29 Септември, 2024
0.0317

БЕРЗАНСКА АНАЛИЗА: Телеком со најголем промет, „Алкалоид“ со нова рекордна годишна цена

Објавено во: Анализа 30 Ноември, 2014

Добивај вести на Viber

„Алкалоид“ се тргуваше на највисока рекордна годишна цена, „Македонски Телеком“ со убедливо најголем промет од 17,25 милиони денари, „Реплек“ изненадувачки втор по големина на промет на сегментот берзанска котација. Генерално ниска ликвидност на Официјалниот пазар и многу тактизирање и испитување на пулс. Резервираноста на инвеститорите го замени опитимизмот, ова е најкратки црти сиже за изминатата трговска седмица во која целиот промет на берзата е 52 милиони денари. „Алкалоид“ во петокот на последниот трговски ден направи значаен исчекор и оствари највисока годишна цена. Акцијата достигна вредност од 5.138 денари. Маргината во која се тргуваше таа акција оваа седмица беше 228 денари што е солидна маргина за кратки позиции особено ако се има во предвив трговската историја на „Алкалоид“. Прометот на седмично ниво изнесува 8,67 милиони денари. Само во петокот беа истргувани 1.311 акции од кои најголем дел се продадоа по највисоката годишна цена. Од аспект на бројот на истргувани акции прометот во петок беше 77 отсто од целиот промет со акции на „Алкалоид“ во седмицата што измина. Очигледно дека се повтори ситуацијата од неодамна кога имавме големи поеднични куповни налози на „Алкалоид“. Уште една потврда дека на таа акција се гледа како на многу сигурен финансиски инструмент што носи принос веројатно повисок од банкарски депозит. Акцијата на „Реплек“ изненадувачки втора според остварениот промет во седмцата што измина. Во две трансакции за еден ден (втроник) реализирани 102 акции во вредност од 5,7 милиони денари со единствена цена од 56.000 денари за акција. Прометот солиден, количината голема, но веројатно ова е исклучок од досегашната пракса на тргување со таа акција. Ниска ликвидност, повремени тргувања. „Комерцијална банка“ одраз на резервираноста на инвеститорите. Доволно говори ценовната маргина 2.085 денари – 2.125 денари за акција. Прометот , за таа акција, скромни 2,75 милиони денари. Очигледно дека на ова ценовно ниво се прекршуваат одлуките на инвеститорите кои претпочитаат ликвидни акции. Веројатно тоа што нема значајна понуда ги прави воздржани и потенцијалните купувачи. Сите тактизираат и оставаат периодов да покаже дали ќе настане нова угорна тенденција или пак ќе се појави нервозен продавач кој ќе овозможи нови нови пониски и попрофитабилни стартни позиции на некои потенцијални купувачи на таа акција. „Македонски телеком“ од аспект на прометот е акција на неделата. И тоа во период кога цената е значајно ниска ако се имаат во предвид историските податоци. Значајно е тоа што оваа седмица беа истргувани 60.000 акции и тоа се случи во понеделникот на 24 ноември. Цената беше 282 денари, а прометот надмина 17 милиони денари. Голема е веројатноста дека продавач и купувач се двата пензиски приватни фондови зашто од аспект на истргуваните количества речиси и да нема кој друг да тргува толку големи количества акции. Што може да значи тоа? Можеби купувачот очекува солидна дивиденда? Останува да видиме. Р.Ф.