22 Ноември, 2024
0.0451

Битката меѓу Штерјо и Кираца ќе ја вивне цената на акцииите на Фершпед?

Објавено во: Анализа 16 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

Акцијата на најголемата шпедитерска компанија во петокот достигна над 103.000 денари, со што пазарната капитализација скокна на 30,4 милиони евра. Јагмата за акциите е поради очекувањата за сопственичко окрупнување. Фактор анализира која е во моментов пазарната капитализација и на другите најголеми и најмоќни компании на берзата?

Откако акцијата на „Фершпед“ во петокот урна нова височина и ја надмина границата од 103.000 денари, со што дефинитивно станува јасно дека продолжуваат битките за превласт и дека нешто „големо“ ќе се случува во најголемата шпедитерска компанија во земјава, повторно се поставуваат прашањата за тоа колку вредат топ македонските акционерски друштва. Која е пазарната капитализација, односно цената што хипотетички би се постигнала за компанијата во моментов доколку сите нејзини акции се продадат на берзата во исти ден? И колкава е вредноста што реално би ја платил потенцијалниот купувач, доколку дојде до преземање на акционерското друштво.

Со достигнувањето на нивото од 103.251 денар за акција, пазарната капитализација на „Фершпед“ се искачи до 30,4 милиони евра. Ако се направи споредба со една година претходно, односно со 13 декември 2012 година, тоа е безмалку трикратно зголемување, бидејќи шпедитерскарта компанија тогаш „тежела“ околу 11,9 милиони евра, со оглед што една акција се продавала по 40.500 денари. Петочната цена на акциите на оваа компанија е убедливо највисока во текот на последнава година.

„Пазарната капитализација покажува колку вреди компанијата според моменталната цена на акциите. Додека, пак, различна работа е цената што се постигнува при преземање“, вели Горан Марковски, директор на „КБ Публикум инвест“.

Кога станува збор за „Фершпед“, познавачите сметаат дека поголемата побарувачка за акции, а со тоа и порастот на цената, настапи откако исплива на површина дотогаш притаената нетрпеливост меѓу некогаш најблиските соработници во компанијата , Штерјо Наков и Кираца Трајковска. Но, во последниве дваесетина дена на пазарот на капитал се случува вистинска јагма за акциите на компанијата, па тие од 60.000 денари, „рипнаа“ на дури 103.251 денар. Во петокот беа продадени дури 28 акции, што е значајна и убедливо најголема истргувана количина во последниов период.

Марковски смета дека што ќе се случува со „Фершпед“ во наредниот период ќе зависи од тоа до каде, условно речено, двете страни ќе ја тераат работата. „Моменталните случувања се резултат најверојатно на шпекуланти. Моја лична претпоставка е дека она што сега се случува е повеќе на база на очекувања дека овие препукувања ќе резултираат со разврска што би значела окрупнување на акционерите и консолидација на акционерската структура во компанијата“, смета Марковски.

Пазарната капитализација ја дава всушност моменталната вредност на компанијата и таа е резултат на одредени анализи и согледувања на инвеститорите. Но, како што нагласува овој брокер, преземањето е резултат на длабинска анализа на таа компанија, која треба да покаже колкава е нејзината реална вредност. Откако ќе се направи таа длабинска анализа, се влегува во преговори со мнозинскиот сопственик.

Цената на преземањето зависи од повеќе фактори. „По објавата на информацијата дека постои заинтересиран купувач, секогаш доаѓа до раст на цената на акциите на компанијата, поради очекувањата дека тој мнозински пакет ќе оди заедно со премија за преземање. Пред објавата, пак, таа информација ја нема на пазарот и се тргува со акциите од поинаков аспект“, вели Марковски.

Која е во моментов пазарната капитализација на другите најголеми и најмоќни компании на берзата?

Комерцијална банка во петокот вредела 65 милиони евра, а една година претходно тежела 85 милиони.

Фармацевтскиот гигант „Алкалоид“, пак, сега има пазарна капитализација од 101 милиони евра, наспроти 93 милиони точно една година претходно.

„Макстил“ има намалување на пазарната капитализација за една година. Па така, ако оваа компанија сега вреди околу 16 милиони евра, пред една година сумата изнесувала нешто повеќе од 22 милиони. Оваа компанија деновиве е во центарот на интересирањето на јавноста поради најавите од Владата дека сите загадувачи кои до април идната година нема да ги исполнат еколошките стандарди во работењето, ќе добијат клуч на врата. Исто така, првиот човек на „Макстил“ Минчо Јорданов неодамна најави дека на Акционерското собрание што ќе се одржи на 25 декември, ќе биде сменет менаџерскиот тим. Се уште актуелниот генерален директор Александар Панов изјави дека компанијата веќе интензивно работи на исполнување на еколошките инвестиции. „Сметам дека тој процес ќе заврши во законски определениот рок, односно до април в година, или барем ќе се реализира во најголем дел“, рече Панов.

Од компаниите што се на задолжителна котација на Македонската берза, најголема пазарна капитализација има „Македонски телеком“. Таа на последниот ден на тргување со оваа акција изнесувала 639 милиони евра, додека, пак, пред една година била многу повисока и имала ниво од дури 814 милиони евра.

УНИ банка, пак, сега има пазарна капитализација од 6,9 милиони евра, наспроти 3,9 милиони пред една година. Кај оваа банка самите шпекулации дека ќе влезе турската Шеќер банка (која од УНИ банка не ја потврдија), доведоа до фантастичен раст на акциите до дури 1.313 денари во октомври, додека, пак, акцијата и сега се продава за солидни 800 денари.

Сите акции на Стопанска банка Скопје во моментов во исти ден би се продале за сума од 48 милиони евра, што е голем пораст во однос на една година претходно, кога тоа можеше да се направи за 35 милиони евра. И за оваа банка пред извесен период се појавија информации во грчките медиуми дека Националната банка на Грција ќе се повлече од Македонија, во рамки на договорот што наводно го склучила со Европската Комисија. Но, набргу од Стопанска потенцираа дека НБГ останува сопственик на оваа банка, и дека таа најнормално ќе продолжи да функционира во земјава.  (Ф.Н.)

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.