10 Декември, 2024
0.0247

Дебатата меѓу Бајден и Трамп и војната во Украина

Објавено во: Колумни 01 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

Крајот на минатата недела помина во коментари околу тоа кој како поминал на дебатата меѓу американскиот сегашен претседател, Џо Бајден и поранешниот, ДоналдТрамп. Во јавноста претежно доминираа оценките дека Бајден бил „слаб“, дека Трамп „победил“, па дека во таборот на американските демократи ќе треба да бараат нов претседателски кандидат, дека Трамп многу лажел итн., итн...

Прашањата кон најверојатните претседателски кандидати се однесуваа најмногу кон американската внатрешна политика, но не можеше да се помине и со она што се случува во светот. Војните. Беа опфатени три точки. Војните во Украина во Газа, па и опасноста од Трета светска војна. Искажаното од двајцата претседатели заинтригира многу луѓе на кои не им е сеедно кој ќе биде идниот американски претседател. Накратко еве што кажаа Бајден и Трамп.

Што се однесува до Газа и двајцата претседатели ја држат страната на Израел, со тоа што Трамп би ги ставил Израелците да ја завршат започнатата работа до крај. И дека кога тој би бил претседател би немало војна во Газа. Бајден, пак, најави дека ќе продолжи воената поддржка на Израел и дека ќе го турка американскиот план за прекин на војната усвоен во СБ на ОН.

Во поглед на она што се случува во Украина, Бајден рече дека рускиот претседател, Владимир Путин, е воен злосторник, дека убил илјадници луѓе. И тврди дека сака да ја обнови Советската Империја. На Путин не му треба дел од Украина, туку цела Украина. Путин, ако ја освои Украина, нема да остане таму. Што ќе се случи со Полска, Белорусија (ова кажано веројатно по грешка), со земјите од НАТО, праша Бајден.

Трамп во своето излагање околу ова прашање рече дека Бајден и дал повеќе од 200 милијарди долари на Украина. Дека Зеленски секогаш кога доаѓа во САД, заминува со 60 милијарди долари и е најголем трговец. „Парите кои се трошат на ова војна, ние не требаше да ги трошиме. Тоа воопшто не требаше да се случува. Разликата е во тоа што со мене Путин никогаш не би испратил војници во Украина - гарантирано.  И јас, веднаш по изборот за претседател ќе ја прекинам таа војна меѓу Путин и Зеленски, уште пред да стапам на должност“, рече Трамп. Украина изгуби многу војници и цивили, а исто така остана без „прекрасни градови со златни куполи, стари илјада години“. Според Трамп, Бајден ги поставил САД во лоша состојба во односите со Украина и Русија, затоа што Украина не победува во војната. Што се однесува до предлозите на Путин за мир, тие за него не се прифатливи.

ПУТИН НЕ ЗЕЛ БУДИЛНИК

Што се однесува до третата светска војна, Бајден предупреди:„Ако саката трета светска војна, тогаш дајте му да победи на изборите и да му каже на Путин – прави што сакаш со НАТО“. А Трампт, одговори:„ Тој (Бајден) ќе не вклучи во трета светска војна. Ким ЈонгУн, претседателот Шји и Путин не го почитуваат, не се плашат од него. Ние сме многу блиски кон трета светска војна“.

Официјалните реакции од споменатите страни во војната во Украина не чекаа долго. Димитриј Песков, портпаролот на Кремљ, рече дека Путин не зел будилник за да се разбуди утрото да ја гледа дебатата на Трамп и Бајден. Дека дебатата не е главнопрашање на руската агенда. Тој не сакаше да дава претходна оценка за дебатата. „Тоа е внатрешна работа на САД, тоа е нивна изборна кампања“. Песков вети дека ќе се запознае со сите изјави на американските официјални лица,  после резултатите од дебатата.

Официјална оценка на дебатата во Украина отсуствуваше, но експертите предупредуваат. Па нагласуваат дека “набљудувачите во Украина, претседателската дебата ги потсети дека изгледите ДоналдТрамп да се врати на функцијата претседател на САД се сосема реални. И, знаејќи ги особеностите на светогледот на републиканецот и неговиот однос кон руско-украинската војна, неопходно е да се подготвиме за оваа перспектива сега“. Во Киев ги отфрлија предлозите на советниците на Трамп за мир во Украина, кој предвидува прекин на воените дејства на моменталната линија на фронтот.  Потоа и преговори. Ова е во противречност со формулата на Зеленски , која предвидува повлекување на руските војски на границата од 1991 година. 

