БЕСПЛАТНИ ПЦР ТЕСТОВИ ЗА СТРАНСКИТЕ ГОСТИ - бараат туристичките работници за сите што ќе дојдат во нашите хотели
Објавено во: Економија 16 Ноември, 2020
Државата да овозможи бесплатни ПЦР тестови за странските туристи што ќе престојуваат во нашите категоризирани хотели.
Ова е едно од барањата на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.
„Бараме државата да овозможи и да субвенционира бесплатни ПЦР тестови за сите странски гости кои ќе престојуваат во нашите категоризирани хотели, а треба да продолжат со своите патувања во други земји. Тоа ќе биде многу добра промоција и ќе значат олеснување за бизнисот во туризмот, а ќе значат многу и за заштита на јавното здравје. Така ќе му се помогне на туристичкиот сектор, и ќе се зголеми економската активност“, рече Александар Кузамновски, заменик претседател на Здружението за угостителство и туризам при СКМ.
Од Здружението имаат и барање Законот за финансиска поддршка за платите безусловно да важи за сите компании од овој сектор.
Предупредија дека голем број хотели во државата ќе бидат принудени времено да ги затворат своите објекти, а вработените да ги пријават како невработени ако не се направат измени во Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од корона кризата во делот на платите за октомври, ноември и декември 2020. Имено, повеќето компании од овој сектор, но пред сѐ хотелите, нема да бидат во можност да ја искористат поддршката. Освен тоа сметаат и дека како што е сега дефинирана во четвртиот пакет мерки, само делумно ќе ги ублажи негативните ефекти и последици од КОВИД-кризата.
„Голем број од компаниите од угостителско туристичкиот сектор, пред сѐ хотелските објекти, се соочуваат со проблем околу користење на мерката – Финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати (октомври, ноември и декември), која воедно е и прва мерка од четвртиот пакет економски мерки која започна да се реализира. Проблемот е во условите кои се утврдени во Закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19, заради исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020. За таа цел, Здружението на угостителството и туризам при Стопанската комора на Македонија, бара измена на Законот со бришење на алинеја 2 и алинеја 3 од член 3, став 3, од Законот, соопшти Здружението на угостителството и туризам“, предупредуваат од Здружението.
Третото барање е да се направат поголеми напои за промоција на туристичките потенцијали во земјава.
„Многу држави, како што се Австрија, Словенија, и сега прават се за да ја збогатат својата понуда. Во 2021 година очигледно ќе има поголема надеж за туристичкиот сектор, а за тоа говори и фактот што во последнава недела растат цените на акциите на речиси сите светски туристички компании. Очекуваме дека некаде во пролетта 2021 година доаѓаат подобри денови за туристичкиот сетор во земјава. Да не ги пропуштиме тие можности, дотолку повеќе што ќе се бара замена за подалечните дестинации. Ова ќе биде наша шанса да се позиционираме и затоа мора сериозно да пристапиме кон промоција и што подобро да се претставиме на пазарот“, рече Влатко Шулев.
Даниела Михајловска од Стопанската комора на Македонија на денешниот онлајн состанок на туристичките работници, пак, нагласи дека немаат информации за дека е можно во земјава да се воведе целосен карантин.
„Туристичко-угостителскиот сектор покажа дека и во вакви услови на здравствена криза може да понуди производ и услуга, се разбира со целосно почитување на мерките. Државата тоа треба да го препознае и безуслово да го поддржи овој сектор“, објасни Михајловска.
За најавената приватизација на хотелите на Попова Шапка, туристичките агенции сметаат дека тоа е добра идеја.
„Сметаме дека тоа е добра идеја, бидејќи носи нови можности. Добро ќе биде било кое решение, бидејќи таму ништо не се случува со години, а Шапка има голем потенцијал“, рече Александар Кузмановски.
Н.Н.Ф.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.