28 Септември, 2024
0.0256

АНАЛИЗА: Што им даваме, а што добиваме од странските инвеститори?

Објавено во: Анализа 11 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Нема давачки за царини, не се плаќаат ниту даноци, инфраструктурата е на товар на Буџетот.  Концесија за земјиште до 99 години, гратис – приклучок кон комунална и гасоводна инфраструктура. Концептот на слободни економски зони е пракса не само во Македонија, туку и регионално, европски и во светски рамки. Со туркање на овој модел, за кој се регрутираше широк владин фронт, од министри за странски инвеститори до економски промотори, Владата очекува серија позитивни ефекти за вкупната економија.  Домашната експертска јавност посочува на неопходност од длабинска анализа – што им даваме, а што за возврат добиваме од странските инвестори во слободните економски зони. Поволностите што Македонија ги нуди на странските инвеститори кои ќе решат да вложат во Слободните економски зони се групираат во четири позиции: даночни ослободувања, царински ослободувања,  инфраструктурна логистика и субвенции.

Инфраструктура и субвенции:

Најпрво, земјиштето за изградба на погоните се дава под концесија до 99 години. Инвеститорите  се ослободени од плаќање на надомест за уредување на градежното земјиште кон единиците  на локалната самоуправа, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Во исто време тие не плаќаат приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа. Во зависност од бројот на вработени и вредноста на инвестицијата, Владата  учествува и во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ  во висина до 500 000 евра.

Даночни ослободувања:

Инвеститорите што ќе отворат фабрика во некоја од Технолошко-индустриските развојни зони целосно се ослободени од Данокот на додадена вредност, односно стапката изнесува 0%. Во период од 10 години тие се ослободени и од другите даноци. Еве какви даноци се плаќаат доколку инвеститорот е во или надвор од слободните економски зони:

                                                          Во зона                    Надвор од зона

Данок на додадена вредност            0%                              18%

Данок на добивка                           0% за 10 год                  10%

Персонален данок                         0% за 10 год                   10%

Ова значи дека инвеститорите во зоните се целосно ослободени од плаќање на данокот на добивка и персоналниот данок на доход за период од 10 години, или поконкретно инвеститорот не плаќа персонален данок за сите исплатени плати на вработените во период од една деценија.

Царински ослободувања:

Сите инвеститори во слободните економски зони се дел од Царинскиот зелен канал – не плаќаат царински давачки. Стапката за увоз на суровини и за опрема изнесува 0%. Еве какви царински давачки имаат фирмите што работат во и надвор од зоните:

                                          Во зона                                    Надвор од зона

Суровини                            0%                                               0% - 15%

Опрема                                0%                                               5% -20%

Сите овие поволности, во пакет треба да го стимулираат влезот на странски инвеститори од различни сектори, информатичката технологија,  изработка на софтвери, склопување хардвер, дигитални записи, компјутерски чипови, научно истражувачка дејност и производство засновано на нови технологии со високи еколошки стандарди, услуги кои се директно поврзани со увоз на добра кои се внесуваат во зоната (под услов добрата да не се наменети за крајна потрошувачка).

Токму концептот на Слободните економски зони веќе подолг период ги бранува домашните бизнис – кругови.

Јасно е дека сега имаме состојба на дискриминација на домашниот бизнис кога зборуваме за слободните економски зони. Тетовската зона е прва која функционира по принципот на јавно-приватно партнерство и затоа сметам дека таа треба да се отвори и за влез на домашни компании“ – изјави неодамна за “Фактор“ Мендерес Кучи, прв човек на Стопанската комора на северозападна Македонија.

И бизнисмените од Стопанската комора и Сојузот на стопански комори најавија дека наскоро ќе излезат со листа на барања до Владата, односно предлог-мерки точно таргетирани за домашните фирми-извозници. Веќе се лиферуваше информацијата дека не е исклучено да се побараат и одредени даночни ослободувања за компаниите кои се извозно насочени.

Какви се ефектите ....

Според Владата, големите даночни, царински и инфраструктурни бенефиции во Слободните економски зони  треба да дадат неколкукратни ефекти: нови вработувања, зголемен извоз, а со тоа и зголемен удел врз економскиот раст.

Прв ефект - раст на извозот. Неодамна директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони изјави дека инвестициите во зоните веќе даваат ефект. Од јануари до април извозот од зоните изнесувал 350 милиони евра, односно 80 проценти повеќе  во споредба со истиот период лани.

“Зголемувањето на извозот најмногу се должи на странските инвестиции, кои не само што помогнаа во раздвижување на економијата и намалување на невработеноста, туку ја променија и структурата на извозот“, изјави неодамна Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.