Доколку Украина не сака да преговара тогаш би и била стопирана секоја воена помош. А на Русија би и било кажано дека доколку не преговара, тогаш Украина ќе биде „поплавена“ со американско оружје.

ПРЕГОВОРИ СО РУСИЈА

Во Украина веќе мириса на подготовки за евентуалното доаѓање на Трамп на чело на САД. Зеленски пред некој ден рече дека годинава ќе биде подготвен план за крај на војната. План кој би бил поддржан од мнозинството земји во светот. Истовремено, покрај дипломатијата би се одело на добивање воени успеси. Веќе се зборува за украинска подготовка на есенска офанзива. Да му се покаже на Трамп, а и на Бајден, дека еве Украина е способна за воени успеси. Гледано од денешен аспект, новиот план треба да води сметка за реалност на теренот и расположението во светот кон војната. Па може да дојде до корекција на „формулата за мир на Зеленски“. Не е исклучена и варијантата Бајден, ако остане кандидат за претседател да се обиде да стави крај на војната, но тешко дека тоа би се остварило, имајќи ги предвид ставовите на Путин за такво нешто. Да потсетиме дека Путин на 14 јуни, во предвечерието на меѓународната конференција во Биргеншток, во Швајцарија, за мир во Украина, излзезе со ставови дека еден од условите за преговори се предавање на четирите украински области, Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје, на Русија, и тоа во целост. Русија бара и укинување на западните сенкции.

Вчера украинскиот претседател во интерву за PhiladelphiaInquirer прозборе и за преговори со Русија. Според него, можни се преговори меѓу Украина и Русија преку посредници, што може да биде која било земја, по аналогија на договорите за коридорот за жито, изјави украинскиот претседател Владимир Зеленски во интервју. „Украина може да најде модел [на преговори] во кој, во согласност со релевантните документи, чекори и модалитети, може да се најде решение. <...> Кога има претставници кои подготвуваат решение за оваа или онаа криза, и тогаш со овој документ, доколку ја задоволи Украина, мора да се занимаваат претставници на Руската Федерација. Засега го имаме само овој модел“, рече тој, одговарајќи на прашањето дали Киев може да води преговори со рускиот претседател Владимир Путин.

Сличен модел, појаснува Зеленски, бил користен за потпишување договори за коридорот за жито: во јули 2022 година, Киев и Москва одделно потпишаа договори со ОН и Турција, со кои се дозволи извоз на жито од украинските пристаништа. Договорот функционираше околу една година, а потоа Русија се повлече од него, велејќи дека одредбата за олеснување на извозот на руските земјоделски производи не е спроведена.Според Зеленски, сличен модел може да се користи за решавање на прашањата за „територијален интегритет, енергија и слобода на навигација“. Претставниците на земјите „од кој било континент“ можат да дејствуваат како посредници. „Не само Европа и Соединетите Држави [се партнери на Украина], туку и [земји] од многу континенти, вклучително Азија, Пацификот, како и Африка, Латинска Америка“, рече украинскиот претседател. Во интервјуто, Зеленски рече дека преговорите со Русија се можни само врз основа на неговата предложена „мировна формула“, која вклучува, особено, враќање на границите од 1991 година и повлекување на руските трупи од украинска територија.

СТАПИЦА ЗА ЗЕЛЕНСКИ

И додека Зеленски зборува за неговата формула, експерти од неговата околина веќе тврдат дека Украина нема да се смета за губитник, дури и ако изгуби дел од своите територии. Тоа го рече политикологот, Владимир Фесенко, во интервју со ТВ водителката Наталија Мосејчук. „На луѓето треба да им се објасни: оној што го задржува главниот град, поголемиот дел од териториите и пристапот до морето, не ја губи војната“, рече Мосејчук.Фесенко се согласи со неа и додаде дека „дури и Бајден ни кажува за ова“. „Нашиот главен интерес не е само да ги вратиме териториите, ние мора да ја зачуваме државата, а териториите може да се вратат подоцна, а сега е главното - внесување на државата во ЕУ Ова е формулата за нашата победа“, рече политикологот.Во исто време, политикологот смета дека противниците на претседателот Зеленски се обидуваат да го турнат во „стапица“, каде без разлика каков чекор ќе преземе, сепак ќе изгледа како губитник: „Тие велат: мора да склучиш мир, бидејќи е невозможно да се добие војната, поради неспоредливоста на ресурсите. Но ако се согласи да склучи мир со Русија, тогаш е готово, ти си предавник, ќе те жигосаме, ја изгуби оваа војна“.

