20 Април, 2024
0.0254

Банка или специјализирана факторинг компанија?

Објавено во: Колумни 14 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

Во теоријата се сретнуваат повеќе дефиниции за факторингот. Најчесто под факторинг се подразбира откуп на побарувањата на извозникот од страна на специјализирана компанија (фактор) и наплата на тие побарувања од увозникот со соодветна провизија. Откупот на извозни фактури се врши на краток рок (најчесто до 180 дена). По тоа факторингот се разликува од форфетингот каде што се откупуваат должнички инструменти (акредитиви, гаранции, хартии од вредност) на подолг рок. Факторот го финансира извозникот обично во висина од 80% до 90% од вредноста на извозната фактура.

Во земјите каде што факторингот како инструмент за финансирање на меѓународната трговија е доста развиен, претпријатијата коишто сакаат веднаш да дојдат до финансиски средства по пат на предвремена продажба на своите извозни побарувања, се соочуваат со дилемата дали е подобро тие побарувања да ги продадат на банка или на специјализирана факторинг компанија.

Се до неодамна банките беа концентрирани на понуда на традиционални кредити каде што обезбедувањето беше од материјална природа - недвижен имот, опрема, автомобили и сл. Откупот на извозните побарувања никогаш не беше приоритет за банките. Дури и во случај кога банката се одлучува да го откупи побарувањето, таа бара од извозникот да приложи и друго обезбедување покрај извозната фактура. Тоа обезбедување најчесто е некое материјално средство или депозит. Исто така, при склучувањето на договорот за факторинг, банката ја врши истата кредитна анализа како и кај договорот за кредит. Голем број на новоосновани компании не можат да ги исполнат условите што ги поставуваат банките. Затоа, тие не се во состојба да го продадат извозното побарување на банките и да дојдат до потребните финансиски средства.

Во такви услови извозниците се повеќе се обраќаат до специјализираните компании за факторинг. Тие компании често ги нудат своите услуги под полиберални услови во однос на банките, а со тоа привлекуваат и повеќе комитенти. Факторингот претставува основна активност за овие компании за разлика од банките каде што факторингот е само една од многуте активности. Голем број компании за факторинг се специјализираат по области како што се: дрвна индустрија, текстилна индустрија, автомобилска индустрија, информатичка технологија и сл.

Разликите помеѓу специјализираните компании за факторинг и банките можат да се сретнат во повеќе полиња: специјализираност во поглед на откупот на побарувања; брзина, едноставност и ефикасност; како и поголема флексибилност.

Специјализираноста на компаниите за факторинг во поглед на откупот на побарувања е многу битен елемент. Таквата специјализираност не може да се сретне кај секоја банка. Во помалите банки службениците покриваат повеќе области, па не можат да се специјализираат и докрај да навлезат во подробностите на една активност. Во случај кога нивното внимание е насочено кон повеќе области, грешките не се исклучени.

Големите банки, секако, можат да си дозволат формирање на посебни единици кои ќе се занимаваат со факторингот. Притоа, се поставува прашањето на економската оправданост од формирањето на такви единици. Банката мора да има голем број на клиенти кои се спремни да ги продадат своите побарувања и кои ги исполнуваат условите пропишани од страна на банката. Доколку факторингот £ носи доволен профит на банката, а ризикот е во прифатливи граници, неговата експанзија мора да биде поддржана. Во спротивно, формирањето посебни единици коишто ќе се занимаваат исклучиво со факторинг е неприфатливо. Доколку бројот на трансакции на факторинг е незначителен, профитот што го остварува банката не може да ги покрие трошоците коишто настанале при извршувањето на тие трансакции.

Специјализираните компании за факторинг се познати по својата брзина, едноставност и ефикасност во извршувањето на трансакциите. Тие често се насочени кон кредитната способност само на субјектот кој треба да ја плати обврската (кај меѓународниот факторинг тоа е увозникот), а не и кон кредитната способност на нивниот клиент. Врз основа на информациите за кредитната способност на увозникот, компаниите за факторинг го советуваат извозникот какви кредитни лимити да постави во однос на одреден увозник. Тие вршат и авансно финансирање на извозникот единствено врз основа на кредитната способност на неговите деловни партнери во странство.

Веднаш се забележува дека тоа е меч со две острици. Брзината и едноставноста можат да му одат во прилог само на извозникот, но не и на факторот. Во трката за повеќе комитенти, компаниите за факторинг одат до крајност и не се впуштаат во кредитни анализи на своите клиенти. Таквата политика може да има крајно негативни импликации, затоа што во случај увозникот да не ја изврши својата обврска, факторот може да се најде во крајно незавидна ситуација. Трката по повеќе комитенти и поголем профит може да доведе до големи финансиски загуби.

Тоа не е, или барем не би требало да биде, случај со банките. Тие вршат кредитна анализа и на извозникот и на увозникот. Се разбира, таквите процедури го забавуваат процесот на извршување на трансакцијата, а во некои случаи ги „бркаат" комитентите. Но, подобро е профитот да биде и помал, отколку да дојде до негативни финансиски резултати.

Флексибилноста е поголема кај специјализираните компании за факторинг. Тие немаат кредитни одбори или други тела кои треба да го одобрат склучувањето на договорот за факторинг. Целиот процес кај овие компании оди многу побрзо. За разлика од нив, банките имаат повеќе стручни тела и се соочуваат со поголем број на законски одредби па затоа и флексибилноста е помала. Од друга страна, банките одобруваат аванси само врз основа на обезбедувањето што нивниот клиент го приложил. Тоа не е случај со компаниите за факторинг коишто можат да одобрат аванс само врз основа на откупената извозна фактура. Затоа извозниците полесно доаѓаат до потребните ликвидни средства кога соработуваат со компаниите за факторинг, а не со банките.

Извозникот мора да ги земе предвид сите овие елементи при изборот на банка или  компанија за факторинг. Се чини дека за него би било подобро (или барем поедноставно) ако ја избере соработката со специјализирана факторинг компанија. Но, банката покрај факторингот може да му понуди и цела лепеза на други производи или услуги, па мора и тој факт да го има предвид.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок