Арачиново заживеа со 500-те илјади евра на Владата
Објавено во: Економија 24 Декември, 2020
Општина Арачиново заживеа со јавните набавки откако Владата на седницата на 11 декември донесе одлука да ја помогне локалната самоуправа со 500.000 евра неповратна помош.
По пауза од седум месеци без активност кај склучените договори кај јавните набавки, општината на вчерашниот датум „официјализираше“ девет тендери. Најголемите се 14,9 милиони денари со Инженеринг Гроуп Желино за изградба на шеталиште, велосипедска и пешачка патека, 10,3 милиони денари со Еуро Инвест-инг Тетово за поставување систем за водоснабдување во Мојанци и 6,4 милиони денари за набавка на електрична енергија од подружницата на косовската Футуре Енерџи Трејдинг.
Меѓудругото, за над милион денари постигнати се и договори за уредувањето на партерот пред општинската зграда, за набавка на горива и мисла, два договори за привремени вработувања, како и нешто помалку за јавно осветлување и изработка на проекти. Вкупната сума на сите договори е околу 40 милиони денари. Верификувани се на вчерашниот датум во системот за јавни набавки, а инаку се постигнати порано во текот на годината, а некои од нив и во 2019.
„Владата денеска донесе одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во висина од 30.000.000 денари на Општина Арачиново, како еднократна неповратна финансиска поддршка, за справување со потешкотиите во тековното работење настанати поради ковид-19 кризата“, гласеше соопштението на Владата пред две недели.
Немаше детали за што точно Владата дава пари од буџетот само на оваа општина, ниту дали ќе има и кој ќе врши контрола на трошењето на донацијата. Два дена подоцна општината даде одговор дека ќе ги искористи за враќање на стари долгови со објаснување дека со сумата која ја добиле од Владата, можат да вратат само половина, бидејќи долгот изнесува 60 милиони денари.
„Со оглед на тоа дека пандемијата со Ковид-19 ги отежни многу функции и активности на општината, доставивме барање за финансиска помош до Влада во врска со ефектите на Ковид-19, за да се соочиме со општинските долгови. Ние како општина наследивме повеќе долгови, а пандемијата ја отежни уште повеќе состојбата со општинските долгови. Владата донесе одлука и сме многу благодарни за добиената помош.“, рекоа од таму.
А.К.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.