29 Септември, 2024
0.0257

ЦЕЛОСНАТА ОЦЕНКА НА “ФИЧ“: Економијата ќе расте, но политичката состојба е тешка!

Објавено во: Анализа 07 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Државнот долг се очекува да расте, економија и натаму да испорачува позитивни стапки на раст, но политичката состојба во земјата е кревка. Невработеноста се намали, но и натаму останува на високо ниво. Вредноста на владините гаранции за долговите на државните фирми изнесува 8% од БДП. Ова се дел од поентите во новата оценка на кредитната агенција „Фич“ посветена на Македонија. Американската агенција го потврди рејтингот на Македонија со непроменета оценка од ББ+.

Што пишува во извештајот на “Фич“?

Издавањето на Еврообврзницата е успешна операција и со парите од ова задолжување ќе се финансира еден дел од оваа 2014-та година, а во 2015-та ќе се враќа кредитот од ММФ во вредност од 220 милиони евра и старата Еврообрзница од 150 милиони евра, оценуваат од кредитната агенција “Фич“.

“Еврообврзницата привремено ќе ги надува девизните резерви на Република Македонија, кои беа во опаѓачки тренд од 2013 година. Сепак, резервите се доволни за да продолжат да ја поддржуваат стабилноста на националната валута“, оценува “Фич“

Во најновиот извештај се анализираат актулените економски, но и политички состојби.

„Македонија успешно издаде седумгодишна EUR500m еврообврзница во јули. Средствата ќе бидат искористени за финансирање на делови од 2014 и 2015 година буџетите и да го отплати EUR150m еврообврзница достасува во 2015 година, како и од ММФ кредит од EUR220m. Во меѓувреме, реалниот БДП продолжи да силно да расте на 3,9% на годишно ниво во првиот квартал од 2014 та. Во 2013 та растот изнесуваше 3,1% и градежниот сектор учествуваше со повеќе од половина во вкупниот раст на БДП. Невработеноста се намали малку, но остана висока на 28,4% во првите три месеци од 2014 та. Големите инфраструктурни проекти ќе продолжат да го поддржуваат растот на БДП, кој се очекува да се движи од 3,5% во 2014 и 3,7% во 2015 година“, пишува во новата оценка на агенцијата “Фич“

Од “Фич“ очекуваат дека Бруто долгот на општата Влада ќе расте, годинава како резултат на издавањето на Еврообврзницата.

“Динамиката на долговите на Македонија се очекува да биде менаџирана, но како резултат на издавањето на еврообврзницата се очекува дека генералниот долг ќе продолжи да расте до 39 отсто во 2014 година. Владиниот долг се очекува да расте, но ќе остане во „ББ“ линијата во 2015-2016. Но, 80 отсто од јавниот долг е во странска валута, па така и движењето на долгот е високо зависен од стабилноста на валутата“, оценува “Фич“.

Во извештајот се посочува дека дел од владините цели во однос на фискалната политика отстапиле од првичните проекции, односно дека лани бил достигнат буџетски дефицит од 4,1% од БДП иако пртходно бил прокетиран на 3,9% од БДП. Но, се дава и примерот со годинешниот буџет.

“Ребалансот на Буџетот за 2014 година, исто така, вклучува дефицит од 3,9% во однос на 3,5%, кој беше проектиран  во првичниот буџет. Дефицитот веројатно и во наредните години ќе биде над 3%  како резултат на владините фискални стимулации за големи инфраструктурни проекти. Сепак, релативно голем дел од јавните инвестиции се направени преку јавни претпријатија, и со тоа не се одрзуваат на дефицитот. Вкупните владини гаранции за долгот на државните претпријатија се проценуваат на околу 8% од БДП“, посочуваат од кредитната агенција.

Од “Фич“ пргнозираат и поголем раст на дефицитот на тековната сметка на Македонија.