Економистите велат дека расте извозот, но треба да се анализира и трендот кај увозот на потребните репроматеријали и машини за работа во слободните економски зони. Според податоците од Народната Банка во првиот квартал од годинава, според економската намена, под ставката “Производи за инвестиции (освен транспортна опрема) и “Производи за инвестиции, делови и додатна опрема“, се увезле производи во вредност од 211,7 милиони долари. Во истиот период лани, вредноста на производите за инвестиции изнесувала 177,4 милиони долари.

Според податоците на Заводот за статистика во првите четири месеци од годинава во споредба со истиот период лани вкупната трговска размена е зголемена за 12,1%, пришто има пораст не само на страната на извозот туку и на увозот. Така, во анализираниот  период, вкупниот извоз на земјата е зголемен за 15,1%. Расте и увозот каде е регистрирана стапка на раст од 10,3%. Според податоците на статистичарите во овој период Македонија најмногу извезувала катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, феросилициум, фероникел, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони, производи од железо и челик (валани производи) и облека. На страната на увозот пак најмногу биле  застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Според очекувањата на Владата годинава, како ефект од извозот на фирмите што работат во слободните економски зони, се очекува прилив од 1,2 милијарди евра.

Втор ефект – зголемување на бројот на вработени. Според податоците, во фабриките што инвестираа во слободните економски зони се вработени повеќе илјади луѓе.

Најголем број на нови работни места, се отворени во фабриките на „Дрекселмајер“, „Џонсон контролс – Штип“ и „Џонсон Контролс – Скопје“ - во овие фабрики работат неколку илјади работници. Следуваат „Џонсон Мети“ со близу 450 вработени, „Кемет електроникс“ со околу 180, „Ван Хул“ со 250 вработени, „Кромберг и Шуберт“ со скоро 800 вработени. Според неодамнешната изјава на министерот за финансии Зоран Ставрески, во досега отворените фабрики се најавени 11 800 работни места.

Премиерот Никола Груевски најави дека годинава може да се очекуваат 30 нови странски компании, а како потенцијални сектори се посочуваат  автомобилската, прехранбената индустрија, земјоделството.  Според премиерот, новите инвестиции треба да отворат десет илјади нови работни места.

Според економистите, непоходно е да се направи точна пресметка за тоа што дава а што добива Македонија како резултат на странските иневстиции, особено на оние што отвораат бизниси во слободните економски зони.

Сметам дека ние се соочуваме со системски проблем, ангажирани се големи ресурси што чинат многу, а од друга страна треба да го поставиме прашањето какви се ефектите. Уверен сум дека во однос на она што го даваме за да привлечеме странски инвестиции – бенефитот не е соодветен. Ние во слободните економски зони нудиме изградена инфраструктура со државни пари, ги субвенционираме придонесите за плата, мал дел од репроматеријатлите се набавуваат од дома, односно најголем дел се од увоз, потоа тука се и даночните и цараинските олеснувања. По сето ова се поставува прашањето кој гарантира дека сите овие инвеститори ќе останат во земјава откако ќе завршат сите бенефиции“ , изјави за “Фактор“ професорот Предраг Трпевски.

Ефектите од странските директни инвестиции треба да се анализираат во поширок контекст, односно како краен ефект врз растот на економијата, оценуваат експертите.

И покрај релативно поволните стопански текови, македонскиот граѓанин сеуште нема почувствувано зголемување на животниот стандард и намалување на сиромаштијата. Стапката на економски раст и приливот на странски директни инвестиции, не само што не доведоа до зголемување на платите туку тие со години се забетонирани, а реално, поради инфлацијата, тие и губат од нивната поранешна вредност. Но, и покрај тоа ние се радуваме на податоците за економскиот раст и на се’поголемиот број на странски директни инвестиции. И тоа е нормално. Се зголемува богатството што се создава во земјата и се зголемува бројот на вработените. Меѓутоа, заинтересирани за моменталните придобивки, забораваме дека платите ни се меѓу најниските во Европа и не се поместуваат нагоре, односно растот на БДП се’ помалку се чувствува во растот на стандардот на населението. Се живее во илузија дека со порастот на БДП (и со помош на зголемување на бројот на странските директни инвестиции) сите поединечно ќе се усреќиме“, оценува во колумна за “Фактор“ професорот Крсте Шајноски.

Според буџетските проекции, годинава е планиран раст на бруто инвестициите за 7,5%. Клучниот удел во растот се очекува од  странските инвестиции и капиталните инвестиции, финансирани со државни пари.

Д.А.