од 10% ќе биде добра стапка која Македонија ќе може да ја задржи во подолг период“, изјави гувернерот Богов.
Во осмиот месец од годинава е забележан значаен раст на депозитите на фирмите, чие салдо достигна 976 милиони евра, зголемено за 60 милиони евра во однос на јули. Дел од банкарите коментираат дека овој пораст на депозитите на фирмите е значаен и упатува на зголемена ликвидност.
“Ова зголемување на депозитите на приватниот сектор е значајно. Фирмите практично со зголемување на депозитите прикажаа и зголемена ликвидност. Не е исклучена можноста дека тоа е како резултат на исплати по основ на поврат на ддв и други договори кон приватниот сектор“, коментираат за „Фактор“ луѓе од банакрските кругови.
Дека депозитите се во пораст, потврдија менаџерите од дел од водечките банкарски групации.
“Стопанска Банка АД Скопје располага со стабилна депозитна база која на крајот од август 2014 година достигна 1.054 милиони евра и го задржува трендот на континуиран раст, забележан во текот на целиот изминат период. Од тоа, 831 мил. евра се депозити на граѓаните, додека останатиот дел доаѓа од слободните средства на компаниите депонирани во Банката. Ваквата депозитна база и нејзиниот континуиран раст рефлектира висока доверба на сите наши клиенти во сигурноста, стабилноста и квалитетот на услугите кои ги нуди Банката и претставува стабилен извор за целосно и непречено финансирање на нејзината целокупна кредитна активност“, информираат за “Фактор“ од Стопанска Банка – Скопје.
Вкупната депозитина база во банкарскиот сектор е на ниво од 4,4 милијарди евра со пораст и на депозитите кај граѓаните, оценуваат од НЛБ Тутунска Банка.
“Вкупните депозити достигнаа 4,4 милијарди евра, при што кај штедењето кај население има раст за околу 5%. Повеќе порастот е во денарски од што е кај девизните депозити, што воглавно се должи на стабилноста кај банкарскито систем, но и би рекол, недостиг кај физичките лица за други начини на штедење, како на пример во инвестиционите, во пензиските фондови или да инвестираат во нешто друго“, изјави Антонио Аргир, директор во НЛБ Тутунска Банка.
Денарското штедење доминира и во Стопанска Банка – Скопје.
“Како резултат на поголема склоност на населението за штедење во домашна валута во изминатиот период, во депозитното портфолио на Стопанска банка АД Скопје доминира штедењето во домашна валута со учество од 57%. Како што споменавме и погоре, вкупните депозити вклучително и од аспект на валутната структура, бележат континуиран раст од близу 1% на месечно ниво“, изјавија од банката.
Освен пораст на депозитите на фирмите, во август, според податоците на НБМ има раст и на депозитите на граѓаните. Така , на штедните книшки тие чувале скоро 3,2 милијарди евра. Депозити на население 3 194 113 821 Депозити на приватен сектор 976 731 707 Според банкарите, позначајниот раст и на депозитите на граѓаните се објаснува како сезонски тренд поради приливите на парите од иселениците. Податоците на Народната Банка упатуваат на тоа дека и натаму во валутната структура на депозитите доминираат оние во денари. На крајот од август, во банките лежеле 2,5 милијарди евра во денарски штедни влогови и 1,8 милијарди евра во девизни штедни влогови. Д.А.