Разни бизнисмени познати по јавни набавки, заеднички учествувале како сопственици во позната фирма за пилешко месо
Објавено во: Економија 06 Октомври, 2025 09:43
Двајца бизнисмени кои станаа познати по поголемите јавни набавки што ги добиваа во изминатиот период, „го окупирале“ сопствеништвото на компанија што добивала државна помош во своите почетоци, а била формирана, како што гласеа тогашните декларации, за снабдување на брендот KFC со пилешко месо во регионот.
„Интернатионал Фреш Фоод“ е регистрирана во 2018 со најава како најголема инвестиција во Македонија за одгледување на живина и производство на свежо пилешко месо. Во 2020 и 2021 од Владата има добиено финансиска државна помош за инвестирање од 250.000 и 320.000 евра.
Во меѓувреме таму еден од повеќето сопственици станал Ељмедин Адеми, газдата на добропознатата „Еуровиа“. Градежната фирма од Желино се најде на тапет кај Државната комисија за спречување на корупција откако претходно го доби тендерот за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за министерската конференција на ОБСЕ, но беше оспорувана и за неколку други јавни набавки. Во меѓувреме, како што велат од „Еуровиа“ од случајот со ДКСК излегле како чисти. Инаку Ељмедин Адеми е внук на поранешниот министер Абдулаќим Адеми. Изминатиот период од сопствеништвото на „Интернатионал Фреш Фоод“ пак излегол Аљибер Ибраими од Тетово, уште едно познато лице во јавноста кое пред три години со две новорегистрирани фирми - „Куантум Солушнс“ и „Енергија Икс“.набавуваше јаглен за РЕК Битола за десетина милиони евра. Набавката се совпадна со енергетската криза кога истовремено кај рудниците на АД ЕСМ се намалија наоѓалиштата на домашен јаглен.
Базата на „Интернатионал Фреш Фоод“ е во Врапчиште, а подружницата за трговија е во Скопје. Компанијата има производни подружници и во Требош и Крива Паланка.
Инвестицијата пред неколку години беше најавена со највисоки европски стандарди со фокус на модерно производство на свежо пилешко месо и амбициозен план за изградба на фарми, кланици и хали низ целата држава. Беа најавувани 3.000 вработувања.
Производните погони беа посетувани и од политичари заради промовирање на инвестициите. Тогаш инвестицијата беше претставена како можност да се извезува пилешко месо од Македонија и да се зголеми малопродажбата на овој домашен производ во земјата.
„Покрај во Гиновце и во Врапчиште – Гостиварско, Кочани, Штип, Охрид, Струга, Ветуница, Карбинци, Свети Николе. Тоа значи и отворање на повеќе од 3000 нови работни места во оваа бранша и дополнително раздвижување на соработката со кооперанти и домашни производители на репроматеријали“, беше најавувано своевремено од инвеститорот.
Александар Кузмановски
Можеби ќе ве интересира
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа
На бензинските пумпи се појави нов вид гориво: Ќе се испорачуваат со „розови пиштоли“, а ќе може да се користи во сите автомобили
Планирате патување на одмор? Овие аеродроми во Европа ќе штрајкуваат до крајот на годината
Германија ги заострува условите за социјална помош
Руски министер кажа колкав процент од БДП потрошиле за војната во Украина
(ВИДЕО) АВСТРАЛИЈАНЕЦ СЕДУМ ГОДИНИ СОБИРАЛ АМБАЛАЖА: Заштедил за куќа




