Анализа: Со Португалија како претседавач, Бугарија пред избори и топло-ладно од Брисел брзата европска интеграција се понедостижна
Објавено во: Македонија, Анализа 05 Февруари, 2021
До јуни Португалија ќе ја има во раце
раководната палка во Европската Унија и барем засега дипломатските сигнали се
дека проширувањето нема да биде во фокусот, туку поголеми внатрешни проблеми,
закрепнувањето од КОВИД-19 пандемијата и надворешните односи. Додека Германија
претседаваше со Унијата постоеја најсилните надежи дека процесот може да се
придвижи напред, но бугарското вето ги потона сите изгледи за отпочнување на
преговорите за членство иако беше дадено зелено светло од Европскиот совет. При
веќе направен голем национален компромис со Преспанскиот договор и трпението се
топи. Без јасно присуство на ЕУ како во Македонија така и во остатокот од
неинтегрираниот Западен Балкан, се отвора простор за продор на нови влијанија
на странски сили за кои барем засега не се пали црвениот аларм во Брисел. Тоа
што за нас е најнеповолно е што Бугарија ја има моќта наметнатиот спор за
историјата, јазикот и идентитетот да ги издигне на исто ниво како и спорот за
името. Во анализата со Катерина Јакимовска, координатор за настани во рамки на
тимот за надворешна соработка и настани при Вилфрид Мартенс Центарот за
европски студии официјален тинк тенк институт на Европската Народна Партија, се
осврнуваме токму на прашањето како да се продолжи европскиот пат и по која
цена, но и што во меѓувреме.
Португалија во наредните шест месеци ќе претседава со Европската Унија и според најавите процесот на проширување нека да им биде меѓу приоритетите туку економското закрепнување и подобрување на надворешните односи на ЕУ. Што може да очекуваме од португалското претседавање со ЕУ?
- Португалија во првичната агенда за нејзиното претседавање со Советот на ЕУ наведе приоритети како што се справувањето со пандемијата, „дигитално и зелено“ опоравување на Унијата. Во однос на меѓународните теми, фокусот ќе биде на трговските преговори со Индија и развојот на настаните во Источниот Медитеран, Либија, Сирија, односите со Турција. Иако првично се изјави дека проширувањето воопшто нема да биде во приоритетите, остана декларативната поддршка за надминување на блокадата на Бугарија кон Македонија и отпочнување на преговори во рамки на овие шест месеци. Календарот е таков што мали се надежите дека ќе се случи нешто такво во овој период, поради закажаните парламентарни избори во Бугарија во април и периодот што ќебиде потребен за формирање на влада. После Португалија следи Словенија, каде владејачкото мнозинство е доста нестабилно во моментов и повторно креира несигурност во предвидувањата за тоа што сѐ е можно да се случи со нашата „судбина“, истакнува Јакимовска.
Имаме ли доволно пријатели и сојузници во ЕУ за да не се дозволи уцените од Бугарија да прераснат во прашање на доброседски односи при што сосема јасно ќе биде дека без било каков компромис со источниот сосед овој билатерален спор ќе стане неизбежен дел од условите за отпочнување на преговорите со ЕУ?
- Гледано од аспект на реал-политиката, и да имаме 26 сојузници во ЕУ, Бугарија е 27-та алка без која нема да можеме да продолжиме понатаму со евро-атлантскиот процес. Токму тука лежи огромната привилегија да се биде членка на тој клуб, интересите на земјите членки се интереси и на Унијата, a за обратниот процес сме сведочеле различни искуства низ времето. Пријатели веројатно имаме, но во случајов дури ни за време на германското претседателство не се успеа да се надминат тесните интереси на поединечни земји членки, што дава знак на конфузно и безнадежно делување во рамки на ЕУ. Не би сакала да прејудицирам дека моменталната блокада од страна на Бугарија ќе прерасне во спор кој ЕУ ќе го квалификува понатаму со иста тежина како спорот со Грција и ќе се изгубат уште години и ресурси од евро-интеграцискиот процес на РСМ, смета Јакимовска.
Воопшто проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан како процес е доведен во целосна блокада. Ја губи ли легитимноста Европската Унија и колку тоа може негативно да се одрази во регионот ако нема европска перспектива во догледно време?
