Добивај вести на Viber
Генерал Михајло Апостолски, Пере Тошев, Ѓорѓи Сугарев, Никола Петров Русински и Андон Лазов Јанев-Ќосето - ова се историските личности кои исто така ќе добијат свои споменици во Скопје. Програмата за обележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја ќе се најде пред советниците на Град Скопје на претстојната седница в понеделник.
Меѓу предлозите е и релјефно обликување на нова фонтана со настани, личности и симболи од македонската историја. Засега нема детали каде ќе бидат подигнати спомениците, а рокот за подигање, местото, текстот на обележјето, ќе се утврдуваат дополнително со одлука на Советот на Град Скопје за секој споменик посебно.
Средствата потребни за финансирање на новите споменици ќе се издвојат од Буџетот на Град Скопје, донации, Буџетот на Република Македонија и други извори, согласно закон.
Во образложението на одлуката се наведува дека „зачувувањето на споменот на важните настани и личности од историјата и културата на секој народ, кои впечатливо придонеле за развојот на пошироката заедница, претставува посебна законска, морална и цивилизациска обврска како на државната, така и на локалната власт. На просторот на Град Скопје низ долг временски период се одвивале настаните и се вкрстосувале патиштата на личностите кои оставиле неизбришливи траги во нашата историја на опстојување, борба за слобода, независност, национална самостојност и човечко достоинство“.
Ова се историските личности кои, доколку одлуката помине ќе добијат свој споменик во Скопје:
Генерал Михајло Апостолски - македонски партизан, генерал, командант на НОВ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој, по потекло од Ново Село.
Петар Наумов Тошев - од Прилеп, македонски револуционер, војвода, учесник во Илинденското востание
. Еден од најблиски соработници на Гоце Делчев и Ѓорче Петров.
Никола Петров Русински - македонски социјалист, учесник во револуционерното движење, истакна член на Македонската револуционерна организација, близок соработник на Гоце Делчев и Васил Главинов.
Ѓорѓи И. Сугарев - учител, македонски револуционер, учесник во Илинденското востание, битолски околиски војвода. Завршил егзархиска гимназија во Битола, а учителствувал во битолско и кичевско. Дејствувал во четата на Никола Русински и бил секретар на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО.
Антон Лазов Јанев - познат како Андон Ќосето или Андон Велешанецот бил македонски револуционер, борец во четите на Сандански, Чернопеев, а потоа формирал и сопствена чета.
Во програмата се наведува дека листата не е конечна, туку е отворена и за други содржини и може да се дополнува и со други личности.