29 Септември, 2024
0.0404

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Десет акции се тргуваат на рекордни највисоки годишни цени!

Објавено во: Анализа 02 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

„НЛБ Тутунска банка“, „Реплек“, „Македонијатурист“, ФЗЦ Куманово, „Прилепска пиварница“, „Витаминка“, „Охридска банка“, двете акции на „Стопанска банка Скопје“ и „Скопски пазар“ оваа седмица беа на рекордни годишни цени Изминатава недела ќе остане запаметена по тоа што осум акции се тргуваа по највисоки годишни цени. Ниту една од нив не е од најликвидните акции, а пет се котирани на берзанска котација, а другите се на задолжителна котација. Меѓу нив има три банки, една трговска фармацевтска компанија, по една прехранбена и еден ланец на пазари и супермаркети. Најголем промет на пазарот во изминатава седмица достигна акцијата на НЛБ Тутунска банка. Клучното дејствие се случи во четвртокот кога беа истргувани 6.109 акции со право на глас за промет од 500.000 евра. Вкупниот промет со таа акција за цела седмица е 32,5 милиони денари. Цената – рекордна 5.000 денари. Од другите акции кои достигнаа рекордни годишни цени на листата се: Реплек со цена од 56.500 денари и со промет од 1,34 милиони денари, Македонијатурист со цена од 3.800 денари за промет од 0,6 милиони денари, Скопски пазар акција што во континуитет се тргува со раст на цената на обичната акција. Нејзиниот промет изнесуваше 2,8 милиони денари, а цената на акцијата достигна 9.000 денари. Во споредба со најниската годишна цена последната рекордна цена е три пати повисока. Досега на берзата нема официјална информација за постојаниот раст на цената на таа акција. Но неофицијано во берзанските кулоари се шпекулира дека еден од најголемите двајца акционери купува акции. Потврда за таа информација досега нема. Силен раст на цената иако со мала истргувана количина бележи и акцијата на Охридска банка. Единствена постигната цена за акција е 1.835 денари и таа е постигната во две трансакции со вкупен промет од 0,23 милиони денари. Може да се каже дека во последнава седмица во фокус на инвеститорите беше, ниско ликвидната, обична акција на Стопанска банка Скопје, која според многумина аналитичари долго време беше многу потценета од аспект на нејзината пазарна цена во однос на профитот што го остварува, позицијата на пазарот и од асппект на книговодствената вредност на акцијата. Во петок таа акција достигна цена од 313 денари со што за една година таа акција бележи раст на цената од 93 отсто. Прометот со оваа акција неделава изнесува 0,6 милиони денари. Очигледно дека инвеститорите ги охрабри изјавата на гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богов кој рече дека Стопанска банка Скопје и НЛБ Тутунска банка се во добра кондиција и не може да има никакви негативни влијанија тоа што на европскиот банкарски стрес тест нивните банки-мајки не поминале најдобро. Исто така и приоритетната акција на Стопанска банка Скопје и неделава ја потврди највисоката годишна цена од 350 денари. На сегментот берзанска котација прилепска „Витаминка“ продолжи со рекордниот поход и неделава што измина достигна нова рекордна цена од 8.290 денари за акција. Иако прометот со таа акција беше во рамки на очекувањата – низок заради ниската понуда и изнесуваше 0,7 милиони днеари вреди уште еднаш да се истакне заради нејзиниот континуитет и солидните финансиски резултати што таа компанија ги остварува во континуитет. Оваа седмица на листата на рекордерите се најде и „заборавената“ акција на кумановската фабрика за цевки „11 Октомври“. По објавата на информацијата дека во декември ќе има јавна аукција со управувачки пакет акции од таа фирма со почетна цена од 50 евра за акција некој инвеститор побрза и веднаш си купи 320 акции по цена од 550 денари за акција што е раст од 200 денари за акција во однос на последната постигната пазарна цена. И на крај за блу-чип акциите на нашиот пазар на капитал. „Алкалоид“ убедливо најликвиден со промет 9,7 милиони денари во ценовна маргина од 5.044 до 4.900 денари за акција. „Гранит“ оваа седмица се тргуваше во маргина од 549 до 530 денари за акција и со промет од 3,9 милиони денари. „Комерцијална банка“ – инвеститорите многу резервирани – прометот 1,73 милиони денари во маргина од 2.190 до 2.150 денари. Во големата четворка повторно „Макпетрол“ со промет од 1,75 милиони денари остварен во трговска маргина од 22.500 до 22.000 денари за акција. Р.Ф.