19 Март, 2024
0.0266

АНАЛИЗА СО ЧЕРЕПНАЛКОСКИ ОД ЕДС: Рестрикциите треба да се заведат единствено кај потрошувачите кои се снабдуваат од домашно производство

Објавено во: Економија 25 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Цената на електричната енергија на скоро сите европски берзи за електрична енергија постигна „Холивудско“ ниво, вели во разговор за Фактор, Златко Черепналкоски, од Енерџи деливери солушнс (ЕДС), компанија која претходно ја поседуваше екс вицепремиерот Кочо Анѓушев, а сега е во сопственост на грчки ППЦ. ЕДС според Черепналкоски има учество поголемо од 40 отсто од отворениот дел од пазарот, а со него како познавач разговарам за сите дилеми од електро-енергетската криза во земјава.

Вели дека разбира оти се можни рестрикции, но дека не треба да се исклучуваат компании кои добиваат струја од странство.

Колкаво е вашето пазарно учество за последните шест месеци?

Черепналкоски: ЕДС има одлична евиденција колку енергија продава на часовно, дневно, месечно и годишно ниво, но немаме информација колкава е останатата потрошувачка во државата, па според тоа нашето учество можеме да го видиме еднаш годишно откако Регулаторната комисија за енергетика ќе го објави годишниот извештај. Во овој момент само МЕМО ги знае тие статистички податоци, но нема обврска да ги објави. Според нашите проценки, имајќи предвид дека минатогодишното учество во вкупниот пазар на ЕДС беше поголемо од 30 отсто и имајќи го предвид забрзаниот пораст на нашето портфолио во втората половина од оваа година откако многу наши конкуренти им ги откажуваат договорите на потрошувачите, можно е во моментов да имаме моментално учество поголемо од 40 отсто од отворениот дел од пазарот.

Прво колку е сериозна ситуацијата на домашниот пазар, а какви се околностите на берзите надвор во однос на понудата, побарувачката и цените на електричната енергија?

Черепналкоски: Цената на електричната енергија на скоро сите европски берзи за електрична енергија постигна „Холивудско“ ниво. Најголемата причина за овој неочекуван пораст на енергијата (и генерално на сите видови енергија која се тргува) се несогласувањето меѓу Европските регулатори за инфраструктурни проекти од една страна и рускиот Газпром од друга страна во однос на начинот на кој треба да се користи новиот гасовод Нордстрим 2. Заради тоа несогласување, гасоводот сеуште не е пуштен во комерцијална експлоатација, а од друга страна Газпром го прекина снабдувањето на Европа со природен гас преку „Украинскиот гасовод“ (гасоводот кој од Русија до Европа поминува низ територијата на Украина). Со оглед на фактот што капацитетот на Украинскиот гасовод е еднаков на збирот од другите три гасоводи (Нордстрим 1, Нордстрим 2 и Јужен поток) од кои Нордстрим 2 сеуште не е во употреба, а Јужен поток се користи само со една половина од капацитетот, ваквата состојба доведе до скоро целосно исцрпување на резервите на природен гас во скоро сите Европски држави а дотурот на природен гас до Европа од причините споменати претходно е намален. Таа е причината број 1 за поскапување на цената на многу енергетски производи кои директно или индиректно зависат од природниот гас како и на енергенсите за кои побарувачката е сега зголемена како замена на природниот гас.

Втора причина за поскапувањето, со значително влијание, е порастот на цената за CO2 сертификатите кои се тргуваат на европските берзи како т.н. „еколошки производи“. CO2 сертификатите се финансиски инструменти кои се тргуваат на европските берзи каде како купувачи се јавуваат индустриите кои емитуваат стакленички гасови повеќе од дозволеното (највпечатливи се јаглените термоцентрали) а како продавачи се јавуваат производители на обновлива енергија, производители на енергија со конвенционална технологија но со висок степен на ефикасност како и концесионери на големи површини наменети за форестација и рефорестација. ЕУ водена од желбата да ги затвори сите електрични централи кои користат фосилни горива (јаглен, лигнит, мазут...) во наредните 20 години, секоја година заведува се’ построги критериуми за дозволените емисии на термоцентралите на јаглен и лигнит па така истите се приморани да купуваат се поголеми количини CO2 сертификати и на тој начин побарувачката за CO2 сертификати расте побрзо од што може да порасне понудата. Цената на CO2 сертификатите од почетокот на оваа година е зголемена 3 пати (од 20 на 60 евра за СО2 тон). За поскапувањето на CO2 сертификатите се одговорни и многу шпекулативно настроени инвестициски фондови кои знаејќи дека цената ќе доживее пораст заради еколошката политика на ЕУ, тргуваат големи количини CO2 инструменти во краток временски период, техника позната под поимот “shorting”, и дополнително допринесуваат за спирален раст на цената.

