БИТИЌИ: Јавниот долг веќе изнесува 70 проценти од БДП
Објавено во: Економија 17 Јануари, 2025
Јавниот долг веќе изнесува 70 проценти од БДП, изјави денеска во Собранието, пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи.
Битиќи кажа дека предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, по скратена постапка, е обид на Владата на мала врата да изврши импровизации и да ги коригира сопствените пропусти и грешки поврзани со реализацијата на кредитот од Унгарија.
„Се изнаслушавме за историски најниска камата, но реалноста е поинаква, таа не функционира. Не постои институционален капацитет за нивно ефектуирање, ниту кон стопанството, ниту кон било кој друг. Постои само капацитет за ефектуирање на провизии. Дозволете ми да бидам и малку саркастичен, оваа задолжување е спроведено како некој на кредит да купил луксузен автомобил без да знае да вози. Го плативме автомобилот, плаќаме и за гаражата, но тој стои неподвижен“, изјави Битиќи.
Собранието вечерва на 30. седница со 60 гласа „за“ и девет „против“, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, по скратена постапка.