23 Декември, 2024
0.0338

Интервју со Кристијан Чушков, директор на ЈСП Скопје

Автобус на гас е најсоодветен за јавниот превоз во Скопје

Објавено во: Македонија 01 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

Иако, изминаа само 7 години од набавката на новите 202 двокатни кинески автобуси и 80 украински едноподни автобуси, тие речиси секојдневно се расипуваат. Се платија премногу, а се со лош квалитет, вели во интервју за Фактор, првиот човек на ЈСП Скопје, Кристијан Чушков. Од 12 панорамски двокатни автобуси, само два се во исправна, возна состојба. Останатите ги наследивме расклопени. Од нив ваделе мотори, менувачи, делови од командната табла, па дури и електрика и столчиња за да ги одржуваат останатите затворени двокатни автобуси.  Заклучно со 31.декември 2017 година, претпријатието има 1.347 вработени. И ЈСП Скопје по промената на раководната структура се соочи со блага превработеност, но, во случајов позагрижувачки е фактот на вработени несоодветни кадри, додава Чушков.


Фактор: Пред скоро една година ве назначија за директор на ЈСП, каква состојба начекавте?

Чушков: Не сакам да се навраќам кон минатото, кој и како работел и што оставил, но во случајов морам да признаам дека наследив возен парк кој во значителна мера е нефункционален, а тој практично ни е основна алатка за работа и за непречено функционирање на претпријатието. Иако, изминаа само 7 години од набавката на новите 202 двокатни кинески автобуси и 80 украински едноподни автобуси, тие речиси секојдневно се расипуваат. Се платија премногу, а се со лош квалитет. Украинските се во многу лоша состојба, со нив едвај врзуваме крај со крај. И со кинеските имаме проблеми пред се поради непостоење на овластен застапник, па автоматски не постои можност за било каква сервисна и техничка поддршка. Колку за пример, ќе ви кажам дека од 12 панорамски двокатни автобуси, само два се во исправна, возна состојба. Останатите ги наследивме расклопени. Од нив ваделе мотори, менувачи, делови од командната табла, па дури и електрика и столчиња за да ги одржуваат останатите затворени двокатни автобуси. Оттаму, логично е што повремено се доведуваме во незавидна положба, приморани сме во сообраќај да ги пуштаме старите „Санос“ автобуси за да во кондиција се одржуваат сите линии. Неизбежно е да кажам дека наследив и проблематичен систем за електронска наплата на билети, кој содржи значителни пропусти. Условно кажано најголем проблем претставува непостоење на билет за едно возење, како и неоперативниот и неактивен систем за надополнуавње на билети преку веб апликација. Несоодветно функционира(ла) и официјалната веб страница на претпријатието која меѓу другото не била навремено ажурирана, а патниците оттаму треба да ги црпат неопходните информации како возен ред, мапа/мрежа на линии и слично. И покрај тоа што сите овие навидум незначајни работи ги констатирав веднаш по преземањето на функцијата, поради правни обврски према договорниот орган („Телеком“), спречени бевме веднаш да ги направиме корекциите во интерес на нашите корисници. Начелно, имаме решение како да ги исправиме пропустите и очекуваме тие да бидат корегирани кон крајот на годинава, кога практично ќе се создадат пред сѐ правни услови за интервенција. Да напоменам дека и рекламниот простор на автобусите е издаден под концесија во наредниве 10 години, договор кој го наследивме, така што немоќни сме да интервенираме во тој домен и покрај честите прозивки на наша сметка дека автобусите се како подвижни реклами, патниците немале прегледност, па дури дека биле и небезбедни.


Фактор: Каква е во моментот финасиската состојба на ЈСП Скопје?

Чушков: Финансиски стабилно стоиме, претпријатието се одржува во кондиција. Со домаќинско работење, успеваме редовно да ги сервисираме обврските, но, за жал во меѓувреме отплаќаме и стари, наследени долгови. Меѓу нив и еден долг, подигнат кредит во висина од 3,5 милиони евра во далечната 1997 година, за кој во меѓувреме била вратена незначителна сума.


Фактор: Колку вработени има во моментот во ЈСП?

