25 Ноември, 2024
0.1155

Анализа со Ивор Мицковски: Општеството не се скандализираше ни од паралелните „бомбашки“ кампањи

Објавено во: Македонија, Анализа 13 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Изборната кампања помина во многу негативна атмосфера, со постојани ниски удари, како и рекордно објавување на нелегални и прислушувани разговори. Граѓаните повторно ќе бидат соочени со слична политичка понуда во атмосфера во која малку се говореше за програмата, визија за развој и пред се справување со најтешката здравствена криза како и за силните последици од економската криза која се заканува. Со политичкиот аналитичар Ивор Мицковски разговаравме за тоа што досега како наратив понудија партиите, за бројните неостварени ветувања. Се поголем е песимизмот дека од магичниот круг на корупција, криминал, клиентилизам и непотизам не може да се излезе, како и тоа дека енергијата која се создаде со граѓанското движење е длабоко разочарана и изневерена.

Општествената енергија е во длабока апатија, постои голема недоверба во институциите и нема голема надеж дека нешто може суштински да се подобри, особено не со вакви политички елити коишто колку и да ветуваат дека ќе се борат со криминалот и ќе ја вратат правдата тој затворен круг не може никој да го разбие. Што може да се промени кај граѓаните, можна ли е нова енергија?

Тешко е да се зборува за нова енергија во ситуација кога по 12 годишен режим, како и да го толкуваме, се создала една енергија која кулуминирала во промена, власта била срушена преку избори, за потоа новата власт да не ги исполни круцијалните ветувања кои од неа се очекувале и биле клучни за самите граѓани да се определат, да излезат да гласаат, да жртвуваат нешто од себе. Еднаш кога ќе ја скршиш таа играчка, тешко дека повторно ќе создадеш нова енергија. Напротив, повторно се влегува во една спирала на „бизнис како и вообичаено“. Јасно е, некои трансформации и транзиции не може да се брзи. Меѓутоа, некои определби, особено ако претендираш и ден денес се повикуваш дека си дошол на власт преку граѓанска револуција, колку и тоа да звучи претенциозно, тие промени мораш да ги испорачаш.

Еве, постојано го посочувам примерот кој е многу важен за Балканските држави. Србија која е далеку од излез од авторитарни тенденции го испорача еден Милошевиќ во Хаг. Хрватска каде што и ден денес доминира ХДЗ, успеа еден Санадер да го казни. Тоа покажа дека во системот не ни требаат револуционерни промени и дека во таков вид систем во кој би постоело владеење на правото се возможни промени, да функционираат институциите, а тоа да не биде само политичка одлука и одмазда. Тоа кај нас требаше да се случи со Груевски. Видовме дека многу компромиси се направија околу најбитните одлуки без оглед кој како сака нив да ги толкува, со многу гнасни потези, амнестии на луѓе кои до вчера беа нарекувани терористи, а дел од нивните соработници кои не согласија да бидат дел од тие промени и натаму се терористи. Промената на името мораше да се заврши и тоа не го направивме сами, туку со огромна странска поддршка и помош во услови на специфични геополитички конјуктури кои настанаа во тоа време.

Секоја паметна партија која излегува од еден период на авторитарност, национализам и автархија очекувано е дека ќе се повикува на таа карта, тие тоа го искористија, но и го изиграа. Но, неказнивноста покажа дека ги кочи институциите. Дури и СЈО кое беше инсталирано во системот, политичката елита успеа да го уништи, а ветувањата за правда да ги изневери, вели аналитичарот Ивор Мицковски.

„Купен мир и тишина“

Сега, не постои целосен медиумски притисок, ниту агресивна пропаганда и поклопеност како во времето на Груевски, кога имаше контрола над секоја информации, но недостасува и соодветна критичност. И натаму принципот на купување на портали, медиуми, личности од граѓанскиот и невладиниот сектор продолжува. Имаме одредена слобода на изразување и можност за критика, но суштински реформи во медиумите не видовме, или барем сериозна политичка волја истите да се спроведат. Се поставува прашањето дали тоа овозможува една власт да влезе во конфорна зона на почетокот, а потоа и да врши уште поголем притисок за остварување на сопствените интереси?