Други причини, кои периодично се повторуваат како климатски и метеоролошки движења, се недостатокот на вода (намалена хидрологија) и намалени часови со доволно силен ветер за ветерните централи да произведуваат енергија. Овие причини не влијаат премногу врз цената но се сепак причини кои во овие тешки моменти „долеваат масло на огинот“.

Во нашата држава ситуацијата не е за завидување. Акумулациите Маврово, Тиквеш и Козјак се сведени на речни токови, а не на езера, дури и Охридското езеро е доста повлечено заради зголемен испуст преку Црн Дрим за да се обезбеди доволно вода за зголемено производство во хидроцентралите Глобочица и Шпилје. Недостатоците на енергија за регулираниот пазар ќе мора да се увезат, а пазарните цените по кои се врши увозот се многу повисоки од цените по кои АД ЕСМ му испорачува енергија на универзалниот снабдувач за тарифни корисници ЕВН Хоме. Гледаме дека ЕСМ има намера да увезе гориво за РЕК Битола и РЕК Осломеј за да ги намали издатоците за увоз на електрична енергија, но со оглед на ниската ефикасност на централите искрено не сум сигурен дека крајниот ефект ќе биде позитивен. Згора првиот тендер е и неуспешен.

АД ЕСМ ја заврши минатата година со негативен резултат од 17 милиони евра генерално затоа што сопственото производство му го продава на ЕВН Хоме по цена пониска од својата производна цена со цел цените за домаќинствата да не поскапат премногу од една, а од друга страна да му се дозволи на ЕВН Хоме да направи бруто заработка од 11.5% постигната на тендер каде што конкурент на ЕВН Хоме му беше токму АД ЕСМ. Доколку АД ЕСМ сакаше да обезбеди стабилност врз цените за домаќинствата можеше да остане активен на аукцијата (како крајна инстанца на јавниот тендер за избор на Универзален снабдувач) и понатаму да ја намалува маржата со негативно наддавање. Сега имаме една голема нелогика – АД ЕСМ не сакаше да води бизнис со бруто маржа пониска од 11.6% и му дозволи на ЕВН Хоме да победи со 11.5%, а после тендерот на оној од кого АД ЕСМ загуби му го продава својот производ со негативна маржа ?!?!

Она што е во моментов важно да се следи е очекуваниот самит на Г20 групата во Рим на 30 и 31 октомври. Доколку тензиите меѓи европските регулатори и Газпром се надминат, може да се очекува до Нова година цените на енергенсите во Европа да се вратат на нормално ниво со тоа што нормалното ниво нема да биде нивото од 2020 година, бидејќи заради пандемијата тоа ниво беше исто така екстремно но во спротивна насока. Но доколку несогласувањата продолжат, тогаш европските економии ќе продолжат да страдаат.


Од тој аспект, како вие како снабдувач закупувате струја, за колкав период веќе сте закупиле и како оди плаќањето? Колкава банкарска гаранција сте обезбедиле и дали сте во рамки на обезбеденото.

Черепналкоски: ЕДС АД потребните количини од електрична енергија за своите потрошувачи ги набавува на слободниот пазар однапред. Тоа значи дека енергијата е набавена во периодот кога нашите клиенти ги прифатиле нашите понуди и набавена е по тогашните цени па така и берзата му ја гарантира цената на ЕДС и ЕДС им ги гарантира цените на своите клиенти (техника на хеџирање – односно, ограничување на пазарниот ризик). На нашиот електро-пазар ЕДС е компанија со најголем основачки капитал од цца 5,5 милиони евра и со тоа ЕДС ја гарантира својата стабилност пред домашните комерцијални банки кои не’ подржуваат во нашето оперативно работење.

Нашата банкарска гаранција кон МЕПСО како оператор на пазарот за балансна енергија е на нивото на нашата балансна група. ЕДС во тој поглед има апсолутно чиста позиција.

Бевте ли принудени да откажувате договори за снабдување со некои субјекти и какви договори сега им нудите?

Черепналкоски: ЕДС АД никогаш не откажала и нема да откаже договор заради неможност да набави енергија. Нашите сопствени финансиски капацитети, поткрепени дополнително со корпоративна гаранција од нашата мајка фирма (PPC SA) се сосема доволни да обезбедиме енергија за целата наша балансна група.

