Битола ќе добие нова црква и кино
Објавено во: Македонија 20 Март, 2013
Денеска во Битола беа промовирани проектите за изградба на храмот „Св.Нектариј Битолски“ посветен на заштитникот на градот и на киното „Корзо“ на браќата Јанаки и Милтон Манаки.
Како што истакна министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, проектот ќе се реализира во заштитена зона, во непосредна близина на Јени-џамија и Саат-кула, за што од Министерството за култура дало целосна поддршка. „Проектот произлегува од барањата на граѓаните и е во координација со Македонската православна црква. Изградбата на еден сакрален објект е од големо значење за граѓаните на Битола и за целата држава. Проектот за заштитно конзерваторски основи е завршен од НУ Завод и Музеј и е предаден на општината“, посочи министерката за култура.Според најавите пак за изградба на киното „Корзо“ на браќата Манаки, само во првата фаза ќе бидат инвестирани 30 милиони денари општински пари. Од општината информираа дека проектот е готов , тендерот завршен, а целата реконструкција на киното ќе се одвива во три фази но ќе биде задржан оригиналниот изглед на фасадата на објектот.