Австриска бизнис делегација предводена од амбасадорот Памер во посета на Реплек
Објавено во: Мои пари 11 Март, 2024
Запознавање со капацитетите и развојниот потенцијал на компанијата, продлабочување на досегашната соработка и креирање нови можности за бизнис. Ова беа дел од целите за посетата на блиски соработници и пријатели на Република Австрија во Р.С. Македонија, предводени од амбасадорот на Австрија во Скопје Мартин Памер, на Реплек.
Во рамки на посетата, амбасадорот и бизнисмените од Австрија имаа можност непосредно да се запознаат со дел од производствените капацитети на Реплек, конкретно во сегментот на производство на лекови, како и со стандардите и строгата контрола на квалитетот кои се применуваат во целокупниот синџир на производството.
„Она што имавме можност да го видиме и да го слушнеме при оваа посета, само ги потврдија нашите претходни сознанија дека Реплек е современа компанија која е посветена и сериозно вложува во својот развој, креирајќи нови можности за луѓето и за нивната добросостојба и давајќи придонес за развојот на заедницата и земјата во целина. Поради сето ова, јас и мојот тим и понатаму со задоволство ќе ја користиме секоја прилика како што е оваа, да им помогнеме на компаниите како Реплек да ја претстават својата добра работа и да креираат дополнителни можности за соработка и партнерства со компании од Австрија, со што сите заедно ќе придонесеме кон натамошно унапредување на добрите економски релации меѓу нашите две држави и пријателството меѓу нашите народи“, изјави Амбасадорот на Австрија во Скопје, Мартин Памер, по обиколката на погонот за производство на лекови и лабораторијата за контрола на квалитет во Реплек.
Во текот на посетата, претставниците на стручно-оперативниот, како и на менаџерскиот тим на Реплек ја искористија можноста да ги претстават најновите технолошки достигнувања во производството на лекови, како и дел од производите од фармацевтската програма на Реплек, кои се помеѓу најпродаваните на пазарите каде што се пласираат.
„Голем дел од моето детство и почетоците во мојата професионална кариера се поврзани токму со Австрија. Тоа ми овозможи добро да се запознам со вредностите и начинот на кој функционира австриското општество и бизнис сектор и тоа знаење да го пренесам и употребам во управувањето со тимот, процесите и развојот на Реплек. Истовремено, австрискиот е еден од таргетираните извозни пазари за нашите производи, којшто има значаен потенцијал и нуди можности за натамошно проширување на нашето присуство. Оваа посета на реномирани претставници на австриската и македонска бизнис заедница и на неговата екселенција - амбасадорот Памер, е одлична можност да се претставиме во најдобро светло и да ги промовираме нашите вложувања во целокупната модернизација на компанијата кои веќе даваат забележителни резултати во сите сегменти од нашето работење, вклучувајќи го и проширувањето на нашето портфолио на производи“, истакнаглавниот извршен директор на Реплек АД Скопје, Душан Пецовски, заблагодарувајќи се за посетата на високата делегација од Австрија и можноста да се претстави компанијата и нејзините вредности и квалитети.
Реплек АД Скопје е извозна компанија која 75 % од своето производство во фармацевтскиот сегмент го пласира на над 20 странски пазари, вклучувајќи и земји членки на ЕУ, како и во земјите од Адриа регионот, на Блискиот исток, во Африка, Југоисточна Азија, и на пазарите во ЗНД. Минатата година компанијата ја заврши со раст на продажбата на домашниот пазар од 37 %, како и со раст на извозот за 43 % во однос на 2022 година.