Чушков: Заклучно со 31.декември 2017 година, претпријатието има 1.347 вработени. И ЈСП Скопје по промената на раководната структура се соочи со блага превработеност, но, во случајов позагрижувачки е фактот на вработени несоодветни кадри. Правилникот за внатрешна организација не бил изработен согласно реалните потреби на претпријатието, па и покрај доволниот, односно непотребно големиот број вработени, наследив кадар кој во голема мера не е стручно оспособен да ги реализира тековните обврски. На пример, имаме вработен во маркетинг секторот во завршен Факултет за физичка култура, професор по географија е дел од секторот за човечки ресурси, пеач бил дел од тимот на ЈСП „Турс“...Има и десетина други несоодветни кадри. Згора на се, неколку лица се дошколувале на сметка на претпријатието. Генерално тоа се вработени кои станале дел од претпријатието пред промената на власта, а дојдени се од кабинетите на поранешниот премиер, а има и од кабинетот на поранешниот министер за транспорт и врски.

Фактор: Неодамна излезе информација дека Возачи од ЈСП „Скопје“ даваат отказ во претпријатието за да одат да возат автобуси во Малта. Досега 10 возачи дале отказ а други 18 најавиле дека ќе заминат бидејќи добиле работа да ги возат автобусите во јавниот превоз во Малта, колку има вистина во овие информации?

Чушков: Точно е, но секој има право на избор. Во изминативе три месеца 16 возачи дадоа доброволен отказ со образложение дека заминуваат да работат во Малта. Во меѓувреме имаше најави за уште доброволни откази од истите причини, но досега тие не се реализирани. Инаку, имам информација дека дел од тие што заминаа се вратиле, оти не било толку идилично како што замислувале. Но, и покрај овие околности, претпријатието нема никакви негативни последници во процесот на секојдневната работа, бидејќи бројот на тие што заминаа е незначителен. ЈСП „Скопје“ во моментов има 750 возачи, кои во целост ги задоволуваат потребите за реализирање на тековните обврски. До крајот на годинава планираме да вработимеуште 80 нови имајќи во предвид дека ќе се зголеми обемот на работа со планираното проширување на возниот парк. Овој податок е само доказ плус дека и понатаму ќе го одржуваме континуитетот на ефикасно и непречено реализирање на утврдениот возен ред на сите линии.

Фактор: Град Скопје најавува континуирано обновување на возниот парк на јавното сообраќајно претпријатие. Се планира набавка на 30до 40 нови автобуси што може да се реализира во втората половина од годината?

Чушков: Интензивно работиме на утврдување на начинот на финансирање за планираните нови автобуси. Начелно, динамиката на целиот проект предвидува на есен да се распише тендерот, а до крајот на годинава да се потпише договорот со фирмата што ќе ги испорача автобусите.

Фактор: Во Скопје извесен период сообраќаат автобуси на струја, колку сте задоволни од тест периодот и какви се размислувањата за во иднина?

Чушков: Во Скопје има еден на струја што се уште пробно е вклучен во јавниот превоз. Претходно пробно возеа три на гас. Какви ќе се купат, допрва ќе се одлучи. Тест периодот уште трае,заради тој на струја. Првичните анализи од укажуваат дека автобус на гас е најсоодветен за нашиот јавен превоз, генерално од сите аспекти. Не бара дополнителни инвестиции во инфраструктурата, а и од економска гледна точка се најисплатливи. Сепак, со каков тип на возила ќе го модернизираме возниот парк, ќе биде одлучено по завршување на тест периодот.


Фактор: Голем дел од граѓаните реагираа на тоа што не може да се купат билети во самиот автобус. Ова особено за граѓаните кои доаѓаат од другите градови на Македонија, а имаат на пример прегледи во Државна болница?

Чушков: Условно кажано тоа е проблем наследен од системот за електронска наплата на билети, кој содржи значителни пропусти. Во фаза сме на барање соодветно решение како би се задоволиле потребите и на патниците кои инцидентно го користат јавниот превоз.

Фактор: Дел од граѓаните се жалат на недолично однесување од шоферите кон патниците, размислувате ли за подобрување воопшто на целата оваа слика?

