БЛАГА ЗИМА: Ова е меч со две острици за аграрот
Објавено во: Агробизнис 19 Декември, 2023
И оваа година имаме блага зима. Граѓаните се во исчекување на снежни врнежи кои би создале покривка и на пониските места во државата.
Оваа блага зима, за аграрот има и позитивни и негативни ефекти. Според агрономот, Симка Трајкова, добро е тоа што земјоделците по сушната есен, имаа време за доцна сеидба, но од друга страна, топлото време за овој период од годината ќе влијае за појавата на штетници.
„Влијанието на благата зима е дискутабилно. За житата, добро е што луѓето стигнаа со доцната сеидба, но за градинарството и полјоделството ќе има штети. Може подоцна да се појават болести и штетници. Пример, лани имаше болести кои ја напаѓаа и пченката во струмичко, што не било случај претходно. На температури од -5 до -15 степени, штетниците се намалуваат“, вели Трајкова.
Таа објаснува дека пиперките, доматите, но и лозјата можат да се соочат со болести и штетници поради климатските промени. И лани исто така имавме топла зима.
Мартин Мицевски, проектен менаџер во Македонската асоцијација на земјоделски задруги вели дека генерално, благата зима со недостиг на снег колку што има позитивни, толку има и негативни ефекти врз земјоделското производство.
„Секако дека при благи температури, ризикот од мрзнење е намален, но доцните мразеви се нешто што е реалност со која често пати се соочуваат нашите земјоделци. Но, она што е позитивно е секако заштедата на средства за загревање на пластениците, како и продолжената сезона кај одредени култури, особено кај раноградинарските култури. Сепак, ваквото време може и негативно да се одрази врз земјоделското производство. Инсектите и болестите кои вообичаено би биле контролирани со ниските зимски температури може да опстојат, што претставува закана за земјоделските култури. Топењето на снегот е важен извор на вода за многу акумулации, па така недостатокот на снег со сигурност ќе резултира со намалена достапност на вода за наводнување во пролет и лето, што и тоа како влијае врз приносот на земјоделските култури. Да резимираме, земјоделското производство претставува сложена интеракција на различни фактори, кои се движат од еколошки и климатски услови до социо-економски и технолошки фактори. Поволните температури и достапноста на вода се основата на земјоделското производство, но тука е и квалитетот на почвата, изборот на квалитетно семе или саден материјал, плодоред, ротација на култури, заштитата на земјоделското производство, цената на ѓубривата, (не)достапност на соодветна технологија, цената на работната рака итн. Поради сите овие фактори, во моментов е невозможно да се даде прогноза како благата зима и недостатокот на снег ќе влијае врз наредната реколта кај најголем дел од културите, бидејќи благата зима и недостатокот на снег се само почетна фаза во земјоделското производство“, рече Мицевски.
Според најавите на метеорологот Славчо Попоски, во јануари и во февруари во поголем дел од Балканскиот Полуостров, како и во Македонија ќе има врнежи од снег кои ќе бидат натпросечно високи и невообичаени за нашиот дел од континентот.
Сања Атанасовскаfoto freepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.