Во моментов, следејќи ги пазарните движења на цените како и однесувањето на конкуренцијата, покрај веќе склучените договори за кои гарантираме испорака на енергија согласно договорените цени, за нови договори нудиме модел на претплата со што компаниите можат да заштедат уште некој процент од цената бидејќи претплатата на ЕДС му ги намалува финансиските трошоци за користење на рамковни кредити од комерцијалните банки. Претплатата може да биде месец за месец или на годишно ниво за што следи уште дополнителен попуст.

Колку е серизона ситуацијата и можни ли се поголеми проблеми?

Черепналкоски: Евентуални проблеми би можеле да настанат доколку операторот на електро-енергетскиот систем предложи заведување рестрикции во потрошувачката на електрична енергија поради генерален недостиг на енергија. Во таков случај најголемиот проблем ќе биде како да се третира потрошувачката која е излезена на слободниот пазар бидејќи компаниите кои се снабдуваат на слободниот пазар не користат енергија од домашни ресурси. Потребните количини енергија за нив се набавени од нивните снабдувачи на слободниот пазар, генерално од извори и берзи во странство. Според тоа, ако во Македонија се случи криза заради недостиг на енергија од домашни извори, тогаш не би смееле мрежните оператори да исклучуваат од напојување компании за кои соодветните снабдувачи енергијата ја обезбедиле од странство. Јас апсолутно ја разбирам потребата од оперативно обезбедување стабилност во електроенергетскиот систем и потребата од рестрикција на потрошувачката во услови кога производството и увозот се намалени, но принципиелно рестрикциите треба да се заведат единствено кај потрошувачите кои се снабдуваат од домашно производство – бидејќи тоа е намаленото производство и причината за рестрикција.

Дали имавте ситуација да ве пенализира МЕПСО и колкави се пеналите?

Черепналкоски: Ако под изразот „пенал“ подразбирате санкција заради работење спротивно на Законот за енергетика, Пазарните правила и Правилата за снабдување, ЕДС АД никогаш не била пенализирана – немало потреба од такво нешто. Ако сепак под „пенал“ подразбирате плаќање надомест за балансирање, тоа не е дел од санкциите предвидени со споменатите законски и подзаконски документи туку е дел од редовниот начин на работење на слободниот пазар за електрична енергија. Балансирањето е нормална и задолжителна обврска на операторот на електроенергетскиот систем – МЕПСО, и за балансирањето е нормално да се плаќа надомест онолку колку што секоја балансна група предизвикала дебаланс во системот. Во последниве неколку месеци сме сведоци на злоупотреба на тој механизам од страна на посочени снабдувачи кои поради неможност или немање желба да купат енергија поскапа од веќе договорените цени, обврската за набавка на тие количини енергија ја префрлија кај МЕПСО, што е спротивно на законот. Тоа беше и причината која доведе до тоа Регулаторната комисија за енергетика да го преиспита начинот на нивното работење бидејќи со таквите постапки тие снабдувачи предизвикаа кршење на повеќе одредби од правилниците за функционирање на пазарот како и условите од нивните лиценци.

Регулаторната комисија за енергетика веќе преземаше некои мерки кон снабдувачи, сметате ли дека пазарот е регулиран доволно?

Черепналкоски: Регулативата според која се регулира пазарот на електрична енергија во Македонија е скоро идентична со Европската регулатива. Можно е да има некои разлики кои би ја отсликувале специфичноста на пазарот во Македонија наспроти поголемите пазари во ЕУ, но генерално законските и подзаконските решенија претставуваат транспозиција од Директивата за внатрешниот пазар на енергија во ЕУ. Она што сепак недостасува, од оперативен аспект, е зголемена контрола од страна на институциите кои го администрираат пазарот, а тоа се МЕПСО и МЕМО. Искрено, не сметам дека МЕМО или МЕПСО намерно занемариле некоја од своите обврски. Треба да се има предвид дека во Македонија пазарното стопанисување со електрична енергија е нов начин на работење и сеуште не сме ги „прележале“ сите детски болести. Она што е најважно, е МЕМО и МЕПСО да извлечат поука од овие настани и да воведат процедури за поголем контролинг врз однесувањето на лиценцираните чинители на пазарот на електрична енергија. Со други зборови, доколку трговец или снабдувач најавил потрошувачка за следниот ден во сите 24 часа драстично пониска од реалната, а МЕМО тоа го гледа истиот ден, може алармот да го крене уште утредента а не следниот месец откако штетата ќе биде многу поголема. Повторувам, поуката и засилениот контролинг се решение за во иднина.

