БУЈАР ОСМАНИ „ДОЛЕТА“ ВО АТИНА - во делегацијата со Заев се и Битиќи и Димитров
Објавено во: Македонија 15 Септември, 2020
Новиот министер за надворешни работи Бујар Османи веќе слета во Атина.
Тој за ова свое службено патување, прво како министер за надворешни работи, веќе се пофали на својот фејсбук профил, најавувајќи ги средбите што таму ќе ги оствари.
„Првото слетување во новиот мандат, во Атина. На средби со Претседателката, премиерот и министерот за надворешни рсботи на пријателска Грција. Преспанскиот договор ги претвори нашите меѓусоседки односи во сојуз и партнерство“, напиша министерот Османи на фејсбук.
Како што е познато, Османи е во владината делегација заедно со премиерот Зоран Заев, кој од денеска ја започнува дводневната работна посета на Грција, а утре ќе учествува на панел дискусија во рамките на конференција на Економист „24-та тркалезна маса со грчката Влада“, ќе има работен ручек со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис, и ќе оствари средба и со претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу.
Како што јави МИА, заедно со Заев се и вицепремиерите за економски прашања и за координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, и за европски прашања Никола Димитров, како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Како што соопштија од владината прес служба, премиерот, на маргините на конференцијата ќе има и повеќе средби со бизнисмени и претставници на грчката бизнис заедница, додека пак Битиќи и Димитров ќе се сретнат со нивни колеги од Владата на Грција, а Османи ќе оствари работна средба со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас.
Утре наутро, премиерот ќе учествува на панел дискусија посветена на Западен Балкан, односно на вториот ден од конференцијата на Економист, а подоцна во текот на утрешниот ден ќе се сретне со Сакеларопулу и ќе има работен ручек со неговиот грчки колега.
Во однос на средбата со Мицотакис, портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека европската перспектива, билатералните односи, како и темите што произлегуваат од Договорот од Преспа, односно комисиите и сл, ќе бидат дел од прашањата за кои ќе разговараат двајцата премиери.
Пецас истакна дека е многу важно што ќе постои можност за разговори, по изборите кај нас и додаде дека „најважна е европската перспектива на земјите од Западен Балкан, преку која може да се решат многу прашања“, преку отворањето и затворањето на поглавјата.
Проширувањето на ЕУ и следните чекори, заедно со реформите што треба да се спроведат, како и трговијата и инвестициите, ќе бидат темите за кои утре ќе дискутираат премиерите на Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама, на панел дискусијата посветена на Западен Балкан во рамките на конференцијата на Економист, додека пак за политичката перспектива ќе говорат поранешните министри за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и Јоргос Катругалос, кои сега се пратеници од Нова демократија, односно СИРИЗА.
Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, министри од грчката Влада, меѓу кои и оние за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, шефот на кипарската дипломатија, поранешниот француски претседател Оланд, поранешниот италиански премиер Ренци, амбасадорот на САД во Грција итн.
На ланската конференција на Економист, односно на „23-та тркалезна маса со грчката Влада“, учествуваше тогашниот шеф на македонската дипломатија Никола Димитров.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.