22 Ноември, 2024
0.0308

ЦЕЛОСЕН КОЛАПС НА УГОСТИТЕЛСТВОТО - отпуштањата не можат да се избегнат, бескаматните кредити не се доволни

Објавено во: Економија 20 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Нема никакви приходи, загрозени се платите на вработените, но и работните места. Се бројат загуби и поминати неработни денови, во очекување кога ќе дојде денот кога работите конечно ќе се вратат во нормала.

Угостителството ги живее своите најтешки денови. Превентивните мерки, со кои на рестораните, кафеаните и локалите им е забрането воопшто да работат, го турна на колена угостителскиот сектор. Финансиски штети се бројат секаде во светот, а состојбата многу тешко ја поднесуваат и нашите угостители.

Фактор на оваа тема разговараше со менаџерскиот тим на синџирот ресторани и локали „Тренд“, кои се распоредени во најатрактивните локации на главниот град на земјава, и тоа на Плоштадот Македонија, во Аеродром, во Сити Мол, како и ресторанот „Шпајз“ во Дебар Маало.

„Моменталната состојба во угостителскиот сектор... Како да ја опишеме? Колапс во секаква смисла на зборот. Угостителството не остварува никаков приход, нема приход со кој би се одржале бизнисите, да се исплатат плати и придонеси, кирии, даноци и ред останати тековни трошоци со кои се соочуваат во редовното работење. Угостителскиот сектор по оваа криза ќе трпи уште долго, додека се крене на нозе. Така што состојбата во овој сектор, а верувам и во другите, не е нималку надежна и оптимистичка“, велат за Фактор менаџерите на овие познати локали.

Тие објаснуваат дека во нивните ресторани моменталната состојба е многу лоша, полоша, велат, не била никогаш. Работата уште пред воведување на мерките била падната за 20 отсто споредено со други години, а со воведување на мерките за заштита од министерството за здравство и работното време до 18 часот прометот се намалил за 70 до 80 проценти, за сега, кога локалите воопшто не работат, да биде - нула. 

„Би напоменал дека имаме и Хотел London B&B, кој е моментално исто така под клуч, и сите резервации беа откажани во изминатиот период и за периодот кој следи. Од 15 март до први април имаме откажани 250 резервации-ноќевања. И трендот на откажување продолжува и би стигнал веројатно до некои 1.000 резервации за март и април“, велат од менаџерскиот тим на „Тренд“.

Додаваат дека согласно сите мерки и препораки, се намалила потребата за работници уште пред вонредната состојба и затворањето. Се должи за кирии, давачки, фактури за направени набавки. Бидејќи овој сектор функционира на дневен приход од посетители директно во локалите, и со оглед дека тоа го нема, нема да има ниту за фактури, струја вода, придонеси и плати за работниците кои се дома, за кириите кои се многу високи и слично.

„Кириите со кои нашите компании се соочуваат кон закуподавците и кон Градот изнесуваат околу 40.000 евра на месечно ниво. Бројка, која сериозно не заплашува и не знаеме од каде би можеле да ја исплатиме во момент кога немаме никаква дејност. Дури и да успееме да покриеме трошоци за еден месец, понатаму останува да се заглавиме и да не знаеме како и дали ќе го истуркаме периодот кој следи... А, да не се лажеме, ова и тоа како ќе потрае. Режиските трошоци за струја, вода, плин изнесуваат 16.000 евра само за еден месец“, велат од „Тренд“.

Ја поздравуваат одлуката на Градот Скопје, со која тие навестија дека кириите за терасите ќе се ослободат за овој период, но треба да се има на ум дека тие за овој период се веќе платени, и мерките би требало да потраат до конечно закрепнување на секторот.

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА СО ВРАБОТЕНИТЕ?

„Во нашата компанија, во сите ресторани, има околу 150 вработени, бројка што не е за потценување, а најмногу што во ваква ситуација тие не работат, а би требало да се платат. Оттука, со една проста математичка операција, доколку сите овие работници би останале на работа, нашето задолжување за овој месец, односно 30 дена, би значело да исплатиме околу 40.000 евра при неработење. Во една ваква состојба, неминовно е да се размислува за опцијата на откажување на договорите, исклучиво со цел некако да го одржиме бизнисот, за потоа да има повторно каде да се вратат на работа работниците. Во спротивно, и ние ќе останеме без бизнис, а и работниците ќе останат без работа. Да не споменуваме дека и даноците кои се плаќаат на државата не се за занемарување и огромна штета би било овие угостителски објекти да пропаднат и да не придонесуваат во нашиот буџет“, велат менаџерите на „Тренд“.

„Тренд“ склучил и договори за преземање на работници за критичниот период од  маркетите во Скопје. На сите вработени им е понудена соодветна привремена работа на друго место, со оглед на тоа дека нивните ресторани не работат. 

„Но, мора да кажеме и дека работниците не прифаќаат во ова време да работат други работи. Состојбата и во нашиот сектор е вонредна, но повеќето од работниците сакаат да седат дома и да земаат плата, иако им е понудена опција за работа. Оттука, може да кажеме дека треба да има обострана солидарност, а не целиот товар да се става на работодавците, кои и онака не знаат како ќе опстанат, во една ваква состојба која не знаеме колку ќе трае и со какви последици ќе се соочиме до крајот“, објаснуваат од менаџерскиот тим.