Во ЕДС има измени во врвот на компанијата. Во каква кондиција е моментно фирмата, колкава е загубата, на што се должи загубата, како ќе менаџирате, кои се плановите за работа на македонскиот пазар?

Черепналкоски: На чело на ЕДС АД, Господинот Јанис Јанопулос го замени Господинот Георгиос Лантзас кој го исполни условот за пензија согласно Грчкото законодавство. Во оваа прилика сакаме да му изразиме јавна благодарност на Господинот Лантзас за времето во кое тој ја водеше ЕДС АД и кој во проектот за аквизиција на ЕДС ДОО од страна на PPC SA беше инволвиран од самиот старт. Нашиот нов главен извршен директор Г-дин Јанис Јанопулос е искусен менаџер кој ќе продолжи да ја води ЕДС АД во нови успеси и кој перфектно го зборува Македонскиот јазик и има повеќе децениско искуство на Македонската бизнис сцена.

Во моментов ЕДС АД менаџира умерена планска загуба која според големината ни оддалеку не се доближува до ризичните гранични параметри за стабилноста на ЕДС АД. Таа загуба се појави поради откажување на испорака на енергија кон ЕДС од еден наш примарен добавувач од соседството, која енергија ЕДС ја набави во целост но по цена повисока од договорената со споменатиот набавувач. Но она што е важно да се каже е дека поради зголемените цени и зголемениот очекуван обем на продажба, ЕДС АД ќе има нова докапитализација (преку емисија на обични акции) во пролетта 2022 со цел да може да ги зголеми кредитните рамки за обртни средства кај домашните и странските комерцијални банки и со тоа да одговори на зголеменото портфолио во следните години.

Александра Томиќ

Можеби ќе ве интересира

Европската унија воведува царини за руското жито, цената ќе скокне најмалку за 50 отсто

Европската унија воведува царини за руското жито, цената ќе скокне најмалку за 50 отсто

Љупчо Николовски: 30 милиони евра од извоз на зелка

Љупчо Николовски: 30 милиони евра од извоз на зелка

ДАВА СТРУЈА КОЛКУ ЕДЕН БЛОК НА РЕК БИТОЛА - се огласи ЕСМ за присоединувањето на ТЕЦ Неготино, велат дека е оправдано

ДАВА СТРУЈА КОЛКУ ЕДЕН БЛОК НА РЕК БИТОЛА - се огласи ЕСМ за присоединувањето на ТЕЦ Неготино, велат дека е оправдано

Од што „Македонијатурист“ годинава ќе ги прави големите пари?

Од што „Македонијатурист“ годинава ќе ги прави големите пари?

ЗЕЈТИНОТ НЕ ГИ „ПОДМАЧКА“ ПРИХОДИТЕ НА „ВИТАМИНКА“, НО ДОБИВКАТА Е ОДЛИЧНА - како прилепската фабрика лани го удвои својот профит

ЗЕЈТИНОТ НЕ ГИ „ПОДМАЧКА“ ПРИХОДИТЕ НА „ВИТАМИНКА“, НО ДОБИВКАТА Е ОДЛИЧНА - како прилепската фабрика лани го удвои својот профит

Железницата ги издаде складиштата за дизел во Лисиче

Железницата ги издаде складиштата за дизел во Лисиче

СЕ ПОВЕЌЕ ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, НО НЕ И ОД ХИДРОЦЕНТРАЛИТЕ – еве што покажуваат бројките на статистика

СЕ ПОВЕЌЕ ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ, НО НЕ И ОД ХИДРОЦЕНТРАЛИТЕ – еве што покажуваат бројките на статистика

ДОБРА ВЕСТ ЗА СИТЕ СО КРЕДИТИ: Се очекува намалување на каматите - издржете уште малку, еве кога ќе се случи тоа

ДОБРА ВЕСТ ЗА СИТЕ СО КРЕДИТИ: Се очекува намалување на каматите - издржете уште малку, еве кога ќе се случи тоа

ИМА ДОГОВОР ЗА ДЕЛ ОД АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕДЛОГ: Дали Косово попушта за динарот?

ИМА ДОГОВОР ЗА ДЕЛ ОД АМЕРИКАНСКИОТ ПРЕДЛОГ: Дали Косово попушта за динарот?