Британска поддршка за развој на креативни индустрии во Македонија
Објавено во: Економија 19 Март, 2013
Соработка за развој на креативните индустрии во Македонија во 2013 година договорија министерството за култура и Британскиот совет. Во договорот се содржани планирани активности кои треба да помогнат во развивањето вештини, да ја интензивираат соработката меѓу секторите култура и економија, со крајна цел креативниот потенцијал да биде во функција на економскиот развој.
Документот го потпишаа министерката Елизабета Канческа-Милевска и директорката на Британскиот совет во Скопје Елеонора Запрова. Тој ја официјализира соработката што двете институции ја имаат во оваа област од 2009-та и од која произлегоа повеќе активности, работилници, конференции, брошурата „Мапирање на креативните индустрии во Македонија“, како и Форумот за креативни индустрии што се одржа лани во Скопје.
Планирани се обуки кои со финансиска помош од Министерството и од Советот ќе се реализираат во 2013 година, а посетителите ќе имаат можност да се запознаат со искуства од креативните индустрии во Малта, Словенија, Естонија и Велика Британија.
- Креативните индустрии се перспективна и профитабилна област, која нуди можност за широко презентирање на вештината, имагинацијата и талентот и нивно соодветно валоризирање на пазарот. Со поддршка на Британскиот совет, во Македонија дојдоа врвни експерти од областа на креативните индустрии кои помогнаа во креирањето на културните политики во оваа област во европските земји и пошироко. Договорот што го потпишавме е продолжување на овие активности и е во духот на нашите заложби за стимулирање на младите креативци за посериозно комерцијално работење во оваа област и стручно усовршување на бизнис-заедницата за користење на овој значаен ресурс, рече Канческа-Милевска.
Министерството за култура пред пет години донесе Стратегија за развој на креативните индустрии во Македонија, која опфаќа развојни политики за секоја дејност на креативните индустрии, како архитектура, дизајн, мода, музика, театар, филм, телевизија, издавачка дејност, занаетчиство..
Директорката на Британскиот совет-Скопје Елеонора Запрова истакна дека Велика Британија е лидер во креативните индустрии во изминатите 20 години. Речиси два милиона луѓе таму се вработени во тој сектор и придонесуваат со 8 отсто во БДП на земјата.
- Според анализите на aгенциjaта НЕСТА, се очекува до 2013 година да има над 180.000 креативни бизниси во Велика Британија и генерирање 150.000 нови работни места. Британскиот совет како организација чие делување се темели на вредности како креативност, професионалност и заемно помагање, има улога на иницијатор на нови меѓународни соработки, нови идеи и креирање атмосфера за дијалог меѓу институциите. Затоа, целта на активностите за оваа година е да направат простор за активно вклучување на креативниот сектор во креирање на политиките во развојот на креативните индустрии на национално и на локално ниво, рече Запрова.