„БОЖИКНИОТ РУЧЕК Е ДОЛГА МАСА СО РАЗЛИЧНИ ГЕНЕРАЦИИ“: Вака се слави Божик во домот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев
Објавено во: Македонија 07 Јануари, 2025
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, и неговата најголема поддршка, сопругата Веселка, се горди родители на три деца: Никола (20), Стојанче (10) и Мила (7). Уште од нивното крштевање ги воспитуваат со љубов кон верата, учејќи ги да ја почитуваат и да ја посетуваат црквата, особено за големите христијански празници.
Во нивниот дом, Бадник секогаш носи топла и позитивна атмосфера. Божиќното утро започнува со посета на црквата, а продолжува со свечен семеен ручек.
ЖМ: Посната Бадникова вечера, како претпразнение на празникот на Христовото раѓање, го соединува семејството. Зборовите на нашите предци „Пред Божик, зад Божик, кај и да си, дома да си“, се пренесуваат од генерација во генерација. Почитувајќи ја оваа максима, каква е прославата на празникот и како изгледа вашата семејна софра?
-Нашите предци секако дека биле во право и мислам дека за среќа ова сè уште се почитува. Овие празници ги посветуваме на семејството. Забораваме на секојдневните обврски и грижи и преку смеа и убави мисли ги празнуваме празниците. Постарите исто така веруваат дека празничната софра треба да биде богата, за да ти биде богата и бериќетна годината.
ЖМ: Божиќ е празник кој обединува повеќе генерации на празничната софра. Каква е вашата традиција на прослава? Каде и како ќе го прославите празникот?
-Ние сме големо семејство, така што и божиќниот ручек е една долга маса со, како што рековте, различни генерации. Разговорите се интересни, помладите ќе научат нешто од постарите, но и обратно. Секогаш празнуваме дома, во домашна и празнична атмосфера.
ЖМ: Ако почнеме со позитивни размислувања, која цел ја постигнавте во 2024 година, кој е вашиот најголем професионален успех?
-Во овој период се сумираат сите резултати од годината што заврши. 2024-та беше една успешна година како за мене така и за цело Кавадарци. Многу реализирани проекти кои се од големо значење. Кавадарци е веќе европски град. Ски-патека, реконструирани и новоизградени булевари, изградба на мол, затворен базен и многу други проекти. Напредокот на Кавадарци и неговата модернизација е заеднички успех, мој и на моите сограѓани кавадарчани.
ЖМ: Важите за најуспешен но и најомилен градоначалник кај вашите сограѓани. Според нивните коментари на социјалните платформи посакуваат да бидете вечно на таа функција. Кои се вашите планови?
-Ќе бидам тука за моите кавадарчани сè додека тие сакаат и додека се чувствувам доволно мотивиран. Функцијата градоначалник ја извршувам со голема љубов. На почетокот беше тешко но многу бргу создадовме тим кој секојдневно макотрпно работи преку тимска работа. За успешната работа говори самото Кавадарци и задоволните граѓани. Имам уште многу идеи и планирани големи проекти за кои овој мандат е краток.
Целото интервју на Женски магазин