Чушков: Секојдневно работиме на подобрување на целиот имиџ на претпријатието и во тој систем се вклучени и возачите и контролорите. Внатрешната контрола на ЈСПСкопје секојдневно е на терен и ги регистрира пропустите, кршењата на правилникот за работа од страна на возачите и контролорите. Согласно правилникот, недисциплинираните соодветно се казнуваат. За жал, во случајов, тоа е механизмот за намалување на несаканите ситуации. Сакам да напоменам дека ЈСП е отворено и за жалби и поплаки од страна на патниците, па интервенираме и по нивна дојава. Од неодамна имаме директна комуникација со корисниците на нашите услуги преку фан страната на ЈСП на фејсбук (facebook.com/jspskopjee), како и преку веб-страната www.jsp.com.mk.

Фактор: Што да очекуваат скопјани од јавното сообраќајно претпријатие во следниов период?

Чушков: Модернизиран возен парк, нови, модерни, побрзи и пред се енергетско ефикасни автобуси, како и повеќе новини, олеснителни околности за патниците, односно можност за купување билет за едно возење, како и надополнување на „Скопска“ преку веб апликација. Сметам дека токму посочените нешта се основа за зголемување на квалитетот на јавниот превоз кој сме должни да им го овозможиме на нашите граѓани. Ќе покажеме и докажаме дека и покрај сите околности, со добро менаџирање и домаќинско работење, имиџот на претпријатието и квалитетот на јавниот превоз може да се искачат на достојно ниво.

Р.Ф




* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ВО ДУИ СЕ ВОЗНЕМИРИЈА ОД ОЛИГАРСИТЕ, ПРАШУВААТ КОИ ОД НИВ ГИ ШТИТИ ОВАА ВЛАДА - деолигархизација била неопходна за демократизација во државата

ВО ДУИ СЕ ВОЗНЕМИРИЈА ОД ОЛИГАРСИТЕ, ПРАШУВААТ КОИ ОД НИВ ГИ ШТИТИ ОВАА ВЛАДА - деолигархизација била неопходна за демократизација во државата

„КЛАНОТ МЕМЕДИ ГИ ИГНОРИРА ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ“: Левица бара Таравари да го разреши директорот на Детска клиника

„КЛАНОТ МЕМЕДИ ГИ ИГНОРИРА ЗАБЕЛЕШКИТЕ НА ИНСТИТУЦИИТЕ“: Левица бара Таравари да го разреши директорот на Детска клиника

ТРАГЕДИИТЕ НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА ПРОДОЛЖУВААТ, А ИЗВЕШТАИТЕ СÈ УШТЕ СЕ ПИШУВААТ: Кога ќе се делува, ќе има ли одговорност?

ТРАГЕДИИТЕ НА ДЕТСКАТА КЛИНИКА ПРОДОЛЖУВААТ, А ИЗВЕШТАИТЕ СÈ УШТЕ СЕ ПИШУВААТ: Кога ќе се делува, ќе има ли одговорност?

ВНИМАВАЈТЕ СО ПЕТАРДИТЕ: Какви штети предизвикуваат за воздухот, здравјето на луѓето и на животните?

ВНИМАВАЈТЕ СО ПЕТАРДИТЕ: Какви штети предизвикуваат за воздухот, здравјето на луѓето и на животните?

ДЛАБОК И МНОГУ ЛАДЕН СРЕДОЗЕМЕН ЦИКЛОН ВО МАКЕДОНИЈА - се најавуваат нови обилни врнежи од снег

ДЛАБОК И МНОГУ ЛАДЕН СРЕДОЗЕМЕН ЦИКЛОН ВО МАКЕДОНИЈА - се најавуваат нови обилни врнежи од снег

ТОШКОВСКИ ЗА ГРУБИ: Бегалец од правдата

ТОШКОВСКИ ЗА ГРУБИ: Бегалец од правдата

ХЕРОИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА КОИ ПИШУВА ЦЕЛ БАЛКАН: За Златко и Владимир само пофални зборови во медиумите од регионот

ХЕРОИТЕ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА КОИ ПИШУВА ЦЕЛ БАЛКАН: За Златко и Владимир само пофални зборови во медиумите од регионот

ГАЛИЧНИК ОТСЕЧЕН ПОРАДИ СНЕГОТ: Сопствениците на 230 куќи не можат да пристапат, патот не е исчистен!

ГАЛИЧНИК ОТСЕЧЕН ПОРАДИ СНЕГОТ: Сопствениците на 230 куќи не можат да пристапат, патот не е исчистен!

МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ДОМА: Католички Божиќ ги врати нашите од странство

МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ ДОМА: Католички Божиќ ги врати нашите од странство