29 Септември, 2024
0.0270

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: „Блу-чип“ акциите се враќаат во фокус на инвеститорите

Објавено во: Анализа 16 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

„Комерцијална банка“ се врати на ниво од 2.150 денари по ценовниот шок од претходната седмица, „Алкалоид“ константен промет и мал ратс на цената, „Макпетрол“ баран и покрај кварталната загуба. Настаните оставаат впечаток дека инвеститорите одбираат ликвидни и проверени акции и се подготвуваат за вклучување во можен нов бран „Комерцијална банка“, „Алкалоид“, „Макпетрол“, „Гранит“ и подзаборавената „Топлификација“ доминираа во прометот на суперкотација и на берзанска котација во изминатава седмица на македонскиот пазар за хартии од вредност. Нашите „блу-чип“ акции се враќаат во фокусот на домашните и странски инвеститори и доминираат на пазарот со тоа што минатата седмица тие реализираа околу 75 отсто од целиот промет со акции на двата сегменти на Официјалниот пазар. Оваа седмица забележлива беше тенденцијата за свртување на вниманието на инвеститорите на проверените ликвидни акции на нашиот, по многумина плиток пазар. Некако, се стекна впечаток дека по шпекулативното „шарање“ во други порано интересни акции сега вниманието на инвеститорите повторно се враќа на проверените акции. Како мноштвото од берзанските играчи да решија да стават средствата во ликвидни и проверени акции и да чекаат подобра прилика или да видат развој на настаните. Најбрзо се влегува и излегува на кратки позиции од „Комерцијална“, „Алкалоид“ и „Гранит“, а во последно време и „Макпетрол“ се истакнува со констатно висока ликвидност за македонската дефиниција на ликвидност. Најтргувана акција оваа седмица беше „Комерцијална банка“. Успеа да се врати и ценовно по шокот од 2.037 денари од минатат седмица кога беше објавен финансискиот извештај за загуба од редовно работење. Седмицата што е зад нас оваа акција повторно е најтргувана. Прометот е 9,3 милиони денари во сите 5 трговски дена во 61 трансакција. Ценовната маргина е 2.100 -2.170 денари. Последната пазарна цена е 2.150 денари. „Алкалоид“ втор на листата најтргувани. Прометот 3,5 милиони денари, повисок за повеќе од 0,6 милиони денари во споредба со претходната седмица. Цената расте. Акцијата затвори тргување на вредност од 4.949 денари за акција, а отвори со 4.800 денари. Растот е 149 денари. И „Алкалоид“ се тргуваше пет дена и тоа во 44 трансакции. „Гранит“ оваа седмица започна на рекордната цена од 580 денари за акција. Цената падна до 559 денари, но на крај на трговската недела се врати до ниво од 576 денари за акција. Прометот е три пати понизок од претходната недела и изнесува 2,24 милиони денари. „Гранит“ се тргуваше пет дена во 44 трансакции. „Макпетрол“ беше барана акција и покрај негативниот финансиски квартален извештај. Инвеститорите се оптимисти. И покрај финансиската загуба акцијата се тргуваше пет дена и оствари промет од 3,18 милиони денари , дури и повисок промет за 20 отсто во споредба со претходната седмица. Ценовната маргина беше од 24.500 денари до 23.280 денари за акција. Дури 39 трансакции во пет дена. Истргувани 134 акции. Во групата акции со промет од барем еден милион денари и оваа седмица беше „Топлификација“. Успеа да надмине промет од 1 милиони денари, а се тргуваше во маргина од 800 до 860 денари за акција. На сегментот задолжителна котација доминантна обичната акција на „Стопанска банка“ Скопје. Прометот солиден – 3,9 милиони денари, тргување 4 дена, постигната нова највисока цена од 416 денари за акција. Последна цена беше 415 денари. Стимул за интерес на инвеститорите даде последниот квартален финансиски извештај со кој таа банка има добивка од 21 милиони евра за девет месеци. И со тоа е компанија со нависока добивка од сите кои досега објавија финансиски извештаи. Од останатите акции на сегментот задолжителна котација милионски промет имаат уште „Македонски телеком“ со реализација од 1,1 милиони денари и „НЛБ Тутунска банка“ 2,5 милиони денари.