“Растот на извозот ќе продолжи да биде поддржан од извозно ориентираните проекти во рамките на странските директни инвестиции и се очекува пораст на побарувачката од Еврозоната во следните години. Сепак, владината инвестициската програма ќе влијае да се зголеми порастот на увозот, така што трговскиот дефицит на Македонија ќе продолжи да зафаќа речиси 20% од БДП, а ќе биде финансиран главно од страна на големите приливи од приватни трансфери“, анализира “Фич“.

И изборите и политичката криза се најдоа во оценката на кредитната агенција.

“На параламентарните и претседателските избори во април 2014 година повторно победи актуелното мнозинство предводено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.  Сепак, главната опозициска партија, СДСМ, не го признава изборниот резултат и процесот и го бојкотира парламентот. Етничките тензии во текот на летото, исто така, укажуваат на тешка политичка ситуација. Во овој контекст, и во очекување на решавање на “прашањето за името” со Грција, нема значителен напредок кон членството во НАТО и ЕУ, најверојатно, во краток рок“, се вели во Извештајот.

Кои се ризиците?

Како фактори кои позитивно можат да влијаат на вкупната економска клима  се посочуваат очекувањата за силен и одржлив економски раст, подобрување на пазарот на трудот, намалувањето на трговскиот дефицит, решавањето спорови со соседните земји, отворајќи го патот кон членство во меѓународни организации.

Американската агенција “Фич“ предочува и на факторите кои можат негативно да влијаат врз економијата, со акцент на кондицијата на земјата за отплата на долговите, односно загрозувањето на стабилноста на јавните финанасии, потоа пад на македонскиот извоз што може да придонесе за нова рецесија и зголемување на дефицитот на тековната сметка. Како последен фактор кој може да влијае врз оценката за Македонија, според аналитичарите на “Фич“ е влошувањето на политичката клима, или нарушувања во меѓуетничките односи што водат кон продолжена нестабилност.

“Фич претпоставува дека Македонија ќе продолжи да ги остварува зацртаните  монетарни фискални политки во согласност со одржување на стабилна валута. “Фич“ претпоставува дека економијата на ЕУ, најголемиот трговски партнер на Македонија, ќе продолжи да се опоравува постепено“, се констатира во извештајот на “Фич“.

Како Владата го коментира извештајот на „Фич“?

Денешната потврда на стабилниот кредитен рејтинг на  Република Македонија од страна на Фич е навистина големо признание за економските политики и ќе помогне да се задржи добриот имиџ кај инвеститорите, оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Во  потврдата на Фич,  една од двете најпознати светски рејтинг агенции,  посочува Ставрески, најголемо учество имаат секако економскиот раст што го оствари земјата во првиот дел од годината.

„3,9 проценти е меѓу највисоките стапки на раст на БДП во Европа. Фич истакнува дека значајно учество во тоа има градежништвото и јавните инвестиции, односно инфраструктурните проекти што се финансираат од Буџетот, што значи дека ја потврдуваат долгогодишната политика на Владата во услови кога европската економија се уште има кризни моменти и најновите ситуации таму не се баш најповолни. Тоа што инвестираме многу во инфраструктурни проекти и помага на домашната економија“, изјави вчера Ставрески.

Фич, исто така, ја истакнува и стабилноста на фискалниот сектор, на јавните финансии, ефикасното трошење на средствата во делот на капитални проекти, како и добрата бизнис-клима. Сите тие работи, наведува вицепремиерот, се позитивни и потврдуваат дека Македонија здраво ги има поставено основните економски политики и на најдобар можен начин се справува со предизвиците во овие тешки времиња во коишто минуваме во последните неколку години.

„Оваа оценка на Фич ќе помогне да се задржи и добриот имиџ на Македонија кај инвеститорите. Инвеститорите внимателно следат што е оценката на Фич, на Стандард и Пурс и на слични агенции и од тој аспект очекувам и натаму ова да стане поттик за нови странски инвестиции, како и можност Република Македонија да добива меѓународни финансиски средства по поволна цена“, рече Ставрески.

Д.А.