23 Јуни, 2024
0.0262

АНАЛИЗА: Што им порача и испорача Филе на балканските премиери на форумот во Лондон?

Објавено во: Анализа 25 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Невработеноста, јавните долгови и буџетските дефицити – проблем за балканските економии. Европските закрепнуваат, но дали и колку ќе инвестираат во земјите од Западен Балкан? Меѓународните финансиери велат дека ќе продолжат да ги кредитираат регионалните проекти, но од друга страна Европската Унија ќе бара подлабоки реформи што ќе обезбедат стабилна бизнис-клима.  Седум премиери од Балканот, меѓу кои и македонскиот,  ги презентираа економските перформанси на своите земји, но и ги слушнаа пораките од странските кредитори и од еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Нова задача за земјите од Западен Балкан – реформите и јавните финансии приоритет! Ниту една држава од Западниот Балкан сè уште нема развиено функционална пазарна економија. Клучен проблем за балканските земји и натаму е невработеноста, особено меѓу младите, потоа растот на буџетскиот дефицит и јавните долгови. Ова е оценката на еврокомесарот Штефан Филе на завршницата од Бизнис форумот што се оддржа во Лондон. За да можат да привлечат инвеститори, според еврокомесарот Филе, земјите од регионот, со експертска логистика од Европската комисија, ММФ и ЕБРД треба да усвојат национални планови за економски реформи кои ќе обезбедат создавање на поволна бизнис-клима. Во тие планови, приоритет треба да имаат реформите во јавните финансии и пазарот на труд, потоа намалување на административните процедури но и јакнење на законодавството. Еврокомесарот Филе најави дека од земјите во регионот ќе бара поединечно, секоја од нив да направи акционен план за управување со јавните финансии, од што ќе зависи нивното конкурирање за добивање на буџетска поддршка од претпристапните ЕУ Фондови. Еврокомесарот за проширување посочи дека регионот се соочува со предизвици со кои се соочувала Европската Унија за време на кризата.
“Додека Европа ги покажува првите знаци на економско закрепнување, ова е клучниот момент за земјите од Западен Балкан да најдат начин за да привлечат инвеститори“ – изјави Филе и ги повика инвеститорите да ја искористат можноста за воспоставување на контакти со владините претставници.
Првиот човек на ЕБОР, Сума Чакрабати порача дека Банката и натаму ќе биде поддржувач на значајни инфраструктурни проекти.
“ЕБОР го поддржува економскиот напредок во регионот, зошто ЕБОР е банка која инвестира во регионот и затоа е убедена во неговиот потенцијал“ – изјави Чакрабати.
Лани ЕБРД во регионот инвестирала 1,2 милијарди додека во рамките на заедничкиот акционен план, Банката се обврза дека во периодот од 2013 – 2014 та година ќе инвестира повеќе од 30 милијарди евра во земјите од Централна и Југоисточна Европа. Балканско братство и единство или бизнис интерес – што  го поврзува регионот? Србија: Без стабилност во регионот, ниеден проект не може да се реализира. Оваа порака ја испрати српскиот премиер во оставка Ивица Дачиќ. “Нема да раскажуваме бајки, инвеститорите не се хуманитарни работници, тие сакаат профит. Никој не сака да вложува во нестабилност“- изјави  претседателот на српската влада, Дачиќ. Оцени дека за земјите од Блаканот е непходна добрососедска соработка, но поттикната од заедничкиот интерес. “Земјите од регионот треба да се организираат меѓу себе, но без многу зборување за братство туку за заедничкиот интерес“ – рече Дачиќ. Во однос на другите земји во регионот, според него, компаративната предност на Србија е во евтината, но и образована работна сила. Приоритет за Србија ќе бидат инвестициите што ќе носат развој на земјата, како што се вложувања во ИТ индустријата, развојот на научни инкубатори и центри кои ќе ги натераат инвеститорите да останат во Србија. Црна Гора: Во своите коментари и оценки не беше воздржан ниту црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ. Тој смета дека токму лошата економска состојба е извор на нестабилност. Големите инфраструктурни прокети од енергетиката, инфраструктурата, транспортот, според Ѓукановиќ, земјите не може да ги реализираат сами, без соработка. Според него, клучни за земјите од регионот се токму реформите. “За да бидат поконкурентни и продуктивни, земјите од регионот мора да чекорат поодлучно во радикални реформи, а како приоритет треба да биде реформирањето на неодржливите пензиски системи. Мораме похрабро да се соочиме со слабостите и да ги дефинираме социјалните и економските политики“ – рече Ѓукановиќ и порача дека Црна Гора е подготвена повторно да ги иницира преговорите со соседните земји за посигнување на договор за управување со реките кои минуваат низ другите земји, а на кои може да се градат хидроцентрали. Македонија: Од проектите за регионално инфраструктурно поврзување, премиерот на Македонија, Никола Груевски  ги посочи активностите на изградбата на патните коридори 8 и 10, како и договорот потпишан со Руската федерација за изградба на крак од гасоводот Јужен тек. „Во изминатите години Владата на Реублика Македонија спроведе длабоки политички, економски и социјални реформи. Во економскиот дел тие беа насочени кон изнаоѓање решенија за клучните предизвици – одржување на макроекономската стабилност, отворање нови работни места, намалување на невработеноста, одржување соодветно ниво на фискалниот и буџетскиот дефицит, подобрување на бизнис опкружувњето и инвестициската клима, зголемување на извозот и туристичка промоција“, рече премиерот Груевски и оцени : „Почнавме со проектите и сме сконцентрирани на нивно завршување и комплетирање во следните неколку години. Чебрен и Галиште и Вардардарска долина се дел од нашите приоритети. Енергетската ефикасност е едно нешто што е постојано на листата на нашите приоритети. Наша визија за овој сектор е ефикасно да се користи енергијата и тоа преку границите“. Хрватска: На бизнис-форумот во Лонодон беше и хрватскиот премиер Зоран Милановиќ, чија земја е членка на Европската Унија, но се соочува со сериозни финансиски проблеми. И за него, реформите се неизбежни на патот кон економското закрепнување. “Поминавме низ најдолгиот и најтешкиот преговарачки процес со најсилен надзор во историјата на ЕУ. Верувам дека тоа беше за општо добро. Растот на економијата го земаме “здраво за готово“ и сега стоиме таму каде бевме пред 45 години. Реформите почнуваат сега. Ние мора да се промениме и промените мора да бидат силни“ – изјави Милановиќ. На бизнис- форумот во Лонодон присуствуваа и премиерите на Албанија Еди Рама и на Косово, Хашим Тачи. Ова беше прв самит на земјите од Западен Балкан организиран од ЕБРД. Д.А.

Можеби ќе ве интересира

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите

ЕВЕ КОЛКУ ТРЕБА ДА ВАЖАТ ВАШИТЕ ПАСОШИ ПРЕД ДА ПАТУВАТЕ: Нема да можете да влезете во овие земји ако не ги запазите датумите