Фесенко претпоставува дека на тој начин противниците на Зеленски не се против намалувањето на Украина „до големината на Галиција“, сè додека остануваат таму „атамани“. Мосејчук додаде дека во исто време Зеленски е напаѓан од Запад, што, пак, ја покренува темата за корупција и растечката моќ на шефот на Офисот на претседателот Андреј Јермак. Фесенко одговори дека нападите врз Јермак, всушност, значат напади врз Зеленски и имаат за цел „да ја поткопаат структурата на моќта што историски се развива околу Зеленски“.

Ставовите на Фесенко, па и на новинарката Мосејчук, зборуваат дека во Киев веќе се зборува за преговори. Дотолку повеќе што Фесенко тврди дека „дури и Бајден ни кажува за ова“. А тоа е Украина да се согласи на територијални отстапки, бидејќи ќе го има главниот град, излез на море и поголемиот дел од територијата...За волја на вистината досега немам сретнато таква изјава на Бајден, но  може да се претпостави дека неговите емисари, кога доаѓаат во Киев, пренесуваат некакви ставови на американскиот претседател, кои пак не им се допаѓаат на Украинците.  Така беше и при последната посета на државниот секретар , ЕнтониБлинкен. Украинските медиуми тогаш пишуваа дека украинското ракододство не било многу задоволно од тоа што им зборувал Блинкен. А Бајден можеби праќа такви пораки со намера пред ноемвриските избори да склучи некаков мир со Русите. Со што би му исфрлил адути на Трамп од рацете, кога станува збор за Украина.

Едно се плановите и рaзмислувањата во власта, а сосема друго е расположението во јавноста или во војската, кога станува збор за територијалните отстапки. Анкетите покажуваат дека во Украина расте бројот налуѓетокоисезакомпромиссоРусија, носе’уштенад 55 процентисеза продолжување на војната. Оттука и интервјуто на Фесенко може да се сфати и како подготовка на јавноста за нешто што може да се случи наредниве месеци. А што нема да биде по волја на мнозинството. Тука сигурно спаѓаат и некои воени команданти. Па така, началникот на штабот на воената група „Азов“, основана и главно составена од украински радикали, Богдан Кротевич, како да се препозна во „атаманите“ на Фесенко. И на Х (поранешен Твитер) се јави со закани за оние кои се за прекин на војната на линијата на фронтот. Кротевич напиша: „ Никаков мир без победа. Победата е само едно – ниту еден руски војник на територијата на Украина. Ние оваа војна нема да им ја оставиме на потомците и вие исто така нема да ја оставите, затоа што, ако пробате , ќе биде лошо. И вам и ним. Дури и ако ова е “пробен балон“, немојте да сте помислиле. Напишав воздржано“. Инаку, Кротевич, пишувавме минатата недела, го обвини генералот Јуриј Содољ, командант на обединетите војски, по што Зеленски го смени генералот.

Ваквиот развој на настаните не ветува ништо добро за Украина. Најавува раздор во општеството. Како ќе се развива ситуацијата знаат само Американците. Кои, како и на многу други држави-протекторати, учествуваат во кроењето на нивната судбина. Инаку, во Украина во тек е „подземен“ судир на власта со кадрите кои имаа голема поддршка од Западот, а некои од нив директно, прескокнувајќи ја владата контактираа со американската амбасада во Киев. Дел од нив беа сменети од функциите, а дел си поднесоа оставки. Многу е битно во сегашната ситуација за кого ќе се одлучи американската амбасада. Дотолку повеќе што власта станува „алергична“ на невладините организации, кои, пак, главно работат со западна помош.

За октомври е најавена нова дебата на Трамп и Бајден. Најверојатно до тогаш многу работи ќе бидат појасни. А и Украинците ќе имаат доволно време да се подготват за дочек на идеите на ново (стариот) претседател.

Мирче Адамчевски

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Асад избега – што ќе биде со Сирија, Блискиот Исток и војната во Украина

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии

Чекајќи го Трамп – Зеленски за членство во НАТО ќе даде и територии