Чебрен и Галиште неатрактивни за инвеститорите, ниту една фирма не достави понуда за нивна изградба!
Објавено во: Македонија 15 Април, 2013
„Ниту еден од заинтересираните инвеститори не достави понуда. За исходот ќе ја известиме Владата од каде што треба да одлучат што понатаму во однос на реализацијата на овој проект“, велат за Фактор од Министерството за животна средина.Како што веќе објави Фактор, Владата минатата година одлучи да ги прифати долгогодишните сугестии од заинтересираните инвеститори и ги предимензионира браните, на Чебрен од 180 метри на 192 метри, додека браната на хидроцентралата Галиште ќе се намали на 130 метри, наместо досегашните 141 метар. Од новиот инвеститор ќе се бара да понуди не помлаку од 39% удел на ЕЛЕМ во заедничката фирма со потенцијалниот инвеститор. Детаљите од новиот тендер за Чебрен и Галиште покажуваат дека ЕЛЕМ ќе треба да ги преземе сите инвестиции за реализација на проектот. Токму учеството на ЕЛЕМ во заедничката фирма до сега беше пречка меѓу Владата и инвеститорите. Според информации од Владата, најатрактивно за инвеститорите ќе биде ако во заедничката компанија, веќе постоечката хидроцентрала Тиквеш им се даде на инвеститорите три месеци по почетокот на изградбата на ХЕЦ Чебрен. По одобрувањето на проектот и добивањето градежна дозвола, потенцијалниот инвеститор ќе мора да го изгради Чебрен за седум години од денот на почетокот на градбата, пишува во најновата тендерска документација за изградба на овие две најголеми хидроцентрали кои треба да се градат на Црна река, кај Мариово. Последните проценки покажуваат дека изградбата на Чебрен и Галиште ќе чини близу 500 милиони евра. Доказ дека Чебрен и Галиште и тоа како го пробиваат рокот за изградба проектиран од МАНУ, а прифатен од Владата е самата енергетската стратегија на Македонија за следните 20 години, според која овие две значајни електрани на Црна река, кај Мариово треба да почнат да ги произведуваат првите киловат часови струја веќе од 2018 година. Изградбата само на ХЕЦ Чебрен би била околу седум години. Годишното производство на овие електрани се проценува на 1.100 гигават-часови струја, што е речиси половина од потребите за струја на земјава кои се задоволуваат од вода. На последниот тендер, токму грчки ППЦ беше во “мртва трка“ со кинеската корпорација ЦВЕ за изградба на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, но нивните обиде беа залудни. Владата го поништи тендерот бидејќи не беше задоволна од понудите. К.П