БАНКАРИТЕ ЗНААТ И УМЕАТ, АМА БАНКАРИТЕ И МОЖАТ – лани прокнижија фантастичен профит од 232 милиони евра
Објавено во: Финансии 06 Март, 2024
Пристигна информацијата што сите ја очекуваа, а таа е колку тежат профитите на сите 13 македонски банки за минатата година.
И таа сума изнесува, верувале или не, над 232 милиони евра. Или прецизно, 232,46 милиони евра.
Откако најголемиот дел од банките, а особено оние што се котирани акционерски друштва на берзата, ги објавија своите профити, а кои се фасцинантни по својата големина, стигна и конечната потврда, односно вкупниот износ на ланскиот банкарски профитен колач.
Ако се направи споредба со минатогодишниот профит, кога вкупната сума тежеше 157,32 милиони евра, се доаѓа до заклучок дека профитот оваа година е зголемен за цели 75 милиони евра.
Тоа говори дека домашните банки одлично ја искористија состојбата со зголемувањето на основната камата предизвикана од инфлацијата, па иако беа принудени да ги зголемат и каматите на штедните влогови, сепак, можеби повеќе пораснале каматите на кредитите, или каматите на државните хартии од вредност, што создаде огромно ниво на нивни нето каматни приходи. А тие се токму разликата меѓу каматите на наплатените и платените камати.
Во 2023 година нето каматните приходи на сите 13 македонски банки опасно се приближиле на половина милијарда евра, или прецизно 409 милиони евра. Огромна бројка која е за респект за банкарските менаџери, но која можеби нема да им се допадне на граѓаните и фирмите кои ги користеле банкарските кредити.
Во претходната 2022 година нето приходите од камати биле 287 милиони евра, што е разлика од цели 122 милиони евра. Некои навистина знаат како треба!!! Но, треба да се има и можност и погодни услови за да се постигне толку висок приход од основната дејност.
Во светот се отвори темата за екстра даночење на банкарските профити и приходи, токму поради порастот на каматните стапки, но кај нас такво нешто не беше споменато.
Одлична сума од близу 107 милиони евра банките оствариле од нето приходи од провизии и надоместоци и тука растот е за некои шест милиони евра, што не е преголем износ во споредба со растот кај каматните приходи.
Убава пара од близу 29 милиони евра им донеле и нето приходите од курсни разлики, но и останатите приходи од дејноста, од кои се инкасирале 35 милиони евра, но тоа е во рамките на она што горе долу се остварувало и во претходната година.
Кога станува за еден од најголемите банкарски трошоци, резервациите за лошите кредити, тие лани биле 75 милиони евра, наспроти 70 милиони во 2022 година, што значи дека тука немало големи изненадувања.
Пораст имало кај трошоците за вработените, што е и очекувано во услови на толку висока профитабилност, па за нив банките во минатата година издвоиле над 109 милиони евра, што е раст за 16 милиони евра. Тоа значи дека банкарските работници кои еден период се жалеа дека не се премногу добро платени, лани имале причини за славење, бидејќи биле зголемени нивните плати.
За амортизација се издвоени 22 милиони евра, додека, пак, голем трошок имало кај останатите расходи од дејноста, и тоа 120 милиони евра, што е раст за 15 милиони евра во однос на претходната година.
Она што треба да се знае и дека најголемиот профит го направиле големите банки, и тоа цели 211 милиони евра, наспроти 143 милиони една година претходно.
Како што пишувавме, Комерцијална банка објави профит од над 58 милиони евра, а Стопанска банка Скопје имаше 56 милиони евра, а НЛБ банка над 52 милиони евра.
Убав пораст на профитот имале и средните банки, со 20 милиони евра, наспроти 10 милиони во претходната година.
Н.Н.Ф.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.