29 Септември, 2024
0.0233

АНАЛИЗА: Збогување со „Јужен тек“, европските бариери пресилни за рускиот гас?

Објавено во: Анализа 20 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Бугарија го послуша Брисел, запираат сите активности поврзани со изградбата на гасоводот „Јужен тек“. Официјална Софија, преку Министерството за економија и енергетика му нареди на Бугарскиот енергетски холдинг, компанијата која го менаџира гасоводот на бугарската територија, да ги замрзне сите активности. И покрај оваа одлука, пред два дена компанијата го зголемила капиталот за повеќе од 25 пати. Во пресрет на парламентарните избори во октомври и извесната поддршка за европски ориентираниот Бојко Борисов, се поизвесно станува сценариото за исцртување на европските бариери за рускиот гас. Бугарија и „сврте грб“ на Русија, дали Јужен тек ќе прoтече на Балканот? „Неверојатно, но вистинито - откако вчера министерот за економија и енергетика, Васил Шонов експлицитно му нареди на Бугарскиот енергетски холдинг (БЕХ) да запре секаква активност поврзана со „Јужен тек“, доцна синоќа се случило зголемување на капиталот на „Јужен тек Бугарија“ повеќе од 25 пати“ – ова е само еден сегмент од анализите што ги пренесуваат бугарските медииуми откако Бугарија и официјално издаде наредба да запре изградбата на рускиот гасовод. Официјална Софија реши да го послуша Брисел. Активностите за изградба на гасоводот запираат сè додека не се постигне согласност на релација Европска Унија – Москва. Ова експлицитно е наведено во соопштението на Министерството за економија и енергетика на Бугарија. „И покрај преземените мерки на Владата за замрзнување на работата на проектот „Јужен тек“, на 18.08.2014 година во Трговскиот регистар е запишано зголемување на капиталот на проектната компанија „Јужен тек Бугарија“ до 397.6 милиони лева. Оваа акција од страна на раководството на „Јужен тек Бугарија“ претставува прекршување на Протоколот, односно решението на министерот Васил Шонов од 11 август 2014 година да се прекинат сите активности на проектот до постигнување на согласност со европското законодавство“, се посочува во писмената изјава на ресорното министерство. Медиумите во Бугарија веќе ги разработуваат можните сценарија од ваквата разврска, но едно е сигурно - проевропски настроената Влада кормилото целосно го врти кон Европската Унија. Македонија сè уште не е на транзитната рута на овој гасоводен систем и долго време јавноста се држи во неизвесност дали воопшто тој ќе ја премине границата од земјава.
Македонија од самиот старт не е на трасата на „Јужен тек“ и тоа е јасно и очигледно. Не знам од кои причини ги подгреваа очекувањата дека Македонија е дел од „Јужен тек“. Буквално на земјава во овој момент не ù е потребен крак од овој гасовод, можеби перспективно, по триесет години, но најодговорно тврдам дека Македонија сега нема потреба од дополнителни количини на гас“, објаснува енергетскиот консултант Митко Андреевски и додава: „Цената во случај на поврзување на Македонија преку крак со „Јужен тек“ би била незначително помала, односно десеттина до петнаесет долари. За потсетување, ние во овој момент плаќаме од 100 до 120 долари повисока цена во споредба со соседна Бугарија. За Македонија, ако сакаме да најдеме вистинско решение тоа е наоѓање на нови извори, односно нови снабдувачи на природен гас“, вели Андреевски.
Според постоечката карта на која е исцртана трасата на „Јужен тек“, гасоводот од Русија преку Црното Море, односно Бугарија треба да стаса во Србија од каде со краци треба да се поврзат Босна и Херцеговина и Хрватска. Потоа од Србија трасата продолжува во Словенија од каде завршува во Италија. Во исто време од Србија се двои поголем крак кој преку Унгарија се поврзува со Австрија. Македонските власти потпишаа меморандум со кој треба да се испита економската исплатливост на гасоводот, но и покрај тоа што прокетот сè уште е во почетна фаза, тој беше дел од ветувањата и најавите дека Македонија ќе биде енергетски зајакната преку поврзување со крак од „Јужен тек“. Експертската јавност коментира дека во оваа гасоводна „војна“ меѓу Брисел и Москва, сепак европските бариери ќе бидат пресилни за рускиот гас, а како клучни земји за спроведување на планот за замрзнување на проектот ќе бидат Бугарија и Унгарија.
„Бугарија ја чекаат парламентарни избори во октомври и како што стојат сега работите, проевропски ориентираниот Бојко Борисов е фаворит во трката за поддршка. Во сценариото да се замрзне дотокот на руски гас во Централна и Западна Европа главни играчи би биле токму Бугарија и Унгарија“, коментираат за “Фактор“ познавачите на состојбата.
Откако ЕУ обвини дека договорот со Русија не е во согланост со европските закони, целиот проект се проблематизираше, а дел од земјите што потпишаа договор решија да отстапат.