Тоа е вечниот ужас. Треба да сфатиме дека токму таквото поведение не доведе до врвот на декадентната, византиска, ретроградна политика, која само по себе можеби не е авторитарна, но ја овозможи заробеноста на институциите, без можност за развој на слободна мисла и медиуми. Со контролата над секој аспект на општественото и политичкото живеење не разбираат дека еден ден може на власт да дојде некој кој ќе биде поголема „будала“ и тоа ќе може целосно да го злоупотреби на уште пострашен начин. Вториот проблем е што секоја споредба ја правиме со „режимот“. Има граница до каде тие споредби може да одат, особено ако тој режим веќе си го детронизирал, но не си го казнил. Потребно беше да се повлече нова линија и дека повеќе такви девијации нема да се толерираат, или барем да оставиме простор повоторно да се стигне до тој степен на контрола на државата од страна на една партија. Можеби нема да биде исто и не може да биде исто како претходно, но може да биде слично ужасно. На самиот почеток од новата власт се појавува дубиозен сопственик на телевизија од која ти не излегуваш. Медиумите кои беа соработници, материјални извршители на пропагандата на режимот и кои длабоко профитирале од лоповлукот, станува збор за суми од десетици милиони евра од народни пари, штетата што ја вршеле, пизмата, нападите, стигматизација, поминаа како ништо да се случило и добија само нови политички газди. Не дека ти како власт треба да ги исечеш во корен, но можеш и мораш да најдеш начин за промени кои сите ги очекуваа. Сега сите овие медиуми се на твоја страна, наместо на опозицијата, ја продолжуваш политиката на финансирање на медиумите што е еден вид на притаен поткуп и повторно се доаѓа до една состојба на зачмаеност, која што колку и да ти врши корист одреден период не му врши никаква услуга на граѓанството. Утре кога ќе дојде некој поперфиден на власт тоа ќе може уште повеќе да го искористи и злоупотреби, потенцира Мицковски.

Во првите години на новата власт постоеше простор за прифаќање на критика, имаше и откази за функционери кои правеа грешка под притисок на медиумите и граѓанскиот сектор. Постоеше претпазливост како ќе се претставуваат одлуките и мерките. Дали тој недостиг на критичност и од цивилниот сектор, може да создаде услови за продолжување на недемократските тенденции и поголема комоција во спроведување на сопствената агенда, но и неможност невладиниот критички сектор да се развие на соодветен начин. Секако, ова е важно прашање без оглед кој ќе има власта во свои раце.

- Пак, ќе кажам. Ние секоја споредба ја правиме со најлошото, наместо да се стремиме кон европски стандарди на функционирање на медиумите, невладиниот сектор и критичката маса. Тие може да ги игнорираш, толерираш, но никако не смееш да ги задушиш. Оваа власт не играше по истите принципи како претходната. Постои формална слобода на изразување и критичност, но последиците за тој што критикува вообичано доаѓаат од некоја друга страна. Нема тоа да биде „бахато“ како кај претходната власт, но повторно се доаѓа до истите последици. Тоа се рефлектира и во невладиниот сектор. Значи невладиниот сектор каков и да е беше една од кариките на промените. Тука се вложија многу средства, пред се од странските донатори. Кога се промени власта одеднаш следеше период на вакуум од речиси една година, невладините беа практично заборавени. Тоа го слушавме и во новите „бомби“ каде што се вели се е по мое, па после ќе ги откачам и тоа го вели поранешен премиер. Токму тие невладини биле на страната не само на новата власт, туку на една поголема кауза. Одеднаш, тие организации остануваат без средства, на тенок мраз, за сами да сфатат дека треба да се потчинат или ќе се алиенираат, а од друга страна и дека не се веќе потребни. Медиумите, критиката јавност и невладините организации мора да постојат и во понапредни демократски општества, а да не говориме за нашето. Со секоја промена на власт, го менуваш и односот кон овој сектор, ако како претходните ги „купуваш“ со државни функции, овозможуваш да им се залепат партиски етикети, а тоа е навредливо. Да се разбереме, не е грев да се премине од невладин во владин сектор, напротив за многумина тоа е доблесна одлука и е чест да се биде дел од институциите, но дел од нив прифатија функции за кои немаат соодветни знаења и тие недостатоци беа видливи.

