28 Септември, 2024
0.0244

Умираат големите македонски градови!

Објавено во: Анализа 27 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Дури 37 македонски општини меѓу кои се и големите македонски градови: Битола, Прилеп, Охрид, Велес, скопските општини Кисела Вода и Карпош, помалите градови: Кавадарци, Кочани, Пробиштип, Гевгелија, Берово, Виница, Делчево, Македонска Каменица, Ресен, Свети Николе имаат поразителни податоци зашто имаат повеќе починати од новородени лица. Особено загрижува тоа што во сите 37 општини доминантно население се етничките Македонци. Најлошо е во: Демир Хисар, Брод, Другово, Вранештица, Старо Нагоричане, Дебарца каде на едно бебе има повеќе од две починати лица! Белата чума, болеста на современото време и за лани го зема својот данок во Македонија. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика за 2013 година за наталитетот и морталитетот по општини се поразителни иако се за нијанса помалку лоши од тие во 2012 година. На листата на општини во кои морталитетот значајно го надминува или е барем поголем од наталитетот се дури 37 општини во Македонија. Тоа значи дека белата чума коси во дури 44 отсто од сите општини во земјава. На листата се големите македонски општини во Пелагонија: Битола и Прилеп како и помалите: Демир Хисар, Македонски Брод, Новаци, Могила. Во Битола, најголема општина во Пелагонија статистиката покажува негативен тренд како и 2012 година. Лани биле родени 844 бебиња што е 37 бебиња помалку од 2012 година. Бројот на живи новороденчиња е понизок за 313 од бројот на починати лица во 2013 година. Разликата е помала од 2012 година кога негативната разлика била 381 лице. Но тоа е само заради тоа што има поголемо намалување кај бројот на починати лица споредено од 2013 (1.154 лица) со 2012 година (1.262 лица). За нијанса е помалку лоша состојбата во Прилеп втор по големина град во Пелагонија и меѓу петте најголеми градови во Македонија. Таму лани исто имало тенденција на намалување на бројот на новородени деца во споредба со 2012 година. Биле родени 737 деца дури 34 деца помалку од 2012 година. За среќа во несреќа подрастично се намалил бројот на починати лица во 2013 година во споредба со 2012 година и тој сооднос е 897 со 832 и заради тоа негативната разлика е 95 лица наспрема 124 лица во 2012 година. Најкастрофална е состојбата во Македонски Брод и во Демир Хисар двете општини кои се наоѓаат во пасивни делови на Македонија. И во двете општини соодносот на умрени спрема новородени е повисок од 2 спрема 1 исто како и во 2012 година. Во општина Новаци резултатот е подобар од 2012 година, заради тоа што се зголемил бројот на новороденчиња, но се намалил бројот на починати лица, и понатаму бројот на починати е двапати повисок од бројот на новородени. Негативен е соодносот и во две големи доминантно македонски урбани општини во Скопје. Тоа се Кисела Вода и Карпош. Кај Кисела Вода сепак има позитивен тренд иако крајниот резултат не е добар. Лани имало негативен природен прираст од 10 лица зашто бројот на родени бил 612 наспрема бројот на починати кој бил 622 лица. Кај Карпош исто така има само минимално ублажување на состојбата. Негативниот сооднос е 83 лица, наспрема 107 лица во 2012 година. Позитивно е тоа што има раст на бројот на новороденчиња. Лоша е состојбата и во Велес најголемиот град во централна Македонија. Негативниот прираст е 73 лица и е резултат на 568 новороденчиња и 641 починато лице во 2013 година. Негативна е состојбата и во Кавадарци со негативен прираст од 78 лица (368:446). За жал морталитетот е повисок и во Гевгелија, Богданци и Валандово. Единствено Неготино лани има позитивен природен прираст. Источна Македонија најголем проблем Штип е единствената општина во источна Македонија која има позитивен природен прираст, иако минимален, и тоа е квалитативна промена од лани кога разликата била негативна. Кочани, втор по големи град, има најлош резултат затоа што бележи раст на бројот на починати лица, а пад на бројот на новороденчиња. Таму негативниот прираст во 2012 бил -30, а во 2014 е -84 односно е зголемен тројно за само една година! Кочани во 2013 бележи пад на бројот на новороденчиња паралелно со силен раст на бројот на починати лица. Сличен тренд има и општина Делчево. Сепак не е се толку негативно. Малите градови: Свети Николе, Берово, Пехчево иако се со негативен прираст бележат намалување на разликата во спроедба со 2012 година. Пехчево е за пример зашто има раст на бројот на новороденчиња за 80 отсто во споредба со 2012 година,а позитивен е трендот и во Свети Николе иако значително е послаб. Р.Ф.