Поради неконзистентната политика на ЕУ кон регионот на Западен Балкан, кредибилитетот ѝ е веќе сериозно нарушен и тоа се чувствува во падот на поддршката за членство во ЕУ низ годините при испитувањата на јавното мислење, како и со засиленото присуство на други актери со различни геостратешки интереси – Русија, Турција, Кина, ОАЕ. Со потпишувањето на Преспанскиот Договор се вратија надежите дека ЕУ ќе си ја ревоспостави улогата на доминантен актер во регионот и ќе ја засили нејзината улога во решавањето на спорот за Косово. Наместо тоа, во еден тежок пандемски период и глобално деморализирање на вредностите на западно-европскиот демократски свет, се отвара нов спор кој иронично настојува да нѐ врати назад кон историјата за да се трасира иднина во ентитет кој промовира слободен пазар, граѓански слободи и немање граници. Со ваква политика, оваа ситуација претставува отворена покана кон било кој од погоре споменатите актери да ја искористат фрагилноста на ЕУ политиката кон регионот и да го засилат присуството во регионот за остварување на својот интерес, анализира Јакимовска.
Што може ние да направиме во период кој претстои за го забрзаме остварувањето на децениската стратешка цел, особено што во "мејнстрим либералната јавност" постојано се истакнува дека друга алтернатива освен ЕУ не постои за Македонија?
Ние имаме сериозна домашна работа, реформи и приближување кон критериумите за членство. Времето поминува, а ние сѐ уште имаме сериозни канцерогени состојби како партизирана јавна администрација, невладеење на правото, лоши резултати во борба против корупција, слаби економски перформанси. Ако ја свртиме паричката и се постави прашањето – а како го искористивте до сега периодот чекајќи да добиете датум за преговори, што треба да одговориме? На оној контра-аргумент дека и други земји членки ги немаат разрешено овие горливи прашања, јас одговарам – точно, бидејќи тие не се ни решаваат магично и одеднаш, со просто носење на закони со ЕУ знаменце. Оваа дебата можеме да ја водиме до бескрај, дека внатре во Унијата има земји што што имаат проблеми со владеење на правото, корупција итн, но тоа нема да ја поправи фактичката состојба кај нас. Во извештајот за напредок што го изготвува Европската Комисија, постојат определени параметри и сфери каде се нотира напредок и со колкав интензитет и тоа претставува рефлексија на сработеното. Во последниот извештај имаше забележан слаб или ограничен напредок во многу полиња каде можевме многу повеќе и многу подобро. Во пошироката јавност во ЕУ, слабо е расположението за проширување бидејќи на земјите од Западен Балкан се гледа како на пакет земји со огромни проблеми што ќе бидат товар, а не додадена вредност за Унијата, потенцира Јакимовска.
Подолго време се ширеа пробни балони дека супститут за полноправно членство ќе биде пристапување во Европската економска заедница, со поголема интервенција на европскиот пазар и финансиските институти. Дали тоа ќе биде утешна награда за Македонија и регионот или пак е добра шанса која треба да се искористи во догледно време?
Пристапувањето кон ЕЕЗ не може да биде супститут за членство во ЕУ иако подготвеноста за членство грубо би опфатило 70% исполнување на критериумите за членство во ЕУ, поради тоа што се базира на истите „четири слободи“ како и ЕУ: слободно движење на добрата, луѓето, услугите и капиталот меѓу земјите членки. Исто така, за да се биде членка на ЕЕЗ, земјата мора да помине низ истиот процес на ратификација од страна на секоја земја членка (моментално се 30 на број), што значи патот е идентично трнлив. Политичкиот аспект на полноправното членство во ЕУ вклучува опсег на вредности како што се демократија, владеење на правото, граѓански слободи и права. Ние не сме ниту Норвешка, ниту Исланд, ниту Лихтенштајн кои се членки на ЕЕЗ без да бидат членки на ЕУ и несериозно е да се споредуваме со нив по било кој параметар за демократски развој, заклучува Јакимовска.
*Ставовите се лични и не ги одразуваат ставовите на Вилфрид Мартенс Центарот за европски студии
Христијан Станоевиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.