АВТОНОМИЈА КАКО КУЛА ОД КАРТИ: Нов ректор, стари студентски маки!
Објавено во: Економија 28 Јуни, 2016 08:08
Александра Живковиќ, студентка на Правниот факултет “ Јустинијан Први“ вели дека документацијата која произлегува од Централниот регистар на повеќе од 1500 страни, соддржи детални информации за сите студентски парламенти на матични факултети при УКИМ и во истата,според неа јасно се согледува дека моменталните студентски претставници не се избрани на студентски избори, како што е предвидено со актите на Универзитетот и самиот Студентски парламент, а оние малку кои се, мандатот им е истечен многу долго време. Со тоа како што вели сите одлуки кои се носат во состав во кој членуваат студенти без легитимитет за истиот, меѓу кои и изборот за нов ректор на универзитетот се спорни и истите можат, и ќе се оспоруваат пред надлежните органи.
“И после сите укажувања на студентите дека оние претставници од Студентскиот парламент кои присуствуваат и гласаат во раководните тела на универзитетот вклучително и универзитетскиот Сенат немаат мандат за тоа, сепак беше дозволено истите да гласаат на изборот за Ректор. Студентите поднесоа документација која произлегува од Централниот регистар која броеше повеќе од 1500 страни, која соддржеше детални информации за сите студентски парламенти на матични факултети при УКИМ. Во истата, јасно се согледува дека моменталните студентски претставници не се избрани на студентски избори, како што е предвидено со актите на Универзитетот и самиот Студентски парламент, а оние малку кои се, мандатот за истото им е истечен многу долго време. Истото важи и за Претседателот на СПУКМ е истечен од 2014 година. Така, сосема е оспорливо нивното членување и во Сенатот, но и во сите останати органи на УКИМ како Ректорската управа и Комисијата за самоевалуација на универзитетот. Тоа значи, дека УКИМ дозволува страни лица да се вклучуваат во одлучувачките процеси како финансирањето на институцијата, креирањето на стратешките документи, надворешната евалуација на универзитетот”- вели Живковиќ.
Статусот на СПУКМ спред Централниот регистар е невладина организација. УКИМ како институција во највисокиот правен акт, Статутот, го нема регулирано ова тело како орган во склоп на УКИМ. Тоа според студентката од Правниот факултет значи дека самиот универзитет дозволува организација која е надвор од неговата надлежност да учествува во одлучувачките процеси, а нема никакви правни механизми, според правните документи да реагира и да презема активности за да ги спречи криминалните активности што се случуваат во оваа организација.
“Само за илустрација, во 2015-та година, студент од Правниот факултет покрена кривична постапка заради фалсификување на неговите лични податоци за избор на претседател на Правниот факултет.Имаме ситуација каде на факултетот кој што треба да биде столб на правната мисла и етичност, студентскиот претставник од парламентот фалсификува дваесетина потписи за нејзиниот избор, без да се одржат никакви избори. Истиот студент беше член на комисијата за самоевалуација на УКИМ и бројни други тела каде се носат круцијални одлуки за високото образование.На ова, и факултетот и самиот УКИМ остана нем, и нема никаков став по ова прашање. Со ова се праќа порака дека високо образовните институции молчешкум толерираат и дозволуваат вакви појави. Ова покажува дека самиот Сенат , особено Верификационата комисија која им даде мандат на претставниците на Студентскиот парламент, не ги почитува тие општи идеи на правичност и легалитет кои се развиваат како највисока вредност на едно општество уште од времето на античка Грција и почетоците на демократијата. УКИМ грубо ги прекрши сите морални и етички норми, и дејствува во спротивнот од првичната функција на примарен двигател и извор на доброто и правичноста во општеството”- додава студентката Живковиќ. .
