29 Септември, 2024
0.0228

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: „Гранит“ со највисока годишна цена, „Комерцијална“ најтргувана акција

Објавено во: Анализа 28 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Голем интерес на купувачите за „Гранит“ кои беа подготвени во среда, четврток и петок да платат и највисока годишна цена за таа акција. Во фокус на купувачите обврзницата за денационализација од 2013. „Алкалоид“ константно солиден, прометот на „Комерцијална банка“ падна безмалку за половина. „Комерцијална банка“ е акција со најголем промет во изминатава недела, „Гранит“ и „Макпетрол“ се единствени акции што се тргуваа во сите пет трговски берзански денови. „Гранит“ повторно ја достигна највисоката годишна цена од септември лани. Најголем промет од сите хартии што се тргуваат на берзата имаше државната обврзница за денационализација издадена 2013 година. Ова се најважните поенти од последната трговска недела на Македонската берза за хартии од вредност. Прометот на Официјалниот пазар е 34,4 милиони денари, а од нив 12,1 милиони денари се тргување со обврзницата за денационализација од 2013 година. „Комерцијална банка“ е акција со најголем промет - 9,35 милиони денари за истргувани 4.255 акции. Но акцијата на „Комерцијална банка“ само статистички беше акцијата на неделата. За да биде потполн впечатокот на најтргуваната акција мора да се истакне дека на пиедесталот е само заради тргувањето реализирано во четвртокот кога беа истргувани 4.200 акции во иста секунда. Вкупно во текот на целата трговска недела беа истргувани уште 55 акции во другите 2 трговски дена. Акцијата се тргуваше во маргина од 2.200 до 2.150 денари за акција. Тоа е количина која е далеку пониска од каков и да е просек на просеци на тргување со, историски гледано, најликвидната акција на Македонската берза за хартии од вредност. Споредено со минатата недела прометот со акциите на „Комерцијална банка“ во периодот што е предмет на оваа анализа е понизок за 7,2 милиони денари. Најатрактивна акција неделава беше „Гранит“. Оствари промет од 2,45 милиони денари што е за 1,7 милиони денари повеќе од лани. Објективно гледано во споредба со другите акции „Гранит“ беше убедливо во фокусот на инвесторите. Во прилог на тоа одат два факти. Прво, акцијата затвори тргување на највисока годишна цена и тоа започна во средата, а така беше во четвртокот и во петокот. Акцијата се тргуваше со сите пет дена во кои беа реализирани 27 трансакции, а беа истргувани 5.412 акции. Второ, голем и константен интерес на куповната страна. А тоа е многу ретка појава на нашиот пазар на капитал. Често имаше налози за купување од 500 до 1.000 акции што говори за големината на интересот кај инвеститорите. Веројатно токму тоа и ја повлече акцијата повторно да стигне до највисоката годишна цена односно до највисоката цена во изминативе 52 недели тргување. Акцијата на „Гранит“ во овој период направи раст од 21 денар и се тргуваше во маргина од 440 до 461 денар за акција. Останува да видиме дали оптимизмот кај инвеститорите ќе продолжи и во неделава што претстои или, како што многумина очекуваат, ќе се пасивизира тргувањето зашто многумина ќе се воздржат од продавање или купување чекајќи подобра цена. Во групата најликвидни, традиционално и очекувано, беше акцијата на „Алкалоид“ со неделен промет од 3,1 милиони денари што е за 0,5 милиони денари повеќе од претходната недела. Оваа акција се тргуваше во маргина од 4.489 денари до 4.401 денар при што во 4 дена беа истргувани 696 акции што е повеќе во споредба со претходната трговска недела. Од другите акции на сегментот берзнаска котација единствено уште „Реплек“ имаше промет што беше повисок од еден милион денари. Во 4 дена тргување беа истргувани 39 акции на таа компанија во 9 трансакции со единствена цена од 53.000 денари за акција, и со промет од 2,1 милиони денари. Тоа е за „фантастични“ 1,9 милиони денари повисок промет од постигнатиот во претходната недела. Ова значи дека 53.000 денари сепак е посакувана цена за продавачите, а се гледа дека имаше фидбек и на страната на побарувачката. Останува да видиме дали страната на купувачите ќе биде подготвена идната недела да го одржи ова ниво кое е само за 1.000 денари пониско од највисоката постигната цена на таа акција во изминативе 52 недели. Од другите акции на сегментот берзанска котација треба да се дополни дека континуитет во споредба со претходната седмица одржаа акциите на „Макпетрол“ и на „Скопски пазар“ и тоа од аспект на остварениот неделен промет. Во сегментот на државни обврзници на Официјалниот пазар доминантна и најпосакувана хартија е обврзницата денационализација 2013 која во споредба со претходната недела го удвои прометот. На сегментот „задолжителна котација“ најтргувана акција беше „Агро Куманово“ со промет од 1,2 милиони денари за 599 акции. Втора беше акцијата на Телеком со промет од 0,54 милиони денари. Вкупно на овој берзански пазар беа истргувани акции вредни 3 милиони денари. На берзанскиот сегмент „редовен пазар“ прометот изнесува 7,7 милиони денари од кои 7,6 милиони денари се со акцијата на „Негорски бањи“. Р.Ф.