Загубите на месечно ниво би биле огромни, според сите трошоци, се вкупно преку 90.000 евра месечно, а дополнително што секоја од овие компании веќе има и постоечки кредити за одржување на бизнисот, инвестиции за реновирање и слично. Затоа, нагласуваат, на фирмите не им требаат дополнителни кредитни оптоварувања, туку напротив, растоварувања за да опстанат. Колку ќе трае состојбата е невозможно да се прогнозира, но откако ќе заврши, ќе продолжат задолжувањето и кризата во секој сектор во стопанството. 

„Мерките на Владата ги поздравуваме, но сметаме дека не се доволни. Мора да се размисли подлабоко и да се спроведат реални пресметки и реални олеснувања. Имено, кредити, па макар и бескаматни се дополнително оптоварување на компаниите, кои и без тоа се задолжени и “заглавени“. Во поглед на придонесите, што да Ви кажеме. Нашата гранка не врши никаква дејност! Дали од дома треба да се донесат пари за да се платат платите и придонесите. Во моментов можеби има компании кои согласно дејноста се уште работат па имаат каков таков прилив. Овде нема. Со што да се исплатат и тие половина придонеси, како и плата која секако следува. Понатаму, аконтациите нема да се платат сега, но на крајот на годината даноците ќе мора да се платат“, велат овие угостители.

Предлагаат да се размисли во насока на намалување на ДДВ во периодот кој следи за 50 отсто и тоа не за овој период од 30 дена или два месеца, туку мерката да трае дури не застане на нозе целото стопанство. 

„Мора да ги вратиме во игра компаниите, тие се поддршката на државата и тоа мора да се разбере безрезервно. Овие компании кои сега трпат и “заглавуваат“, не само угостителството, туку и сите други дејности, тие се поддршката на буџетот и државата, па тие треба да се приоритет во ова време. Мора да има поддршка.

Ги затворивме рестораните и пред донесувањето на таа мерка со цел заштита и повторно апелираме - седете дома. Колку побргу ја надминеме оваа состојба, толку побргу ќе се вратиме на нормалниот живот , велат за Фактор менаџерите на „Тренд“.

Нина Нинеска-Фиданоска

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

Катар ервејс размислува да ги преземе поранешните А330 на Американ ерлајнс

Катар ервејс размислува да ги преземе поранешните А330 на Американ ерлајнс

UNIQA Insurance Group AG го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Косово и Албанија: Новиот сопственик е Авни Понари сопственик на SIGAL Group Austria

UNIQA Insurance Group AG го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Косово и Албанија: Новиот сопственик е Авни Понари сопственик на SIGAL Group Austria

Бизнисот за финансирање има уште само 15 милиони евра пари од странство додека се чека унгарскиот кредит

Бизнисот за финансирање има уште само 15 милиони евра пари од странство додека се чека унгарскиот кредит

СТОКАТА СЕ ПОВЕЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВА СО КАМИОНИ МЕСТО СО ВАГОНИ – тројно намален превозот по пругите

СТОКАТА СЕ ПОВЕЌЕ СЕ ПРЕНЕСУВА СО КАМИОНИ МЕСТО СО ВАГОНИ – тројно намален превозот по пругите

ДАЛИ ЕТИАС ГАРАНТИРА ВЛЕЗ ВО ЕВРОПА? Ќе се „чешлаат“ апликантите, еве дали ќе добијат дозвола да влезат

ДАЛИ ЕТИАС ГАРАНТИРА ВЛЕЗ ВО ЕВРОПА? Ќе се „чешлаат“ апликантите, еве дали ќе добијат дозвола да влезат

„БАЛОНОТ ЌЕ ПУКНЕ“: Познат инвеститор предупредува дека претстои голем колапс на берзата

„БАЛОНОТ ЌЕ ПУКНЕ“: Познат инвеститор предупредува дека претстои голем колапс на берзата

ОВОЈ ЈУГОСЛОВЕНСКИ МОДЕН ГИГАНТ СЕ СРАМНУВА СО ЗЕМЈА: И Јованка Броз им ги носеше чантите, а имаа 1.300 вработени

ОВОЈ ЈУГОСЛОВЕНСКИ МОДЕН ГИГАНТ СЕ СРАМНУВА СО ЗЕМЈА: И Јованка Броз им ги носеше чантите, а имаа 1.300 вработени

БОЖИНОВСКА ГО НАЧЕКАЛА ЕСМ СО МИНУС ОД 80 МИЛИОНИ ЕВРА: Вели дека во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар

БОЖИНОВСКА ГО НАЧЕКАЛА ЕСМ СО МИНУС ОД 80 МИЛИОНИ ЕВРА: Вели дека во МЕПСО бил вработен несоодветен кадар

ДЕКАТЛОН ВО ОФАНЗИВА - ИНВЕСТИРА 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Ќе има над 150 продавници до 2027

ДЕКАТЛОН ВО ОФАНЗИВА - ИНВЕСТИРА 100 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПРОШИРУВАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА: Ќе има над 150 продавници до 2027