АВИОНСКИОТ ПРЕВОЗ „ЦВЕТА“, НО ЖЕЛЕЗНИЦАТА ПРОДОЛЖУВА ДА ГУБИ ПАТНИЦИ – граѓаните се помалку и помалку користат возови
Објавено во: Економија 01 Октомври, 2025 07:43
Ново намалување на бројот на превезени патници се забележува според податоците на Државниот завод за статистика. Во вториот квартал годинава со возови биле превезени 47 илјади патници, додека во првиот квартал 61 илјади патници. За споредба со железницата во првиот и вториот квартал од минатата година биле превезени вкупно сличен број на патници. Поточно во првиот квартал имало 42 илјади патници, додека во вториот 69 илјади патници. Споредено со 2023 година бројките се значително намалени. Имено во привиот квартал од 2023 година биле превезени 102 илјади патници со железницата, додека во вториот квартал од 2023 година биле превезени 73 илјади патници.
Железничкиот превоз во Македонија, за жал од година во година има се помалку патници, и е меѓу најслабо користените јавни типови на превоз. Наспроти светските апели и вложувања во железниците како најеколошки превоз, кај нас, бројот на патници континурано се намалува, што секако се должи на бројот на возови и на дестинациите кои се поврзани со возовите, но и условите во самите возови, честите дефекти поради кои патници чекаат на една станица со саати.
Анализата на Државниот завод за статистика, насловена „Месечен статистички извештај“ ги содржи најновите податоци за бројот на патници превезени со железнички, авионски, автобуски и бродски транспорт.
Патниците кои го користат автобускиот превоз покажуваат континуитет, иако и во оваа група се забележуваат подеми и падови, сепак, генерално има слични бројки на патници кои се превезувале.
Па така во патниот превоз во првиот квартал годинава биле превезени 962 илјади патници, додека во вториот 984 илјади патници. За споредба, минатата година во првиот квартал имало 918 илјади патници, додека пак во вториот квартал биле превезени 914 илјади. Што се однесува пак до 2023 година, бројот на превезени патници се движел во слични граници. Во првите три месеци од 2023 година биле превезени 899 илјади патници, додека во вторите три месеци 1.048 илјади патници.
Еден од секторите кои бележи континуиран раст на бројот на превезени патници е воздушниот. Кај воздушниот транспорт бројките на превезени патници од година во година бележеа постојан раст.
Имено во првите три месеци од 2025 година, со авион патувале 631.180 патници, додека во вториот квартал авионот го искористиле 895.531 граѓани. За споредба во првиот квартал од 2024 година биле опфатени 640.165 патници, додека во вториот квартал 815.383 лица.
За споредба во текот на 2023 година нивните бројки биле пониски. Па така во првите три месеци од 2023 година биле превезени 493.096 патници, чиј број скоро се дуплира во вториот квартал кога биле опфатени 843.654 лица со авионски превоз.
Надлежните најавија повеќе проекти кои треба да придонесат за поврат на патниците во возовите, од обнова на пругите, па се до обнова на вагоните. Иако и во минатото имаше повеќе најави и планови за обнова на железничкиот превоз, состојбите не се движат во посакуваната насока.
Сепак, со новиот стратешки договор постигнат со Велика Британија, Македонија има основа да се надева на совети и помош во развојот на железниците. По потпишувањето на овој стретешки договор, надлежните објавија дека со него се „воспоставува рамка со која страните ја потврдуваат својата подготвеност и посветеност да соработуваат преку споделување на експертиза, искуства, добра практика и научени поуки во поддршката на проектите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура – Скопје, со посебен акцент на брзата железница, како и товарен железнички сообраќај, сигнални и контролни системи, надградба на инфраструктурата, депоата и железничкиот возен парк“.
Како што е познато Договорот за соработка е во важност од 5 години со можност за продолжување од дополнителни пет години.
Воедно министерот за транспорт и врски, Александар Николоски пред неколку дена најави дека се планира обнова на пругата од Србија до Грција.
- Што се однесува до нас, планираме да градиме од границата до границата, односно од границата со Србија до границата со Грција. Се надевам дека ќе ги започнеме работите следната година, а рокот би бил пет години од почетокот на работите, што значи дека тие треба да бидат завршени некаде во 2031-2032 година – објасни Николоски. Тој потенцираше дека и Грција исто така ќе започнат следната година, така што на тој начин двете земји ќе бидат поврзани.
Воедно укажа и на договор што би требало да го потпишат Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија за соработка на Коридорот 10, кој веќе беше завршен и подготвен за потпишување минатата година, но поради политичката нестабилност во Србија, бил одложен.
П.О.* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:
Можеби ќе ве интересира
Димитриеска-Кочоска: Немам информација дека доцни породилното
ПРЕДНОВОГОДИШНО РИПНАЛЕ ЦЕНИТЕ НА УГОСТИТЕЛСКИТЕ УСЛУГИ: Еве што покажува статистиката
ОД 11 ДЕКЕМВРИ НЕМА ПОВЕЌЕ ВОЗ НА ДЕЛНИЦАТА СКОПЈЕ-ЗЕЛЕНИКОВО: Почнува реконструкцијата на пругата
РКЕ го намали надоместокот за мрежарина за електрична енергија
ДОЦНА НАВЕЧЕР СЕ ПОТПИШУВАА РЕШЕНИЈА: Субвенции за набавка на клима уреди во Скопје
КУПИЛ ДВЕ НАПУШТЕНИ ШТИПСКИ СЕЛА: Косовски бизнисмен бара од Владата да ја гради најголемата фотоцентрала
АЛЕКСАНДАР МАНЕВ ВО „БИЗНИС-КЛУБ“: „Кадарот го создава духот на компанијата“
Венецуела го зголеми дневниот извоз на нафта во ноември





