Добивај вести на Viber
Белата куќа ја обвини Русија за ескалација на активностите за дестабилизација на Украина на начин кој е „исклучително опасен и провокативен“. Сепак, Вашингтон официјално не ги потврдува наводите на НАТО дека руски воен конвој пред два дена влегол на украинска територија.
Украинскиот претседател Петро Порошенко објави дека неговата војска уништила најголем дел од тој руски конвој, за кој Москва тврди дека воопшто не постои. Портпаролот на американскиот Национален совет за безбедност Кејтлин Хејден изјави дека и САД не се во позиција да ги потврдат ваквите наводи, но работат на тоа да добијат повеќе информации.
Тензиите непрекинато растат откако Украина одби да дозволи влез на рускиот хуманитарен конвој наменет за источните делови на земјата. Киев и западните земји се сомневаат дека Москва би можела да го искористи конвојот како можност за воен упад во источна Украина, каде што проруските сили со месеци се борат против украинската војска.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби синоќа изјави дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу му дал гаранции на својот американски колега Чак Хејгел дека руската војска не е вклучена во транспортот на хуманитарна помош за источна Украина.
И министрите за надворешни работи на ЕУ синоќа на итен состанок побараа од Русија да ја прекине секоја форма на непријателска акција на границата со Украина.
На состанокот одржан во Брисел и посветен на случувањата во Украина и Ирак, министрите побараа од Москва веднаш да ги повлече своите сили од украинската граница.
„Секоја еднострана воена акција на Руската федерација во Украина со каков било изговор, па и хуманитарен, ЕУ ќе ја смета за очигледно кршење на меѓународното право“, се додава во заклучоците.