Британските туристички агенции се запознаа со Македонија
Објавено во: Македонија 11 Ноември, 2016
Со туристичките потенцијали на Македонија се запознаа 150 туристички агенции од Велика Британија.
Ова се случи во рамки на Destination Showcase, настан што го организираше елитниот магазин Travel Weekly на најголемиот саем за туризам во Лондон, World Travel Market 2016 (WTM).
На Destination Showcase беше презентирана и можноста што ја нуди Македонија за субвенционирање на странскиот туристички промет.
WTM се одржа од 7 до 9 ноември, со 5.000 учесници од цел свет и 50.000 професионалци (компании, организации, институции, медиуми, инвеститори) од светската туристичка индустрија. Во организација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Македонија имаше свој штанд на кој понуди историја, култура, археологија, лов, риболов, рурален, „класичен“ туризам, како и дел од традицијата.
Македонија се промовира како дестинација која вреди да се посети, а тоа резултира и со пораст на бројот на туристи. Убавините на земјава претходно се промовирани во Холандија, Чиле, БиХ, Данска и други земји. Вобичаено, земјава ја посетуваат гости од соседството, но и Турци, Холанѓани и други.