Општество кое не може повеќе од ништо да се скандализира

Сведоци бевме на една од најлошите предизборни кампањи досега. Постојано се користат „бомби“, прислушувани материјали, нивото на политичка култура е дополнително спуштено и практично уништено. Тие принципи на чесна и фер демократска кампања како да пропаднаа во вода и новата реалност која ни ја сервираа е дополнително темна, како да е сведена кампањата само на лични пресметки и таргетирање на политичките противници, без реално да се говори за секојдневните проблеми, се бега од темата за справување со корона кризата и потенцијалната економска криза која би била уште потешка и со поголеми последици.

Како стигнавме до ова „дереџе“?

- Кажете ми една европска земја и пошироко каде во една изборна кампања до овој степен доминираат прислушувани материјали, и тоа од двете страни. Јасно е веќе кој снимал, прислушувал и играл со двете страни. Тоа само човек кој е интелектурално неискрен може да се лаже. Ја гледаме таа безобраност, тој ужас и сите се правиме како ништо да не се случува. Од друга страна како па да се скандализираме кога ние веќе сме народ кој не е способен за ништо да се скандализира? Ние ја сменивме власта со тие „бомби“, го видовме и чувме најгадното, што ние го знаевме, но кое не можевме да го докажеме и да го направиме општо познато. Ефектот се постигна, но сега гледаме дека и од двете страни се користат нелегални разговори, што покажува дека сите материјали, иако се тврдеше дека се целосно предадени на институциите, не било точно, дека сите контроверзни манипулации и игри меѓу политичките елити продолжиле. Не се доаѓа до тие материјали тек така. Вмешани се и служби, институции. Во европските земји кога ќе пукне „бомба“ по таков скандал веднаш се поднесува оставка, настануваат последици. Тоа го видовме со министерот Штрахе од Австрија, без оглед дали бил наместен од Курц или некој друг, тој си поднесе оставка. Такви скандали треба да се решаваат веднаш. Кај нас веќе испукаа стотина бомби, ни експлодира пандемија со корона кризата, луѓе умираат секој ден и никому ништо.

Изборната кампања беше релативно досадна, монотона и предвидлива. Опозицијата мораше да води негативна кампања, а истото го правеше и власта со самопотврдувачки фалби за успесите, и признавање на дел од грешките, дека можело и ќе биде подобро. А, во меѓувреме течеше паралелна кампања базирана на гнасотилоци за што обвинителството и институциите требаше да регираат и да преземат нешто, заклучува Мицковски.

Христијан Станоевиќ


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

За бугарскиот премиер прашањето за уставните измени е веќе затворена работа

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Николоски: Диви плажи функционираат во Струга, до кога ќе се толерира Мерко?

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Просториите на Адвокатска комора насилно запалени, се бара брзо пронаоѓање на сторителот

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Финансиска полиција го истражува поранешниот министер за култура Исмаили

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Тепачка во Итна медицинска помош Гевгелија

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

Вицепремиерот Фетаи: Државата лани замрзнала сомнителен имот од само 1,8 милиони евра

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

По контроверзните помилувања, Силјановска Давкова објави нов комисиски состав

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

Утре ќе бидат претставени шестте еколошки автобуси на ЈСП, донација од ЕУ

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик

„ЗА 176 ПРОЦЕНТИ Е ЗГОЛЕМЕНО НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНИТЕ“: Мојсоска најави - Левица ќе поднесе измена на Кривичниот законик