29 Септември, 2024
0.0231

БДП: Растот од 4,3% охрабрува, но дали е одржлив?

Објавено во: Анализа 13 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Економијата продолжи со растечко темпо и во втoриот квартал, но во исто време статистика ја ревидираше стапката на раст за првиот квартал во надолна линија. Економскиот раст во второто тримесечје од 4,3% е еден од позначајните стапки на раст на БДП по глобалната економска и финансиска криза. Како генератор на растот и натаму е градежништвото. За годинава Влада ја зголеми прогнозата за раст меѓу 3,5% до 3,7%. Економскиот раст за првиот квартал ревидиран на 3,5%... Втората половина од годинава заврши во позитива. По првиот квартал, економијата продолжи да расте и во второто економско полугодие во кое Заводот за статистика објави раст на БДП за 4,3%.  Од Заводот за статистика преку соопштение информираа дека најголем раст и натаму е регистриран во секторот “градежништво“. Од статистика соопштија: “Во второто тримесечје од 2014 е забележан пораст во повеќето сектори. Најголем пораст е забележан во секторите Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 5.0% и Финансиски дејности и дејности на осигурување од 4.1%“, се посочува во писмениот допис од Заводот за статистика. Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, која има најголемо учество од 73,7% во БДП,  во второто тримесечје од 2014 година, номинално пораснала  за 2.5%. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 14.2%, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 10.7%. Во исто време, статистичарите во надолна линија ги ревидираа своите податоци за економскиот раст во првиот квартал.  Имено, претходниот раст од 3,9%, сега се намали на 3,5%. Со веќе усвоениот ребаланс на Буџетот, Владата до крајот на годинава предвиде раст што ќе се движи меѓу 3,5% до 3,7%. “Како резултат на состојбите во економијата во првиот квартал и случувањата во индустриското производство извршено е и ревидирање на проекцијата на БДП која, од 3,2 се зголемува на 3,5 проценти со потенцијал да биде и повисок од 3,5 проценти. Но, отидовме со една реалтивно конзервативна варијанта и сметавме дека е остварлива“, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески во одбрана на новите буџетски позиции. Меѓу проекциите и реалноста... Желбите и прогнозите за економски раст се една работа, реалноста, односно можностите и испорачаните резултати се друга, смета универзитетскиот професор Сами Бислими. Посочува дека без развој на приватниот сектор, економијата не може да се потпира на одржлии стапки на раст. “Од почетокот на економското и монетарното осамостојување, па се до денес, секоја година по ред се проектира стапка на економски раст, далеку повисока во однос на таа што се остварува. Доколку се погледне учеството на пооделните сектори на домашната економија, ќе биде појасно дека, домашната економија се соочува со проблемот на низок раст на реалниот сектор, кој се смета за двигател на вкупниот економски раст. Нам ни треба повисока стапка на раст на тие сектори на домашната економија кои нудат реални добра и услуги“, вели професорот Бислими за “Фактор“ и додава: “Зголемувањето на стапката на економски раст има позитивни ефекти во поглед на зголемување на вработеноста, но за да се постигне тоа потребни се инвестиции во реалниот сектор, со што би се отвориле нови работни места. Оптимизмот дека ќе се постигнат повисоки стапки на раст, што би биле доволни да обезбедат приливи на фискални приходи во рамките на проектирано ниво утврдено со буџетската политика, сметам дека е нереално, од едноставна причина што, при утврдено ниво на фискално оптоварување, економскиот раст повлекува соодветен-пропорционален раст и на фискалните приходи“, заклучува Бислими. Дел од бизнис заедницата оценува дека пристапот до свежи пари под поволни услови е значаен за приватниот сектор од кој се очекува да го испорача економски раст. “Генерално, ако се погледне во извозната структура како и во секторите на кои се потпира растот на БДП, потребно е во следниот период да се даде поголем приоритет во поттикнување на домашните компании да инвестираат во прозводствени капацитети. Добро е што државата договори со Европската инвестициона банка кредитна линија за поддршка посебно на мали и средни претпријатија преку Македонската банка за подршка на развојот“, изјави неодамна за “Фактор“ Јелисавета Георгиевска, од Стопанската Комора на Македонија. Според неа, носител на економскиот раст треба да биде приватниот сектор. Споредбената анализа на стапките на економски раст укажува на тоа дека од 1993-та година до сега, највисоката стапка на БДП изнесува 6,1 отсто и таа е остварена во 2007-та година. Од аспект на одржливост на стапките на раст, сите овие години се забележуваат големи осцилации и неодржливост. Така на пример, во 1999-та година е регистриран раст од 4,5 отсто, а годината потоа - пад на економијата од 4,5 проценти. Сличен тренд се случува во 2008-та година кога е остварен економски раст од 5 проценти за потоа во 2009-та година економијата да влезе во рецесија со – 0,9%. Од Заводот за статистика информираа дека кварталните податоци за бруто-домашниот производ  се подготвени според методологијата Европски систем на сметки (ЕСА 2010), а како резултат на спроведената ревизија на годишните податоци според оваа методологија. Натамошен тренд на економски раст предвиде и Народната Банка во својата нова оценка за економската состојба, со предупредување дека се можни надворешни ризици поради очекувањата за забавување на растот во некои од европските економии, но и поради кризата на релација Русија-Украина-Европска Унија.