29 Септември, 2024
0.0332

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Недела на „Гранит“ и неговиот маркет-мејкер!

Објавено во: Анализа, Економија 12 Октомври, 2014

Добивај вести на Viber

„Алкалоид“ константно стабилен, „Комерцијална банка“ со пад на прометот за 35 отсто, „Макпетрол“ врти исти промет со повисоки цени, а акцијата на „УСЈЕ“ се бара и купува оти носи дивиденда од 4.090 денари Цела трговска недела во знакот на „Гранит“. Најголем промет, нова рекордна годишна цена – 566 денари за акција. Вкупен промет од 10,3 милиони денари, од кои дури 9,2 милиони денари беа промет што беше остварен во последните два трговски дена. И огромен дел од тој промет во последните два трговски дена е дело на една брокерска куќа која е можеби и најголемиот маркет мејкер на нашиот плиток пазар на капитал. Како и да е резултатот, ако тоа била стратегијата, е постигнат, „Гранит“ беше најликвидна акција на пазарот, достигна нова највисока годишна цена и ја одржаа на 550 денари за акција. Во споредба со последната цена од претходната седмица, во последниот петок акцијата на „Гранит“ затвори  тргување на повисоко ниво за 9,6 отсто. Дали целта била да се привлечат повеќе други инвеститори или целта била да се прикаже раст на портфолио во некои извештаи ќе остане нејасно. Но ова што се случува на пазарот секако дека е веќе видено: еден голем управувач на портфолио да прави купи-продај и да одржува ценовно ниво, а при тоа нема никакви официјални ниту неофицијални ценовно чувствителни информации. Зошто расте таа акција? Зошто нејзиниот промет оваа седмица во споредба со претходната е поголем за 10 пати? Нема ценовно-чувствително образложение, нема ниту индикација. Само претпоставки. Освен „Гранит“ во најликвидните акции и оваа седмица се „Комерцијална банка“ и „Алкалоид“. Во акциите со промет повисок од еден милион денари е уште „Макпетрол“ на сегментот „берзанска котација“ и Цементарница „УСЈЕ“ на сегментот „задолжителна берзанска котација“. „Комерцијална банка“ оваа седмица има промет од 7,3 милиони денари и тој параметар бележи пад од 35 отсто во споредба со претходната седмица. Сепак цената на акцијата остана на ниво без значајни дисторзии. Благ пад од почетната цена која изнесуваше 2.170 денари до крајната цена од 2.150 денари. Највисоката неделна цена беше 2.200 денари, а најниската е еднаква на последната цена. „Алкалоид“ и сега, како и вообичаено, константен и стабилен. Ценовната маргина 4.509 денари до 4.600 денари за акција. Почетната и последната цена на тргување се идентични со минималната и со максималната цена на акцијата. Прометот на „Алкалоид“ оваа седмица беше 6,75 милиони денари што е за 500.000 денари повеќе од прометот остварен во претходната недела. „Макпетрол“ оваа седмица се тргуваше во маргина од 22.050 денари до 23.987 денари за акција. Почетната цена беше 23.000 денари, а последната беше 22.500 денари за акција. Прометот е 2,2 милиони денари, речиси идентичен како и тој од минатата недела. Тогаш акцијата се тргувала во маргина од 21.500 до 22.000 денари за акција. Сега маргината е повисока за 1.500 денари. Ако и идната недела имаме раст на маргината со ист промет, навистина инвеститорите треба да се замислат дали и како треба да го следат и гледаат „Макпетрол“. Последната акција што се најде во милионерите е „УСЈЕ“. И очекувано. Има аргумент цврст како гранит. Дивиденда од речиси 4.100 денари за акција. На последната цена од 22.500 денари за акција тоа е принос од 18 отсто што ќе стигне на трансакциска сметка на имателот на акцијата најдоцна до крајот на оваа година. Заради тоа и веројатно се купува се што ќе се понуди на таа цена. А понудата е релативно слаба, но ако се земе предвид колку од акциите на таа компанија се во фри флоат – ако тоа така може да се нарече, тогаш и не е лошо. Р.Ф.