Добивај вести на Viber
Советниците на Град Скопје ноќеска во два часот по полноќ го усвоија Буџетот на градот за претстојната 2015 година. За опозицијата, средствата во градската каса се распределени спротивно на интересите на граѓаните.
„Ова е Буџет на раскош и луксуз, на Буџет којшто не ги решава реалните проблеми на скопјани. Денеска владеачкото мнозинство усвои Буџет и гласаа за споменици, а не гласаа за подземна сообраќајница. Вечерва гласаа за нови фонтани, а не гласаа за ново средно училиште во Аеродром. Денеска гласаа за плоштади, а не гласаа за намалување на загаденоста во градот. Денеска гласаа за уште еден нов карусел, ама не гласаа за нови водоводи и улици. Денеска гласаа за уште многубројни барокни фасади, ама не гласаа за проекти за енергетска ефикасност. Само во следната година, Град Скопје ќе потроши 14.000.000 евра на раскош и луксуз, фонтани, барокни фасади и споменици“, изјави координаторот на опозициските советници, Дамјан Манчевски.
Наспроти ова, Трајановски ги уверува граѓаните дека ќе имаат развоен буџет, во кој ќе има проекти за сите. Парите и проектите предвидени во буџетот имаат за цел само социо-економска благосостојба на граѓаните и развој на градот, уверува Трајановски.
„Буџетот на Град Скопје за 2015 година е проектиран на 6 милијарди денари, од кои 4 милијарди денари е основен буџет. Ова е развоен буџет, во кој се многу градежни работи- инфраструктурни“, изјави Трајановски во гостувањето на ТВ Сител. Тој најави посебни проекти во сите скопски општини.
Ставот на опозицијата претходно градските власти го демантираа со соопштение. „Градот Скопје изминативе години сите буџети и програми ги прави заедно со граѓаните, во насока на решавање на сите проблеми со кои тие се соочуваат. На отворен и транспарентен начин, изминативе триесетина дена, градоначалникот Трајановски со претставници на администрацијата и на јавните претпријатија, ги посети сите десет општини, каде одржа средби со градоначалниците, претставниците на општинските администрации, со граѓаните и со претставниците од урбаните и од месните заедници. На овие средби се дискутираше за потребите на граѓаните на Скопје и голем број од нивните предлози се вметнати во буџетот и во програмите за работа на Градот Скопје и на јавните претпријатија“, се нагласува во реакцијата во која се тврди дека главниот град на овој начин добил балансиран буџет.
Мнозинството во градскиот совет не ги зеде предвид поднесените 64 амандмани за трошењата догодина, поднесени од коалицијата предводена од СДСМ, како ниту 27-те амандмани поднесени од албанската опозиција во Советот.