ВРЕДНИТЕ РАЦЕ ПРАВАТ ЧУДА: Кумановка објаснува како ги шара велигденските јајца со восок
Објавено во: Македонија 16 Април, 2025 07:37
Домаќинките се навистина креативни во украсувањето на јајцата за Велигден. Една од нив е и Слаѓана Трајковска од Куманово, која веќе 30 години ги шара велигденските јајца со восок. Вели дека оваа техника ја научила од својата свекрва. Како што oбјаснува, за изработка на некои шари се потребни 15 минути, но за други посложени е потребно повеќе време. Цветови, крстови се само дел од симболите кои се нашле на јајцата кои ги изработува Трајковска. Освен старите шари, таа користи идеи и од интернет. Трајковска објаснува дека јајца за празникот се собираат од Прочка, а кон средината на постот, почнува со декорирањето. Вели дека користи бојаџиска боја донесена од јужна Србија и смета дека таа е најдобра. За празникот, има и нарачки од жени кои сакаат за Велигден да имаат јајца шарани со восок.

„Имам муштерики од Куманово, Скопје, а оваа година има побарувачка и од Битола и Прилеп. Има и муштерики кои 20 години нарачуваат да им направам вакви јајца. Восокот го купувам во продавница за пчели. Директно цртам на јајцето. Ова го видов од мојата свекрва. Ги користам старите шари, но секоја година на интернет наоѓам и нови шари. Шарам колку што имам нарачки, некогаш се тоа 10 табли, некогаш повеќе. Имам редовни муштерики кои секоја година нарачуваат. Значи, ќе ги донесат јајцата, ќе ги шарам со восок и потоа тие си ги бојат. Кога ќе го земам јајцето во рака, добивам идеја, ми текнува нешто ново и едно јајце го шарам по 15 минути, зависно од тоа дали шарата е сложена или не. Сите шари ги имам во тетратка. Има и шари што се прават за 5 минути. Уживам додека работам со восок“, вели Трајковска.

Според неа, и младите треба да се потрудат, да ја разбудат креативноста, со цел оваа традиција да не замре. Вели дека сè зависи од личноста, дали е наклонета кон тоа да создава нешто креативно.

Во христијанството велигденското јајце го симболизира Христовото Воскресение. Тврдата лушпа на јајцето го претставува гробот на Исус, а кршењето на јајцата го симболизира воскреснувањето. Затоа, кога некому подаруваме велигденско јајце, ние го поздравуваме со зборовите „Христос воскресна“. Во недела го славиме Велигден.




Сања Атанасовска
Можеби ќе ве интересира
ФАКТОР НА ДЕНОТ: Полицијата го уапси Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за водење на матични книги
Тошковски објасни во кои случаи полицијата ќе одзема возило
Toшковски откри кога „Безбеден град“ ќе се спроведе на целата територија на Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Со едногласна одлука, реизбран сум за претседател на ЗЕЛС
ИЈЗ: Кога квалитетот на воздухот е лош – заштитете го вашето здравје!
СДСМ ИЗГУБИ НА СУД ОД МИЦКОСКИ: Апелација пресуди дека изнесувале невистини и клевети против него
ПОВЕЌЕТО ОД ОСУДЕНИТЕ ЗА 27 АПРИЛ, ДОБИЛЕ УСЛОВЕН ОТПУСТ: Издржале повеќе од две третини од казните
Европското знаење го применува дома: Милијана Богданоска праќа големи пораки преку еко начинот на живот




