Добивај вести на Viber
Пратениците од владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како и останатите пратеници од помалите политички партии кои се во Собранието, за себе си изгласаа зголемување на дневниците кога одат на службени патувања надвор од државата. Со оглед дека пратениците од најголемата опозицициска партија СДСМ се надвор од Собранието, ваквата одлука за зголемување на дневниците за службените патувања , се толкува како воља на пратениците од владејачката коалиција од македонскиот и албанскиот блок, и помалите политички партии кои се дел од оваа институција.
А, ваквата одлука за зголемување на сопствените дневници, народните избраници ја донесоа откако пред само две недели го изгласаа законот со кој државата ќе зема 35% од хонорарите на сите граѓаните кои имаат дополнителна заработувачка поголема од минималната плата. А, при тоа и со овие законски измени кои се однесуваат на хонорарите по неколку основи има исклучување на дополнителното оддаочување за одредени примања на функционерите.
„Oчигледно е дека во Македонија одамна е напуштена парламентарната демократија како начин за организирање на државата. Особено со осакатеното Собрание на РМ каде не знаеме во моментот кого тоа Собрание претставува. Во таков амбиент на лимбо нормално е да се формира опшество на касти каде оние на власт си дефинираат квалитет наживот за нив и квалитет на живот за сите останати. Доказ за тоа е и изземањето во нацрт правилниците за плаќање на придонеси од хонорари каде фројдовски си го покажаа лицето владеачките елити/касти. Веќе се надминува секаква линија на пристојна економска анализа туку ситуацијава повеќе навлегува во психологија,
вели за Фактор, Марјан Николов од Центарот за економски анализи.
За движењето за социјална правда „Ленка“, овој потег на народните избраници е привилегија за лично богатење и тоа во ситуација кога социјалните разлики во државата стануваат се поголеми и кога расте јазот меѓу богатите и сиромашните.
„Ова покачување го гледаме како уште една неоснована привилегија која крупната државна бирократија си го дава самата на себеси, во ситуација кога се маневрира со изговорите дека нема пари во буџетот за многу други побитни и посуштински проблеми во ова општество. Интересно е како секогаш кога треба да се даваат пари за решавање на проблемите на обесправените се наоѓаат најразлични изговори, а ваквите мерки како оваа се прифаќаат како нормални и здраворазумски“,
вели за Фактор Дејан Лутовски од Движење за социјална правда „ Ленка“.
Ниту политичкиот аналитичар, Јово Кекеноски не гледа реално економско оправдување за зголемените дневници на пратениците во Собранието. Со овој чекор, според Кекеновски, оваа структура на пратеници само го покажале своето лице и причината поради која седат во собраниските столчиња.
„Крајно е неетички од нивна страна во услови на криза да ги зголемуваат дневниците и кога останатите професии неможат да земаат дневници. Ова уште еднаш го покажува нивниот егоизам и немање сенс за граѓаните кои ги избрале кој врзуваат едвај крај со крај. Со овој гест тие докажаа дека се ПЛАТЕНИЦИ, а на пратеници“,
вели за Фактор аналитичарот Јово Кекеновски.
Пратеници, пред неколку дена изгласаа одлука согласно која, кога одат на службени патувања надвор од државата, и кога сите трошоци за патувањето им се покириени од Собранието, ќе добијат уште 50% од утврдената дневница за соодветата дестинација, наместо само 35%, како што беше досега.