Бугарскиот навивач кој беше избоден во Чаир од вчера е пренесен во Софија
Објавено во: Македонија 04 Август, 2023
Бугарскиот навивач на „Левски“, Драгомир Андонов, кој минатата недела беше избоден со нож во скопски Чаир, пред мечот Шкупи – Левски, е во стабилна состојба без опасност по животот.
Лекарите од Военомедицинската академија во Софија потврдија дека повредениот е пренесен во главниот град на Бугарија по операцијата во болницата Св. Наум Охридски во Скопје. Вчера тој со лет на државниот авијациски оператор со хеликоптер Ми-8 е пренесен од Скопје во Софија.
-Пациентот е во одлична состојба, со стабилни и високи лабораториски параметри, изваден е од интензивна нега и сместен во стандардна хируршка клиника за завршување на лекувањето и рехабилитација“, соопштија од софиската ВМА.
Андонов беше избоден во скопската населба Чаир непосредно пред мечот на бугарскиот клуб Левски со Шкупи. Се здоби со повреда во пределот на стомакот со лезија на црниот дроб и веднаш беше опериран во УКХБ Св. Наум Охридски во Скопје.