МИЦКОСКИ СО БОЖИКНА ПОРАКА: „Љубовта, вербата и солидарноста да нè водат напред“
Објавено во: Македонија 07 Јануари, 2025
Во духот на големиот христијански празник Божиќ, премиерот на Република Северна Македонија упати честитка до граѓаните, истакнувајќи ги вредностите на љубовта, солидарноста и заедништвото. Неговата порака е повик за верба, труд и заедничка работа за подобра иднина. Во продолжение ја пренесуваме неговата честитка.
Во мое лично име и во име на Владата упатувам најискрени честитки по повод големиот христијански празник – Божиќ.
Раѓањето на Спасителот на светот е симбол на љубовта, милосрдието и жртвата за доброто на човештвото. Овој свет ден нè потсетува на вистинските вредности – вербата, надежта и љубовта, кои треба да нè водат во секојдневниот живот. Божиќ нè повикува и да бидеме солидарни, да си помагаме еден на друг и да ја споделуваме радоста со сите околу нас.
Во време кога предизвиците се бројни, оваа празнична атмосфера нè поттикнува на размислување за заедништвото и единството, како најсилен темел за изградба на подобра иднина. Нека Божиќ биде потсетник дека со вера, труд и меѓусебно разбирање можеме да создаваме општество исполнето со мир, правда и напредок.
Нека Божиќ ни даде нова сила да работиме заедно и да создаваме големи дела за доброто на сите граѓани, негувајќи ја традицијата и духовноста како темели на нашето општество.
Посакувам да го поминеме овој празник во духовен мир, со радост во срцата, во кругот на семејството и најблиските.
Нека Божјата милост нé води низ животот, носејќи благосостојба, здравје и успех во секој наш чекор.
Христос се роди!