Вчерашните настани и целата постапка за избор на прв човек на универзитетот вели покажа дека во највисоките универзитетски кругови нема никакво почитување на правната аргументација, одговорност, совест и солидарност меѓу интелектуалци и граѓани. УКИМ според неа дозволи да биде заложник на политиката и корумпираноста како главен чир на една здрава и продуктивна заедница. Според статистиките, повеќе од 30 000 студенти се на студии на овој универзитет, што е десет пати повеќе од професорите, што според Живковиќ ги прави неминовни конституенти на академската заедница кои треба да бидат активни партнери во односите во високото образование.
Во самиот Етички кодекс на УКИМ е предвидено дека функција на академската заедница е достојно извршување на функциите на академските институции, ширење на академската култура, почитување на академските традиции, чување на достоинството и самодостоинството на академските дејци, добри односи меѓу институциите и дејците на Универзитетот, грижа за младите, за студентите и за специјализантите, одржување и развивање на етиката на благородно однесување, на неповредување никого, на давање помош и развивање на општите хуманистички идеи. Вчерашните настани вели го покажаа спротивното.
“Она што се случи вчера е страшен показател до кое дно сме стигнати како општество и држава. Универзитетот треба да биде главен производител на младина со чиста и совесна мисла, а тоа не се случува. Баш напротив, УКИМ е местото каде се покажува дека и со врски и финансии можат да се достигнат одредени заслуги и моќ.Она што е уште пострашно е дека универзитетот ја заборава моралната обврска, на страна од правните акти, да реагира и стимулира активности за решавање на оваа проблематика која е присутна веќе 25 години. Страшно е што и самиот универзитет и факултетите со години наназад се оттргнуваат од одговорност, и го користат аргументот дека тоа не е нивна обврска и задача.”- нагласува Александра Живковиќ.
Дополнитело, според неа со ваквите ставови и дејствија на универзитетот, истиот се доведува до сериозна опасност потенцијалните студенти да одберат друга високо образовна институција за студирање бидејќи во државава паралелно се случува процес на отварање на два нови Универзитети, токму во Скопје каде е и лоциран УКИМ. Со ваквото однесување, вели Живковиќ, УКИМ сериозно предизвикува размислување кај идните студенти зошто би го избрале овој универзитет каде не се задоволени нивните барања и потреби.
“УКИМ во голем дел се финансира токму од давачките на студентите. Ова значи дека во пазарно ориентиран систем, каква што промовира и самата Болоњската декларација според која се организирани студиите и во Македонија, студентските потреби, како корисници на услуги, мораат да бидат максимално задоволени затоа што самите високо образовни институции се зависни од бројката на студенти која студира на истите. На новиот ректор му го честитаме новиот избор, иако сметаме дека и двајцата кандидати требаа да се одважат уште во првиот момент и да се откажат од гласањето во присуство на верифицираните студентски претставници од парламентот. Професорот Никола Јанкуловски мора во најбрз можен рок да пристапи кон иницирање на менување на Статутот на УКИМ, признавање на СПУКМ како орган во склоп на универзитетот, за разлика од сегашниот статус на надворешна невладина организација”- додава Живковиќ.
На УКИМ порачува студентката од Правниот факултет мора да биде формирана времена комисија која ќе има за задача да направи важечки избори на матичните факултети на кои ќе може да се кандидираат сите студенти, без слективност, кои сакаат да учествуваат во одлучувачките процеси на високо образовните институции. Целосниот систем на студентско претставување според неа мора да биде корегиран од корен, бидејќи без истото повторно ќе го има проблемот на делегирани студентски претставници без легитмитет. Студентите од Пленумот предупредуваат дека сите понатамошни одлуки кои ќе бидат носени во состав со вакви студентски претставници ќе бидат неважечки и истите нема да предизвикуваат правно дејство, а за нив тие ќе пристапат кон оспорување пред органите на судската власт и просветните инспекции.
С.Б.
Можеби ќе ве интересира
Крај на една ера: Легендарниот дизајнерски шеф на Mercedes-Benz ја напушта компанијата
ОД ДЕНЕС НОВИ ЦЕНИ НА ГОРИВАТА: РКЕ вчера ги соопшти деталите
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра




