28 Септември, 2024
0.0334

АНАЛИЗА: Театар или вистинска грижа за уметниците?

Објавено во: Анализа 15 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Знаеме ли како нација да правиме разлика меѓу вистинските и квази – вредностите? Животната приказна за великанот на македонската песна Вања Лазарова го отвори прашањето дали институционалната демонстрација на грижа за “националната култура и вредности“ е далеку од својата суштина. Лазарова, која од својата осумнаесетта година ја пее македонската песна нема статус на „национален уметник“, нема ниту државна награда за животно дело. Она што досега требаше да го направат институциите го направија – граѓаните. По Инцијативата “За подршка на Вања Лазарова“, државата се разбуди.  Во отворено писмо адресирано до премиерот Никола Груевски, композиторот Златко Ориѓански напиша : “Зарем е можно Македонија да нема 10.000 денари кои би се додале на нејзината пензија, за достоинствено, во старски дом, да си замине од овој свет кога ќе ѝ дојде време? Зарем не чувствувате дека треба да ѝ се оддолжиме сите ние, сега, кога тоа не го направи Македонија кога можеше и кога требаше? На крајот, дали воопшто е потребно некој како Вања, да поднесува барање, да се занимава со административни глупости и самиот да се предлага за награда? Зарем немаме до толку свест, ние, самите да знаеме и согледаме која беше Вања, кој беше Петре М. Андреевски?“ – праша Ориѓански. Кој и под какви услови може да биде “национален уметник“ ...  Пијанистот Трпчевски, режисерот Манчевски и кралицата на ромската музика Реџепова е македонската тројка – која  ја носи титулата “националаен уметник“. Како дел од проектите што треба да придонесат кон развој и негување на македонската култура – се токму и наградите и титулите за уметниците. Во програмата за периодот 2011 – 2015 та година пишува: „Доделување титула „национален уметник“ од Претседателот на државата на уметници кои дале врвен придонес за културата и уметноста во Македонија “ и „Доделување на пензии на истакнати уметниците и други стручни работници кои ги исполниле пропишаните критериуми.“ Тутулата национален уметник годинава се додели по трет пат.  Ја доби Есма Реџепова – Теодосиевска, а и ја врачи претседателот на државата Ѓорѓе Иванов.  „Тешко е да се каже дали оваа награда – титула има влијание пошироко. Мислам дека нема, таа е повеќе евентуално лична сатисфакција за носителот и демонстрација на грижа на власта за уметноста. На еден начин титулата национален уметник е директно продолжување на традицијата на социјалистичкиот блок кога тие титули се делеа и донесуваа разни бенефити за носителите“ – изјави неодамна  за „Фактор“ режисерот Слободан Унковски. Доделувањето на титулата „национален“ уметник е предвидено и во правата и должностите на претседателот на државата : “Титулата Национален уметник ја доделува претседателот на Република Македонија, врз основа на предлог од министерот за култура, а по претходно мислење на комисија.“ Инцијативата за прогласување на национален уметник може да биде иницирана од јавни установи од областа на културата, високообразовни и научни установи и здруженија на граѓани од областа на културата . Оценката за тоа дали уметникот ги исполнува критериумите е во надлежност на Комисија основана од Министерството за  култура. Националниот уметник, по прогласувањето месечно добива надоместок од државата во вредност од 1 000 евра или како што пишува во законот „две просечни плати“ и дополнително има право со буџетски пари да издаде монографија за животното творештво. Во исто време, државата доделува и национална пензија во вредност од 500 евра. Според законското решение, за титулата „национален“ уметник може да се тркаат актери, режисери, костимографи, фотографи, архитекти, солисти, дирегнти, писатели, сценаристи, кореографи и балетски и ликовни уметници. Уметност – со политичка боја ... Додека од една страна владата демонстрира потези, проекти и стратегии за заштита, развој и подршка на културата и уметниците, експертската јавност вели дека на „мала врата“ на ваков начин го јакне и своето влијание врз уметноста. „Во огромна мера современата уметност во Македонија е под влијание или под директен притисок на актуелната политика.“ – оценува режисерот Унковски. Без ехо во светот, творештвото дома - не значи ништо. Композиторот Златко Ориѓански за „Фактор“ изјави – да се биде „национален“ уметник треба да се биде во исто време и „интернационален“. „Ќе го земам примерот со Иво Андриќ. Да се биде национален, тоа значи истовремено  да се биде и интернационален уметник, инаку, се друго се локални и провинцијални приказни. Такви луѓе,Македонија има многу малку, како што се  Маркес, Борхес, како  Достоевски.. Кишловски - се потпираат на она што е нивна традиција а звучат „светски“. Моќта на уметноста останува „неосвоена“ тврдина за политиката, вели Ориѓански. „Политиката и уметноста отсекогаш се допирале. За несреќа и политичарите многу често паѓаат во еден занес дека создаваат нов и до пред нив, непознат свет, многу слично како луѓето од уметноста. Можеби таму е причината зошто политиката честопати се меша во уметноста. Одсекогаш било така, уметноста е сила од која политиката се плаши и затоа се обидува да ја стави „под свое“ за да не и прави бељи. Ако мене лично ме прашувате за став, мислам дека за она што е македонска култура и уметност, далеку далеку повеќе дале еден Слободан Унковски, Горан и Влатко Стефановски, заедно со Манчевски“ – оцени Ориѓански. Институциите се разбудија ...... Иако направила обид, Вања Лазарова сепак ја изгубила битката со институциите. И било одбиено барањето за добивање на национална пензија со образложение дека немала добиено државна награда. Сега, токму истата државата што ја одбила сега ќе покрене инцијатива наградата “11 октомври“ за животно дело да и се додели на Вања Лазарова со што ќе се исполни условот таа да добие и национална пензија. По обелоденување  на случајот и големото „ехо“ во јавноста дека Лазарова живее во домот за стари лица „Милица“ со скромна пензија,  министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска експресно ја посети Лазарова во домот за стари лица „Милица“од каде најави институционална подршка за Лазарова. Доајенот на македонската народна песна доби поддршка  од огромен број граѓани кои преку Фејсбук групата „Поддршка за Вања Лазарова“ организирано ја посетија. “Не ми требаат пари, не сум бедна, но важен ми е гестот“ – изјави Лазарова која повеќе од една година спокојно живее во Домот. А.Д.