Бев во Кина. Што научив таму за туризмот, а што може да примениме!
Објавено во: Колумни 28 Јули, 2025 08:41
Како генерален менаџер на Balkan Prime Tours, имав привилегија да патувам во Кина и да бидам специјален гостин на еден од најголемите светски саеми за туризам. Да разговарам со реномирани светски тур-оператори од Азија, да контактирам со туристички професионалци за дојдовен туризам, да видам како се работи во овој дел од светот и какви се можностите за умрежување и соработка.
Првиот заклучок кој го добив е дека кај Кинезите не постои зборот „не“, и нема нешто што не може да се направи, а во туризмот се вложува стратешки. Кинеската влада инвестира значајни средства во инфраструктура (улици, железници, аеродроми), со цел да го олесни пристапот до туристичките дестинации. Потоа, донесена е стратегија дека Кина ќе се промовира како дестинација со древна култура и историја, која дополнително нуди и современа понуда и модерни зданија. Акцент се става како на странски, така и на домашни туристи. Дури, многу туристички места се прилагодени токму за домашните посетители, кои имаат пристапни, поповолни цени и локализирани услуги.
Она што посебно се издвојува е фактот дека во Кина сè е дигитализирано. Преку апликации како WeChat и Alipay е овозможена лесна резервација, плаќање, навигација и комуникација. Вештачката интелигенција и big data се користат на големо за следење на туристичките текови и креирање персонализирани понуди. Сè е ставено во функција на туристот за да му се олесни секој чекор и активност.
Генерално, постои еден позитивен пристап кон работите – не постојат нерешливи проблеми, туку само решенија. Една потполно различна култура и филозофија на животот, така што не е чудно што Кинезите веќе го освојуваат светот, а Кина е една од топ 5 земјите во светот по број на посети. Од нив може многу да научиме!
Како претседател на македонската национална асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), си поставувам и високи цели – да ги подобрам работите во туризмот во земјава, да создавам мостови, да рушам бариери и невозможното да го направам возможно.
Кина и Азија географски се далеку од Балканот и Македонија, но тоа не значи дека туристи од таму не патуваат во Европа. Многу Кинези веќе патуваат во Србија и Црна Гора, имаат воспоставено туристички релации, олеснет визен режим... Значи – возможно е!
Од разговорите кои ги имав, заклучив дека кинеските туристи се многу заинтересирани за нови, автентични дестинации како Македонија и целиот Балкан – за нив овој регион е егзотика, „нов начин на гледање на работите“.
Македонија и Грција како дестинации се посебно атрактивни. Тие не бараат луксуз, туку автентични искуства: традиционална храна, посети во домашни винарии, историски локалитети, верски и културен туризам – работи кои ги обогатуваат сите сетила, „нешто што го немаат во нивните матични земји“. Но очекуваат сè да биде организирано, едноставно и професионално.
Овој туристички потенцијал е и причината зошто Balkan Prime Tours отвори своја канцеларија во Нингбо (Кина). Работите се започнати – се креираат туристички пакети, се работи на умрежување со останатите балкански земји и многу брзо очекуваме позитивен развој на настаните.
Дојдовниот туризам е исклучително важен за економскиот развој и општата благосостојба на земјава. Тој има ефект врз најмалку 15 секундарни сектори – винарии, ресторани, занаетчиски работилници, превоз – и создава работни места за младите. Балканот генерално има силно заживеан туристички регион, но Македонија засега добива само „трошки“.
Кина не е само заинтересиран пазар, туку може да биде и катализатор за развој и модернизација на туризмот во земјава, но само ако ја отвориме земјата правилно, ако го олесниме визниот режим, ако инвестираме во професионален кадар и автентични туристички понуди. Ако ги употребиме искуствата од Кина, понатаму можеме да го трансформираме туризмот и да го направиме двигател на економски подем и нови работни места во Македонија и на Балканот. Спротивно на трендот со одливот на работници, особено на млади луѓе. Никој официјално нема објавено колку Македонци преку лето работат во Хрватска и Црна Гора, но бројката е голема, и тоа се претежно млади луѓе. Зошто тие да не работат и заработуваат дома?
Шансата ни е во балканско умрежување. Замислете колку атрактивна може да биде туристичка тура, која вклучува патување во неколку градови на Балканот: Од Кина до Белград – Скопје – Охрид – Дубровник.
Наместо само да критикуваме, време е да зборуваме за решенија! Потребни се туристички рути, на кои сè ќе „крцка“ и ќе биде организирано. Аеродромите треба да бидат поврзани со туристичките дестинации преку шатл-услуги. Инфраструктурата да биде функционална, патиштата чисти.
Охрид и Скопје не смеат да се гушат во бетон и хаос. Ако сакаме да имаме туристи од повисока категорија – потребна е естетика, ред и еко-свест. Уметност на улиците, рециклирање, одржлив транспорт, паметно осветлување, бидејќи малите детали го прават големиот впечаток.
Визната политика – пречка или можност?
Една од најголемите пречки за развој на дојдовниот туризам кај нас е визниот режим. Додека соседите како Србија и Црна Гора одамна имаат либерализирани услови за туристи од пазарите како Кина, Индија и Блискиот Исток, Македонија сè уште го одржува сложениот, долг и демотивирачки процес на визирање. Ова практично нè остава надвор од мапата за голем дел од организираните групи кои бараат едноставен пристап.
Мојата препорака е Македонија да ја преземе политиката на Црна Гора, која за голем број туристички пазари има едноставен пристап: дозвола за влез со туристички пакет организиран преку лиценцирана агенција и без класична виза за престој до 30 дена. Овој модел не само што ја зголеми посетеноста на Црна Гора, туку создаде илјадници нови работни места и директни приходи за локалната економија.
Ако сакаме да бидеме конкурентни и да привлечеме дел од милионите кинески туристи кои патуваат во Европа секоја година, мораме да ја отвориме земјата на паметен и контролирано либерализиран начин. Во спротивно, ќе продолжиме да гледаме како соседите ја собираат добивката, а ние остануваме со „трошки“.
Македонија може да биде туристичка приказна која се раскажува со љубов низ целиот свет. Но тоа нема да се случи само по себе. Потребна е волја, визија и заедничка работа – од локалните заедници, преку институциите, па до секој граѓанин кој верува дека има нешто вредно да се покаже.
Бидејќи, во туризмот – секоја приказна почнува со луѓето. А нашиот народ има што да каже. И уште повеќе – да покаже.
Влатко Сулев
Генерален менаџер на Balkan Prime Tours, Vice President на Spiti World Network
Можеби ќе ве интересира
Што ќе и испорачаат Европа, Украина и САД на Русија?
Пари, моќ и одговорност - Mакедонската приказна за фискална децентрализација




